ЦАНОСКИ ОБВИНИ ЗА ЗЛОСТОРНИЧКО ЗДРУЖУВАЊЕ Ќе застари и „ТНТ“

Апелациониот суд реагираше дека на прес-конференцијата на Цаноски биле изнесени низа невистини.

686

Компанијата „Фине“ на бизнисменот и политичар Фијат Цаноски денеска на прес-конференција обвини дека се подготвува нов судски преседан на Апелациониот суд, во кој, тврди тој, директно е вклучен судијата известител и претседател на советот за предметот „ТНТ“, Ѓоко Ристов.

– Судскиот процес „ТНТ“ на 20 мај 2022 година заврши со кривична пресуда во која беа осудени неколкумина, помеѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски. На 8 мај 2023 година е одржана јавна седница на Апелациониот суд за овој предмет. Иако рокот за да се донесе Одлука после одржаната Јавна седница е 60 денови согласно ЗКП, судијата известител и претседател Ѓоко Ристов и со надминати рокови свесно се уште не го става предметот на гласање, иако пресудата мора да го носи датумот на одржаната јавна седница 8-ми мај 2023 година – истакна Цаноски.






Тој додаде дека Ристов има наредба од некого и затоа, рече, тоа е организиран криминал и  е поврзана поголема група којашто има некои други интереси.

– Обвинителството да направи истрага и да види кои се тие, тоа е злосторничко здружување  – обвини Цаноски.

Според „Фине“, на веб страницата на Апелациониот суд незаконски е закажана нова јавна седница во утре со почеток во 9.30 часот.

– Со новата седница се прави обид да се оживее предметот иако правно завршен, притоа, ако истата се оддржи, ни дава за право да веруваме дека се врши преседан со прекршување на законот од страна на известителот и претседател на совет за предметот ТНТ, сè со една единствена цел, а тоа е да се констатира застарување на овој предмет. Судијата известител и претседател на совет со ваквите дејствија оди во насока на спасување на осудените лица но на огромна материјална штета на ТД „Фине“ – велат од компанијата.

Апелациониот суд реагираше дека на прес-конференцијата на Цаноски биле изнесени низа невистини. Тие соопштија дека случајот во ноември 2022, преку електронскиот систем АКМИС, бил распореден кај судијата-известител Енвер Беџети. Тогашната в.д. претседателка на скопска Апелација Лидија Дамчевска во декември направила распоред за работа со кој судијата Ѓоко Ристов е распореден да претседава со совет од петмина судии.

Случајот „ТНТ“ се однесува за уривањето на комплексот „Космос“ на инвеститорот Фијат Цаноски.

За делото се обвинети повеќе лица, меѓу кои и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и тогашниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски.

Поврзани содржини