БУГАРСКОТО МВР ЌЕ ГО КРИЕ ПЕНДИКОВ ПО СТАНОВИ!? Охриѓанецот уште добивал закани
Доколку реши да остане со нас ќе му обезбедиме физичка заштита од службениците во МВР. Сè уште добива закани – рече министерот за внатрешни работи Демерџиев.
Охриѓанецот Христијан Пендиков ќе биде сместен во станови во Бугарија што ќе му ги обезбеди Министерството за внатрешни работи на Бугарија, пренесоа бугарските медиуми.
Пендиков вчера беше отпуштен од Воено-медицинската академија (ВМА), каде Бугарија го префрли на лекување, откако беше истепан во Охрид.
Министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев изјавил дека на Пендиков ќе му обезбеди заштита од бугарската полиција.
– Доколку реши да остане со нас ќе му обезбедиме физичка заштита од службениците во МВР. Сè уште добива закани – рече Демерџиев.
Видно опоравен, Пендиков, кој е секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, вчера беше примен и во кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев, кој рекол дека Бугарија веќе нема да толерира насилство од Македонија.
– Виновниците мора да бидат откриени и ефективно казнети, а Бугарија ќе ги следи постапките на институциите во РСМ за да го гарантираат животот и здравјето на своите граѓани, кои и покрај систематската репресија продолжуваат да го бранат својот бугарски национален идентитет. Бугарија ќе ги користи сите национални и меѓународни инструменти за заштита на нивните права. Информирани се и меѓународните партнери за уште една антибугарска кампања во РСМ – се вели во соопштението на кабинетот на Радев.