ЦАР АПЛИЦИРА, ГОВЕДАР РЕГИСТРИРА После „Цар Борис“ во Охрид, доаѓа „Цар Фердинанд“ во Богданци

Слично како и при регистрацијата на културниот центар во Битола, „Иван Михајлов“, Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис Трети“ од Охрид е регистрирано од надлежната институција, без притоа да се испочитува законот и да се побара позитивно мислење од Министерството за правда. Како ќе биде со новото здружение во Богданци?

4,765

Од Министерството за правда информираа дека до нив не било доставено барање за добивање позитивно мислење во постапката за регистрација на здружението „Цар Борис Трети“, кое во Централен регистар е регистрирано во текот на минатата година.

Слично како и при регистрацијата на културниот центар во Битола, „Иван Михајлов“, Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис Трети“ од Охрид е регистрирано од надлежната институција, без притоа да се испочитува законската регулатива, односно да се побара позитивно мислење од Министерството за правда.






Инаку, Eврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија вчера издадоа соопштение во јавноста, во кое порачаа дека се згрозени и навредени од регистрaцијата на Здружението „Цар Борис III“ во Охрид, како и од леснотијата со која во нашата држава се глорифицираат нацизмот, фашизмот и се шири говорот на омраза.

„Очигледно е дека зачестија регистрации на здруженија со бугарска самосвест кои носат називи на докажани соработници на нацистичка Германија. Тоа е свесна провокација и навреда за Еврејската заедница, навреда за македонската држaва и за нејзините граѓани… или некој можеби мисли поинаку, дека на овој начин, со промоција и величење на фашизмот и нацизмот, се зајакнуваат добрососедските односи“, беше наведено во нивното соопштение.

На Фејсбук-страницата на „Цар Борис Трети“ беше подоцна објавен демант со кој се негира антисемитизмот на Здружението.

„Во врска со ширењето невистини за нашето здружение ја информираме јасноста со тоа што се оградуваме дека сме неонацистичко здружение, немаме никаква соработка или било какви намери со антисемитски движења. Со голема почит кон еврејскиот народ и жал за работите кои се случувале во минатото, заедно да чекориме во иднината на нашата татковина Македонија кон европските вредности со почит и разбирање. Нашето здружение е формирано за зачувување и негување на бугарската култура со почит кон ликот и делото на Цар Борис III обединител“, се вели во дел од соопштението на „Цар Борис Трети“.

Според тоа што е објавено на социјалните мрежи од извесен Виктор Стојанов од Фондацијата Македонија од Бугарија, наскоро треба да очекуваме и промоција на уште едно бугарско здружение кое ќе се отвори во Богданци и ќе го носи името „Цар Фердинанд“.

По водство на Борис Трети, кој во бугарската историографија е познат како „Царот обединител“, Бугарија се приклучила кон Тројниот пакт на нацистичка Германија, фашистичка Италија и милитаристичка Јапонија. Тој во април 1941 година дозволил германските сили од територијата на Бугарија да извршат агресија врз Кралството Југославија, по што за награда добил територии од распаднатата југословенска држава и од Грција, вклучително и голем дел од Македонија. Умрел неочекувано на 28 август 1943 година, набрзо по неговата посета на Хитлер. На престолот го наследил син му Симеон Втори, кој останал на чело на бугарската држава до септември 1946 година, а од јули 2001 до август 2005 година беше премиер на Бугарија, под името Симеон Сакскобурготски.

КОЈ БИЛ ЦАРОТ ФЕРДИНАНД?

Фердинанд Сакс-Кобург-Готски бил цар на Бугарија во периодот од 1908 до 1918 година. Тој бил син на принцот Август Сакскобурготски и на принцезата Клементина Бурбонско-Орлеанска, ќерка на последниот француски крал Луј-Филип. По падот на Стефан Стамболов и Мелничкото востание, кнезот Фердинанд бил признаен за законит владетел.

На 22 септември 1908 година, во црквата „Свети Четириесет маченици“ се одржала грандиозна верска свеченост на која била прогласена независноста на Бугарија, а Фердинанд I бил прогласен за „цар на Бугарите“, со што била возобновена титулата од Првото и Второто Бугарско Царство.

На крајот од Првата светска војна, Фердинанд знаел каков ќе биде односот на сојузничките сили и ги надитрил сите за да не им овозможи да биде срамно соборен. На 3 октомври 1918 година, Фердинанд I абдицирал во корист на својот најстар син Борис.

Остатокот од животот го поминал во прогонство, живеејќи во градот Кобург во Германија. Патувал и низ Јужна Америка и источна Африка, а се обидувал и да се врати во Бугарија, но неговиот син, Борис, тоа никогаш не му го дозволил.

 

 

Поврзани содржини