Бунтовната фоторепортерка ги бранува духовите, фондацијата Метаморфозис во клинч со ССНМ и со ЗНМ!

Останува дилемата дали биле исполнети законските услови младата и талентирана Арбнора Мемети да добие отказ и дали врз неа е вршен притисок да се откаже од борбата за авторските права. Веројатно ќе има работа и за трудовата инспекција, а можеби и за судот.

6,016

Фондацијата Метаморфозис вчера (петок, 5 март) се огласи со демант на објавеното соопштение на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). Тие, тврди Метаморфозис, „без да побараат информација, еднострано, брзоплето и без валидни аргументи” јавно ја осудиле Фондацијата во врска со отпуштањето на фоторепортерката Арбнора Мемети.

„Дополнително, без докази и без причина, инсинуираат, манипулираат и користат несоодветни и негативни етикети кон Фондацијата за причините за отказот на г-ца Мемети. На овој начин, ЗНМ и ССНМ го нарушуваат угледот на Фондацијата Метаморфозис, но истовремено го деградираат сопствениот кредибилитет пред сите, вклучително и нас кои во ЗНМ и ССНМ гледавме поддршка и добар пример”, се вели во демантот.






Никој во Фондацијата Метаморфозис не побарал од г-ца Мемети да се откаже од своите авторски права, или да престане да ги брани. Ниту е отпуштена „преку ноќ“, ниту е „жртвувана“, ниту „неправедно“, ниту заради нечија „сугестија“ како што се инсинуира во соопштението на ЗНМ и ССНМ, велат од Фондацијата.

Метаморфозис тврди дека фоторепортерката Арбнора Мемети добила две писмени предупредувања „за нејзиното однесување”. Во првото е опомената за „недостатокот на транспарентност при нејзиното гостување во емисија на медиум со кој работодавецот нема склучено договор за соработка, при што јавноста била доведена во заблуда во врска со работниот однос и сопственоста на содржините креирани како дел од договорот за вработување со Фондацијата Метаморфозис, односно Мета.мк. При тоа, без дозвола на уредникот, на медиум со кој не е склучен договор за соработка, г-ца Мемети има ставено на располагање фотографии врз кои Фондацијата Метаморфозис исто така има авторски права, а согласно склучениот договор за вработување”.

Фондацијата вели дека секој нејзин вработен може да гостува во емисии, тоа дури и се поттикнува, но за тоа претходно треба да се информира претпоставениот. „Г-ца Мемети за тоа гостување не известила никого од организацијата, ниту претпоставениот ниту кој било друг од организацијата,  а тоа според нашите процедури е минимум обврска на секој вработен”.

Второто писмено предупредување се однесувало за објавување напис и фотографии на друг медиум со кој работодавецот нема склучено договор за соработка, за што претходно на никаков начин не е известен ниту нејзиниот претпоставен ниту кој било од организацијата, во спротивност со договорот за вработување.

„И покрај тоа што е предупредена, таа не го поправа своето однесување и продолжува и понатаму со објавување на написи на друг медиум во повеќе наврати, наспроти обврските преземени со договорот за вработување во Метаморфозис”, се вели во демантот и се додава дека на 24 февруари годинава Мемети добила писмено известување дека започнува постапката за прекин на работниот однос со отказен рок од 30 дена предвиден со закон.

„Заради протоколите за безбедност поврзани со мерките за заштита од ширење на Ковид-19, целата комуникација со сите вработени во изминатиов период, во кој влегува и комуникацијата со г-ца Мемети, ја правевме по електронски пат, но секако оваа комуникација е отпечатена и соодветно архивирана”, се вели во демантот.

