Министерката за образование Мила Царовска најави дека учениците од прво до трето одделение кои ќе присуствуваат на наставниот процес кој ќе почне на 1 октомври ќе имаат часови кои ќе траат 30 минути, а во училниците нема да бидат повеќе од 20 деца кои ќе треба да носат маски. Меѓу учениците ќе има најмалку 1,5 метри дистанца.
– Владата го донесе планот за почеток на училишната година според кој школската година ќе почне на 1. октомври според строго пропишани протоколи по кои ќе се одвива наставата со физичко присуство. Настава со физичко присуство ќе може да посетуваат децата од прво до трето одделение, со дозвола на родителите. Учебната година може да почне со комбиниран модел и секаде каде што се исполнети условите од здравствените протоколи наставата ќе се реализира со физичко присуство во училиштата, независно од одделението и возраста на децата, предвидува Планот за почеток на учебната година што го усвои денеска Владата на својата прва седница – рече Царовска.
Минстерката ги повика сите директори на училишта кои смеатаат дека имаат услови да почнат со настава со физичко присуство на учениците, да достават барање до 10 септември.
Во периодот потоа неколку надлежни инспекторати ќе треба да ги проверат условите и да одобрат организирање настава.
– Ги повикувам општините да ги известат родителите и наставниците да ги разгледаат понудите и протоклите и комбинираната настава. Владата формираше комисија која ќе проценува како ќе се одвива наставата- вели Царовска. Наставата со физичко присуство само до 20 деца, со час од 30 мин. Во средно наставата 35 минути. Одморот ќе трае 15 минути, а одмор меѓу часови ќе има од 5 мин – рече министерката.
Таа појасни дека и средните стручни училишта ќе може да организираат настава со физичко присуство на учениците кои имаат предвидено пракса во училиште или во комапании.
До 15 септември нема да се знае колку и кои точно ученици ќе тргнат во училиште, затоа што ќе треба да се добијат најпрво барањата од директорите, па да поминат инспекциите и комисиите, па потоа да добијат дозвола за организирање настава со физичко присуство.