ЦАРИНИТЕ НА ТРАМП ГО НАМАЛИЈА АМЕРИКАНСКИОТ БУЏЕТСКИ ДЕФИЦИТ Но, проблем се приходите од даноците
Министерот за финансии на САД Скот Бесент изјави дека сака да го намали дефицитот на 3% од БДП преку поттикнување на економскиот раст и намалување или ограничување на трошењето
Буџетскиот дефицит на САД се намали за 41 милијарда долари на 1,775 милијарди долари во фискалната 2025 година како резултат на зголемувањето на приходите од царините и намалувањето на трошоците за образование кои помогнаа да се компензираат повисоките трошоци за здравствена заштита, пензии и камати за долгови, соопшти Министерството за финансии на САД.
Ова е резултатот за фискалната година што заврши на 30 септември,. Во фискалната 2024 година, буџетскиот дефицит изнесуваше 1.817 милијарди долари.
Буџетскиот дефицит на САД со тоа беше намален за прв пат од 2022 година, кога завршувањето на програмите за помош поради ковид-19 ги намали трошоците.
Вкупните буџетски приходи за фискалната 2025 година изнесуваа рекордни 5.235 илјади милијарди долари, што е за 317 милијарди долари или 6% повеќе во споредба со фискалната 2024 година, а расходите беа исто така рекордни, достигнувајќи 7.010 милијарди долари, што е раст од 275 милијарди долари или 4% во споредба со претходната година.
Помалиот буџетски дефицит во 2025 година беше потпомогнат од рекордни нето царински приходи од 195 милијарди долари, или 118 милијарди долари повеќе од претходната година, директен резултат на царините на Трамп. Но, податоците покажуваат дека се намалени приходите од данокот на добивка од корпорации кои паднаа за 79 милијарди долари, на 486 милијарди долари.
Министерот за финансии на САД Скот Бесент изјави дека сака да го намали дефицитот на 3% од БДП преку поттикнување на економскиот раст и намалување или ограничување на трошењето. Сепак, аналитичарите велат дека најновите податоци укажуваат на мал напредок кон таа цел.
-Повеќето промени во фискалната политика едноставно ги заменуваат даночните приходи и трошењето со други извори, без да го намалат дефицитот. Значи, сè уште сме на многу неодржлив пат – изајви Кент Сметерс, директор на аналитичката група „Пен Вортон Буџетски Модел“ на Универзитетот во Пенсилванија.
За целата фискална 2025 година, Министерството за образование претрпе најголемо намалување на расходите, за 233 милијарди долари, или 87 проценти во споредба со претходната година, на само 35 милијарди долари.
Тоа намалување и повисоките приходи од царина го прикрија континуираниот раст на расходите за пензии, здравствени програми на Медикер и Медикејд и каматата за федералниот долг на САД.
Расходите за камати, на пример, достигнаа рекордни 1.216 милијарди долари, што е зголемување од 83 милијарди долари, или 7 проценти, во споредба со фискалната 2024 година, што ја прави втора најголема ставка на расходи по Социјалното осигурување. Расходите за таа програма достигнаа 1.647 милијарди долари, или зголемување од 127 милијарди долари или 8 проценти во споредба со претходната фискална година.