Член 73 од Законот за работни односи вели: „Пред откажување на договорот за вработување од причина поради вина на работникот под условите од членот 80 од овој закон, работодавачот мора писмено да го предупреди работникот за неисполнувањето на обврските и можноста на отказ во случај на натамошни кршења на истите”. Член 80 од ЗРО пропишува: „Работодавачот може да му го откаже договорот за вработување на работникот од лични причини на страна на работникот, ако на работникот му се обезбедени потребните услови за работа и му се дадени соодветни упатства, насоки или писмено предупредување од работодавачот во врска со работата дека работодавачот не е задоволен од начинот на извршување на работните обврски и ако по даденото предупредување во рокот утврден од работодавачот, работникот не го подобри своето работење…”

Според тоа, јасно е дека работодавецот, фондацијата Метаморфозис, треба да достави доказ дека предупредувањата до фоторепортерката Арбнора Мемети навистина се упатени по писмен пат и дека содржат добро образложение на вината на работникот, но и насоки и упатство тој да ги острани слабостите, рок да ја заврши таа работа и јасна закана со отказ ако работникот не постапи според предупредувањето. Со оглед на фактот дека Мемети тврди дека нема добиено никакви писмени предупредувања и со оглед на нејзината решеност работата да ја истера до крај, може да се очекува овие околности на постапката да ги испитува и Трудовата инспекција. Конечно, не е исклучено целата работа да заврши и на суд.

По објавувањето на демантот на Метаморфозис, Мемети на Фејсбук напиша:

„Со оглед на тоа дека цело време бев изложена на ризик, работејќи репортажи поврзани не само со пандемијата, туку и со други настани, со моја приватна опрема, за една солидна плата, додека сите работеа од дома, една ваква одлука за мене беше понижувачка. Затоа, кога некој вашиот труд и посветеност го пушта низ вода, за само два дена, тоа боли.

Инаку, што се однесува до семејната состојба, мојот татко не е директор, невработен е. Мене немаше кој да ми остави сè на готово, јас сум од оние кои сè започнаа од нула, секој успех, како и неуспех е плод на мојот труд, а не на нечии врски или на презиме. Уште од моите факултетски денови, опремата која ниту повеќе ниту помалку ми кошташе 7к евра, за да ја купам требаше да работам 3 години на различни работни места.

Е поради сите овие причини, јас не сум подготвена да оставам никој да гази по моето достоинство и по мојата професионална работа. Слободно ставете ме на црната листа на непосакувани работници и на место моето име запишете ме како ‘Кавгаџика’, ако луѓето како мене, кои ги бранат своите, твоите и сечии работнички права, вие така ги идентификувате”.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Здружението на новинари на Македонија остро реагираа на начинот на кој „без процедура и со непочитување на елементарно достоинство и е најавено отпуштање на нашата колешка, фоторепортерката Арбнора Мемети од Метаморфозис“.

Самостојниот синдикат детално ја разгледал пријавата и документацијата доставена од нејзината членка, врз основа на што заклучил дека начинот на кој таа е отпуштена е несоодветен и без оправдана причина.

„Имено, отказот не може да биде доставен по електронска пошта, како дел од преписка во која од фоторепортерката се бара да престане да ги брани своите авторски права кои и биле нарушени од страна на други правни лица. Дополнително, самиот факт дека до тој момент работничката не добила официјално предупредување во кое и било посочено дека со нешто ги нарушува работниот ред и дисциплина, или не ги исполнува работните обврски, укажува дека отказот е последица на арбитрарна одлука зад која не стојат оправдани причини”, се вели во соопштението на ССНМ и ЗНМ, кое беше повод за демантот на Метаморфозис.

Арбнора Мемети е вработена во Метаморфозис на определено време, на една година, а нејзиниот договор истекува во јуни. Чудно е зошто работодавецот, Фондацијата Метаморфозис, не покажал или трпение до истекот на договорот или сопствена иницијатива до ССНМ и ЗНМ за посредување заради надминувањето на спорот со вработена. Наместо тоа, одлуката на Метаморфозис работата да ја истера „на нож” остава сомнеж дека во случајов можеби сепак станува збор за „дисциплинирање” на младата и талентирана Арбнора Мемети, која решила бескомпромисно да се бори за своите авторски права.

 

Поврзани содржини