Бурата околу името на ќерката на Хари и Меган не се смирува: Принцот го тужи Би-би-си, а целата земја се прашува само една работа!
Нов скандал ја тресе Велика Британија и, секако, повторно во епицентарот е бунтовниот принц Хари! Бурата околу името на новородената ќерка на Хари и Меган не престанува и сите се прашуваат само во една работа – дали ја прашале кралицата или не?
Принцот Хари се закани дека ќе го тужи Би-би-си заради известувањето дека тој и Меган Маркл не се консултирале со кралицата Елизабета Втора околу тоа дали својата ќерка ќе ја наречат Лилибет, инаку интимен прекар на самата кралица.
Извор од Палатата вчера му рекол на дописникот на Би-би-си Џони Дајмонд, експерт за прашања на монархијата, дека кралицата „никогаш не била прашана“ за мислење за името на бебето, особено затоа што станува збор за прекар на кралицата од нејзиното детство.
Хари, 90 минути по објавувањето на извештајот, возвратил со соопштение на блискиот пријател, Омид Скоби, во кое се инсистира на тоа дека кралицата била првата личност на којашто принцот Хари ѝ се јавил по раѓањето на неговата ќерка. Скоби исто така изјавил дека парот никогаш не би ја нарекол својата ќерка на тој начин доколку кралицата не го дозволила тоа.
Хари отишол чекор понатаму заканувајќи му се на Би-би-си дека ќе преземе правни мерки против медиумската корпорација. Известувањето за правните мерки пристигнало со внимателно срочено соопштение кое поставило многу повеќе прашања пред да се одговори на она клучното: дали била консултирана кралицата и дали дала дозвола или едноставно била само известена за името. Во соопштението се инсистира на тоа дека извештајот на Би-би-си е целосно неточен и се напоменува дека „војводата од Сасекс разговарал со семејството пред да ја извести јавноста и дека неговата баба била првата личност од семејството на која ѝ се јавил“. „Во текот на тој разговор, тој рече дека се надева дека ќе ја именува својата ќеркa Лилибет во нејзина чест. Ако таа не се согласеше, немаше да ѝ го дадат тоа име“.
Би-би-си потоа го измени извештајот, но во него и понатаму стои дека кралицата не била прашана за името на бебето. Цитатот на Дајмонд од изворот од Бакингемската палата сè уште стои во текстот. И покрај силната осуда на Хари за текстот на Би-би-си, Бакингемската палата одби да коментира за „Дејли мејл“ дали приказната е вистинита или не.
Да потсетиме, принцот Хари и Меган Маркл минатиот петок добија ќерка, која ја нарекоа Лилибет „Лили“ Дајана Маунтбатн-Виндзор. Бебето е родено во 11 часот и 40 минути во болницата Санта Барбара во Калифорнија. И мајката и детето се здрави и се чувствуваат добро, беше објавено тогаш.
Парот рече дека на своето второ дете му го дале името Лилибет по прекарот коешто кралското семејство го има за кралицата Елизабета, прабаба на бебето, со што ѝ оддале почит. Средното име на девојчето е избрано во чест на нејзината покојна баба – трагично загинатата принцеза Дијана.
ФОТО: EPA / Chris Allerton / copyright Susse