БУНТОВНИЦИТЕ ВО СИРИЈА ЦЕЛА ГОДИНА СЕ ОРГАНИЗИРАЛЕ ДА ГО СОБОРАТ АСАД Операцијата ја нарекле „Одвраќачка агресија“

Командантот на ХТШ, Абу Хасан ал Хамви вели дека бунтовниците пред една година почнале да подготвуваат воена операција во која била ангажирана нова единица со беспилотни летала и била постигната тесна координација меѓу опозициските групи низ Сирија.

794

Сириските бунтовници една година се подготвувале за соборување на режимот на претседателот Башар ал Асад, откри денеска командантот на водечката бунтовничка група Хајат Тахрир ал Шам (ХТШ), Абу Хасан ал Хамви.

Во првото интервју за странски медиуми, тој рече дека бунтовниците пред една година почнале да подготвуваат воена операција во која била ангажирана нова единица со беспилотни летала и била постигната тесна координација меѓу опозициските групи низ Сирија, пренесува Гардијан.






Ал Хамви објасни дека неговата група со седиште во северозападниот дел на Сирија комуницирала со бунтовниците на југот, за да се создаде заеднички воен штаб, со цел да се опколи Дамаск од двете насоки.

Тој рече дека неговата група, една година ја планирала операција за соборување на Асад, наречена „Одвраќачка агресија“, но преетходно се подготвувала со години.

Ал Хамви објасни дека од 2019 година, ХТШ развила воена доктрина што ја користела за да ги претвори борците кои доаѓаат од различни неорганизирани опозициски и џихадистички групи во дисциплинирана борбена сила.

– По последната кампања во август 2019 година, за време на која изгубивме значителна територија, сите револуционерни фракции ја сфатија критичната опасност. Главниот проблем беше отсуството на обединето водство и контрола врз битката – рече Ал Хамви.

Во 2019 година сирискиот режим започна операција против опозициските сили во северозападниот дел на земјата и успешно ги турна слабо поврзаните фракции во провинцијата Идлиб.

По последната битка, по која Турција преговараше за прекин на огнот во име на опозициските сили во пролетта 2020 година, бунтовниците беа ограничени на мал џеб земја во северозападна Сирија, каде што беа во ќорсокак со режимските сили.

Сириските бунтовници зазедоа неколку клучни градови во Сирија, вклучувајќи ги Алепо, Хама и Хомс, во брзата офанзива што започна на 27 ноември.

По офанзивата Асад замина во Русија, а Москва соопшти дека наредил мирен трансфер на власта.

Поврзани содржини