Бугарско затемнување на историскиот хоризонт

Историјата не може да се „разубавува“ во интерес на обидите за оживување или повампирување ан големодржавни идеи и претензии, со цел за наметнување политичка волја и доминација врз оној што се смета за послаб во меѓудржавните односи.

1,679

Бугарија ја привршува годинава со упорна одбрана на сопствените позиции во наметнатиот спор околу „потрешното читање на историјата“, при што Софија ги искористи сите можни средства за да го радикализира својот историско-ревизионистички пристап во односите со Македонија.

Но на крајот на годинава, всушност, во ЕУ во целина се отсликуваат состојбите на продлабочени, како внатрешни, така и надворешни долгорочни проблеми, каде што заострувањето на бугарско-македонскиот спор несомнено претставува сериозен предизвик. Кредибилитетот на политиката на ЕУ-проширувањето е доведен во прашање во непосредното соседство на Унијата.






Трендовите на европската карта повторно го отвораат прашањето за недостигот од сериозна дискусија околу проблемите за кои тешко се постигнува заедничко прифатливо решение во Брисел. Европските лидери неретко се соочуваат со тешкотии да постигнат согласност околу надворешните и безбедносо-политичките проблеми и предизвици пред кои е исправена ЕУ.

Стабилноста во европската безбедносно-политичка структура, според низа показатели и ризици со ефекти на долгорочно влијание, е кревка. Ризиците го насочуваат фокусот кон внатрешната хомогеност на ЕУ и способноста да се надминат спротивставените гледишта и разидувања во однос политичката структура и единството на Унијата, дури кога се во прашање и елементарните принципи поврзани со почитувањето и толкувањето на суштината на правната држава и владеењето на правото. Оттаму и очекувањата дека Путиновиот режим и Русија на разни начини ќе продолжат да ги засилуваат кампањите за ширење на руското влијание, ползувајќи ги вантрешните политички судири и популистички движења во одделни ЕУ-членки.

Во однос на процесите кои внесуваат геополитичка несигурност, сè почесто се предупредува на руските кампањи кои многумина во Западна Европа ги означуваат како засилени обиди за фалсификување на историјата, особено ако напоредно на тоа се има предвид дека Русија на меѓународната јавна сцена во последните години всушност и самата се залага за разобличување на историскиот ревизионизам.

Критиките се насочени кон обидите на Москва, меѓу другото, да префрли дел од одговорноста за избувнување на Втората светска војна на Полска, како и кон обидите да ѝ се наметне на Финска одговорност за погубување на илјадници Карелци во текот на продолжението на Зимската советско-финска војна во 1942-1944, (а за што Сталин бил одговорен). Најсилните критики се движат на остра линија дека руски историчари свесно придонесуваат кон развојот на долгорочниот проблем во образованието во руски училишта, каде што во учебниците по историја се внесуваат искривени толкувања, па дури и фалсификувани податоци околу улогата на Русија во најважните епохи од историјата на Европа.

Реакциите во меѓународната заедница во однос на таквата масовна образовна индоктринација се доживуваат единствено како негативни кон Русија и како потврда на непријателскиот однос, кој, како што се смета во Москва, Западот во основа го манифестира спрема Русија. Посебен проблем, кога станува збор за фалсификување на историјата, е што со тоа се поткопува респектот кон научно фундирани сознанија и се отежнува дијалогот меѓу руските и западните институции и академски кругови.

Токму во оваа област се заговара потребата Европската Унија да изгради поцврст заеднички пристап за да се справи со несериозни историографски толкувања. Еден предлог во таков контекст е да се соберат реномирани историчари во Европа во рамки на подолготрајна семинарска дејност, со цел подетално да се разменат и усогласат мислењата и ставовите околу најфлагрантните и несериозни обиди за искривување на историјата.

Бугарија, со својот најнов ревизионистички обид, не би можела да биде заобиколена од една таква сериозна академска, но и политичка расправа. Будењето на сеништа од Втората светска војна не нудат продуклтивна перспектива во натамошниот развој на евроинтеграциите. Скандинавските историографски толкувања и анлизи, како, на пример, на Институтот за историја при една од најзначајните високобразовни институции во Скандинавија, Универзитетот во Лунд, јасно ја дефинира улогата на Бугарија во Хитлеровата фашистичка коалиција, односно дека нацистичка Германија и дозволила на Бугарија да „окупира и администрира“ поголем дел од територијата на денешна Македонија. Во оваа „окупациска зона“, како што тврди еден од најзначајните авторитети на историската наука во Шведска, професор Дик Харисон, се извршени низа воени злосторства, вклучувајќи ги и депоратациите на еврејското население, „со исклучително мал број преживеани“.

Историјата не може да се „разубавува“ во интерес на обидите за оживување или повампирување ан големодржавни идеи и претензии, со цел за наметнување политичка волја и доминација врз оној што се смета за послаб во меѓудржавните односи. Неспорните историски факти не можат да бидат предмет на какви било нејасно дефинирани преговори.

Доколку најмоќните европски држави во ЕУ и НАТО не преземат иницијатива кон реафирмирање на една посилна и решителна европска политика што ќе се соочи со актуелните проблеми и предизвици, регионалните и билатерланите спорови не само што ќе се закануваат со натамошно затемнување на историскиот хоризонт, туку ќе продолжат да ги зголемуваат ризиците од повторување на историските грешки и заблуди – и конфронтации, кои полека но сигурно ги нагризуваат европското единство и солидарност.

Поврзани содржини