ЦАРИНАТА ВОВЕДУВА ЕДИНСТВЕН ИДЕНТИФИКАЦИСКИ БРОЈ „EORI“ Со грант од 14 милиони евра од ЕУ реализира и други реформски проекти

Се работи и на проектот за Автоматизација на царински терминали со кој, како што велат од Царината, се издигнува на ниво на модерна европска царинска служба, овозможувајќи целосна модернизација на процесите.

55

Царинската управа со грант од ЕУ имплементира клучни реформски проекти  вредни 14 милиони евра, чија цел е забрзана интеграција во единствениот пазар на Унијата и зголемување на конкурентноста на македонската економија.

Како што соопштија од Царината, се работи за неколку проекти кои треба да го модернизираат работењето.

„Суштински чекор е воведувањето на единствен идентификациски EORI број за компаниите и за физичките лица, со кој се воспоставува унифициран систем за идентификација на економските оператори и физичките лица во царинските постапки. Системот овозможува поефикасно управување со царинските процеси и подобра идентификација во случај на потенцијални закани. По успешно спроведениот пилот-проект, следува тест фаза, по што ќе започне и официјална примена на системот, со што државата целосно се усогласува со европските царински стандарди во овој домен“, се наведува во соопштението.

Паралелно со овој проект се работи и на проектот за Автоматизација на царински терминали со кој, како што велат од Царината, се издигнува на ниво на модерна европска царинска служба, овозможувајќи целосна модернизација на процесите.

-Во моментов во тек е евалуација на понудите од распишаниот меѓународен јавен повик за набавка на опрема чија имплементација значително ќе го забрза транспортот, особено на најфреквентните гранични царински терминали – велат од Царинската управа.

Дел од проектите се финансираа и преку  ИПА програмата „ЕУ против организиран криминал и поддршка на трговијата”, со грант средства од два милиони евра.

„Со нив ги зајакнуваме капацитетите на Секторот за контрола и истраги со нови специјализирани возила, опрема, како и нов ИТ систем за поефикасно менаџирање на кривичните предмети“, се наведува во соопштението.

Со ЕУ- поддршка се работи и реконструкција и модернизацја на царинските премини.

– Се работи на возобновување на граничниот премин Маркова нога со Грција, воспоставување нов граничен премин Клепало и реконструкција и модернизација на граничниот премин Делчево со Бугарија.

Во рамки на реформите за побрза интеграција во Европската унија и Планот за раст, Царинската управа активно работи на надградба на транзитниот систем преку воведување на фаза 6 од Новиот компјутеризиран транзитен систем, за кој се обезбедени средства од државниот буџет. Со неговата имплементација дополнително ќе се забрза протокот на движење на стоките, овозможувајќи сите безбедносни податоци да се проверат уште пред стоката да пристигне на граница, со што значително се скратуваат процедурите на самите премини.

Поврзани содржини