Бунар дипломатијата на Бујар Османи
На нашата дипломатија и е потребен лекар, ама специјалист за една друга област, а не шеф на институцијата за крерирање и водење надворешна политика.
Светското првенство во фудбал само што не започнало. Нас секако нè нема. И нема да нè има.
Се потсетив на една синтагма од детството, кога играв фудбал во помладокот на еден од најпознатите тимови на тогашната ни држава. Таа гласаше: доколку сакаш да го исплаткаш соиграчот, додај му топка како да ја фрлаш во бунар, што во превод значи – топката нема да ја стигнеш, или доколку ја стигнеш, ќе биде неупотреблива, значи изгубена. Тоа беше модел на елиминација на некој фудбалски гуштер, обично провинцијалец, кого градските играчи не сакаа да го примат во својата средина.
Инвалидизирани дипломатија
Така е и со нашата дипломатија – од почеток инвалидизирана, како да има две леви нозе, се сопира, паѓа, бара од корумпираните судии на меѓународната заедница слободни удари кои никогаш не ги искористува.
Сите наши проблеми, од осамостојувањето до денес, во најголема мера се резултат на нашата некадарна дипломатија, која, повеќе пати сум напишал, не може самостојно да реши ниту еден проблем. Може единствено да ги комплицира, на сопствена штета.
Системот е така поставен. Пасовите добивани од меѓународна заедница завршуваа во бунар. Тие пасови за нас беа некорисни. Противниците успешно ги блокираа нашите јалови напори. Ние за тоа меко и замеравме на меѓународната заедница, со молитвена флоксула, дека Европа без нас не ја личи, дека ние ќе ја обогатиме цивилизациски и духовно ЕУ, ама некој постојано нè сопнува, но дека Господ еден ден ќе се смилува и ние конечно ќе влеземе и во ЕУ.
Се разбира дека молитвите понекогаш се остваруваат, доколку не се променат околностите. Функционирањето на ЕУ не е совршено и не е бесконечно, бесконечни се нашите надежи. Така беше од почетокот со приемот на Република Макдонија во ОН, па до ден денес.
Со бутањето на Бугарите во нашиот Устав, кој во преамбулата ќе заличи на телефонски именик на народите кои живеат во (сега) Република Северна Македонија, што е услов да застанеме на стартната линија – пред тоа губејќи го уставното име (нема таков случај во дипломатијата) и со нарушениот идентитет, за кој не се се заинтересирани само големите играчи на меѓународната сцена, туку и добрите соседи, а и доволно домашни прикриени сеирџии во процесот на распаѓање на македонскиот национален хабитус. Ниту една дипломатска акција, поттикната или аминувана од меѓународната заедница, не е завршена во наша полза. Нашите актери главно не ги разбираа краткорочните и долгорочни стратегии спрема регионот, ниту пак учеа.
Сервилност спрема спахиите
Карактеристично е дека сите наши без критериуми избирани политички спахии, кои не разбираа што е тоа дипломатија – претседатели, премиери и министри за надворешни работи – секогаш нагласуваа дека имаме врвна дипломатија. Аргументи немаа, а критериуми за успех бес нивна сервилност спрема спахиите кои ги испратија да ја претставуваат нашата држава. Тоа денес го прави докторот на чело на МНР, Бујар Османи.
Несудениот муртински нобеловец не пропушташе прилика да ја пофали нашата дипломатија, заборавајќи дека токму таа дипломатија, во преголемата негова желба да биде новиот месија, во дипломатскиот аранжман на Н. Димитров, со познатото либрето и сценографија на драмата во Нивици, всушност беше добро спакуван дипломатски дебакл, кој предизвика и нови дипломатски порази, кои ние ги величаме со некаков започнат скрининг, додека магнетната резонанца на нашето заболено државно ткиво никако да ја направиме.
Тешко заболени, глумиме лажен оптимизам, само спахиите да останат на стекнатите поседи. Не само политички.
Ниту еден наш министер за надворешни работи не водеше сметка за институцијата за надворешни работи. Никој не поднесе никаква политичка или морална одговорност за своите гафови, макар што за тоа имаше сериозни причини. Зошто актуелниот би го правел тоа? Ништо не менува, само додава нови недипломатски апсурдни методи во објаснувањето на нашата Гандиевска тактика на неиритирање на двете соседни држави со кои потпишавме спорни договори. Бидејки тоа не било во наша полза, а меѓународната заедница тоа ќе го есапело како наша дипломатска конструктивност, со што го зголемуваме нашиот рејтинг на меѓународен план.
