ЦАРИНАТА ЗА 6 МЕСЕЦИ НАПЛАТИЛА РЕЧИСИ ЕДНА МИЛИЈАРДИ ЕВРА Николовски најави дека до крај на месецов дневно ќе се наплаќаат и по 8 милиони евра
Директорот на Царината вели дека вкупно на крајот на годината наплата на царинската управа ќе се зголеми за 106 милиони денари во однос на лани.
Од 1 јули до 16 декември Царинската управа наплатила 60,4 милијарда денари (982 милиони евра) што е зголемување на наплатата за 6,4 % во однос на цела 2023 година, информира денеска директорот на Царината Бобан Николовски на седница на Клубот на извозници во Стопанската комора.
Тој рече дека Царинската управа во овој период презела повеќе активности за подобрување на работењето како и олеснување на протокот на стоки и услуги што е од значење на извозниците и е дел од политиката која се темели на два столба: економска трансформација на Царината и сузбивање на криминалот и корупцијата.
-Кумулативно на годишно ниво, заклучно со 11 декември Царинската управа наплати приходи кои се еднакви на цела 2023 година. Од 12 декември до крајот на годината ние ќе наплаќаме по 500 милиони денари дневно. Вкупно на крајот на годината ќе имаме наплата зголемена за 106 милиони денари поголема од ланската – рече Николовски.
Тој информира и дека преземени се мерки за сузбивање на нелегална трговија. Во истиот период имало 242 случаи на запленета стока што е двојно повеќе од лани. поднесени се 55 кривични пријави или три пати повеќе од лани кога имало само 16.
Николовски рече дека во прилог на олеснување на протокот на стоки реализирани се неколку проекти како паметни граници, автоматизација на терминалите, отворање на нови терминали. усогласување со системите во ЕУ.
– Започнавме нов едношалтерски систем, реконструкција и надградба на премините Деве Баир и Ќафасан, имплементиран е систем за видеонадзор, започнавме систем за автоматизацијата на терминалите. Работиме на имплементација на системот ЕОРИ 2, а наскоро ќе биде пуштен и системот на НЦТС 5, замена на рампите со дигитални итн. Исто така, клучна е редовната комуникација со економските оператори во насока на унапредување на постоечките мерки, но и креирање нови мерки со цел зголемување на конкурентноста на македонската економија – рече тој.