Во меѓувреме губиме на сите полиња, а посебно индиректно ја потхрануваме федерализацијата на нашата држава, што на соседите им одговара. А големите играчи, како секoгаш, ќе се нагодат околу поделба на пленот.
Министрите за надворешни работи секогаш мора да внимаваат надворешната политика да биде усогласена со националното единство и посебно да не даваат изјави во трети држави за време на билатерални средби, за чувствителните прашања, за да се додворат на меѓународна заедница. Ефектите се никакви, а компромитација дома е недоволно анализирана, или од министерот скриена во провидна обланда – наводно како борба за сочувување на загрозениот македонски национален идентитет.
„Великодушниот“ месија Османи
Имаме министер за надворешни работи кој е лекар по професија. Речиси две и пол години. На нашата дипломатија и е потребен лекар, ама специјалист за една друга област, а не шеф на институцијата за крерирање и водење надворешна политика. Нашиот министер Османи изјави дека тој не е владин функционер, туку месија, не наведувајќи кој му е пророкот кој му ги предал артефактите за спроведување на месијанството и која е основната цел. Веројатно тој си мисли – ако можеше Димитров со несудениот нобеловец Заев, да нè внесе во НАТО, можам и јас, со поддршка на Али Баба, идеен татко на сега реформираните екологисти, да ја воведам нашата држава во ЕУ.
Логистичка поддршка му е првиот заменик премиер, шеф на најпознатиот владин ресор, поранешниот преведувач на Карла дел Понте.
Името на нашиот сегашен министер, Бујар, значи “великодушен”, именка изведена од синоними со значење на широкоградост, дарежливост, несебичност, галантност, милосрдност, толеранција и племенитост. Особини секако за почитување, но многу ретко користени во дипломатијата. Тие се пред сè резултат на слабост и не се многу ценети во меѓународните односи. Тие проектират домицилна слабост во било кој облик на дипломатско надмудрување. Противниците тоа го користат.
Понудениот бугарски предлог, наречен нагалено француски, прифатен од нашиот “харвардски” студент (за разлика од вистинскиот студент на Харвард, бугарскиот премиер К.Петков), ние го проголтавме великодушно како желе бонбона. Не ни застана во грло. Дообјаснувањата на ЕУ админинистрацијатс, дека потегот е направен во вистински “моментум”, ние го оценивме како резулттат на нашата толеранција, толку потребна во ова време и го славиме како историски успех. Ги прифативме великодушно студиозно подготвуваните бугарски “добри намери”, усогласувани и со грчките. Таканаречени француски предлог е победа на бугарската дипломатија, а наш тежок дипломатски Ватерло.
Чуму таква широкоградост?
Терминот “великодушност” треба длабински да се анализира. Толеранција не значи потчинетост. Толеранцијата функционира ако е обострана, ако не, тоа е вовед во тиранија. Бујар Османи великодушно ја посетува мудрата Софија, не само во функција на прв македонски дипломат. Од Софија, за време на последната официјална посета, најави идеја во разговорот со бугарскиот министер Н.Милков, ветувајќи дека на нашата влада ќе и предложи (зошто тоа не го направил пред усвојување на законот?) да побара мислење на Венецијанската комисија, во врска со нашиот усвоен закон за здруженија и фондации, со цел да се утврди дали навистина во него има нешто спорно. Со тоа ние покажуваме непотребна милосрдност (синоним на добродушност) спрема бугарските ставови околу имињата на нивните клубови. Во сите во светот реафирмација на фашизмот, а забранета со закони, а во некои држави и со уставите.
Чуму таква широкоградост? Недипломатски е таа идеја (веројатно усогласена кај нас) да се лансира за време на официјална посета, во која Бујар Османи се сретна и со функционери на политичките партии во Бугарија, практика кој впрочем прв ја воведе упокоениот Арбен Џафери за време на првата посета на Софија (пред четврт век), во функција на лидер на партија.
Милосрдниот Бујар Османи е задоволен од тоа како ние досега сме се поставиле во односите со Бугарија и со неговите заслуги за зачувување на македонскиот идентитет, во тој контекст и на македонскиот јазик. Тој би сакал и македонските политичари идентично да се ангажираат околу афирмација на албанскиот јазик. Човекот укажува дека “министерствата за надворешни работи треба да ја предводат соработката меѓу двете држави и не смее да се дозволи некој друг да ја води надворешната политика и во неа да наложува друг дневен ред”. Во ова реченица сè би било во ред, доколку терминот “некој друг” беше попрецизно дефиниран.
Месијанството на нашиот министер е секако племенито и визионерско. Тој нè просветлува дека никогаш нашава држава не ја посетувале толку еминентни европски државници, подржувајќи ги нашите досегашни видни успеси. Доколку ги прифатиме бугарските услови, патот кон Брисел не само што е отворен туку е определена и сатницата, лажно статистички ена осум години, колку што е просекот за приемот на досегашните членки на ЕУ, после падот на комунизмот.
Заборава Бујар Османи да каже дека многубројните посети на европските бирократи не се резултат на нашите дипломатски успеси, туку се поради нашата позната немоќ самите да решаваме не само прашања на меѓународен план, туку и за внатрешните состојби. Тоа треба да нè освести. Патот е долг и неизвесен.
Девастирано министерство
На тој пат, министерот Османи се соочува и со многу опоненти. Раководи со девастирано министерство (бетер од она со кое своевремено раководеше, посебно поради кадровскиот потенцијал). Проблем му прават и многубројните афери во неговиот ресор, кои се заташкуваат.
Заборавивме на онаа авантура на нашите дипломати во Ерменија. Аферажите со издавањето лажни пасоши, вклучувајќи ја и последната со украинаскиот олигарх, не е само пропуст на нашите безбедоносни структури, туку и на самото МНР. Па ние имаме амбасади во Киев, во Москва и во Вашингтон, кои, верувам, не биле консултирани при издавање на патната исправа на Онишченко. А и да биле известени, не би испратиле ништо повеќе од она што би го откриле информирајќи се од “чичко Гугл”, пренесувајќи ја информацијата со измислен извор.
За две години направени се осум дипломатски грешки со замена на знамињата на државите на странските гости.
При гласањата во меѓународните форуми, не треба да заборавиме дека покрај изјаснувањата “за” или “против”, има и трета можност, а тоа е воздржувањето, што може да се изведе во повеќе варијанти. Не треба да се истрчуваме во додворувањата на Брисел (ЕУ, НАТО) како со реакцијата за сеуште ракетите паднати на украинско-полската граница, за кои се мислеше дека се лансирани од Русија, а потоа излезе нешто сосема друго.
Посебен проблем на толерантниот ни министер се амбасадорите. Несудениот за Москва од лани чека да одлета, ама поради војната во Украина одлучивме да остане дома. Остана како шеф на нашиот прочуен протокол. Сега е на пат да одлета за Москва, макар што ништо во нашите односи со Москва не е променето. Се разбира, амбасадорот не е виновен. Знае што го чека во стаљинистичка зградурина на Садовоје каљцо. Нешто слично може да се случи и на амбасадорот кој има чекиран лет за Париз, поради аферата Онишченко.
Османи мора да мисли и на Рама и на Курти
Нашата дипломатија во наредниот период, покрај бугарскиот јазол, ја очекува претседавањето со ОБСЕ, во период на нарушени односи меѓу Русија и САД, како и продолжување на интеграциските процеси на Западниот Балкан, во кои доминираат проектот на ЕУ познат како “Берлински процес” и задоцнетиот осакатен проект “Отворен Балкан” или порано познат како Мини Шенген. Двата процеса одат паралелно, во некоја рака се конкурентски, но не сопарнички.
Широкоградиот Бујар Османи е во деликатна ситуација, поради тоа што покрај за државата чијшто министер за надворешни работи е, мора да води сметка и за позицијата на албанскиот премиер Е. Рама, како и за косовскиот премиер A. Курти. Српскиот претседател-премиер, А.Вучиќ, со последното неучество на самитот на државите членки на Берлинскиот процес одржан во Берлин, покажа што му е приритетот. Бујар Османи треба да се радува доколку вгодина помалку челници на ЕУ ја посетуваат нашата земја, што ќе биде во полза на нашиот меѓународен рејтинг, а со тоа и за релаксирање на нашата изморена дипломатија.