Бугарскиот слон во стаклената градина Македонија
Да речеме, дека ќе успееме Слонот да го задржиме пред врата, ама што ќе прајме самите со себе во опшеството кое намерно го растураме, претворени во силно, незауздано животно? Која ни е идејата и целта?
И трите наречници од Вишеградската епархија испратени од Бордел, ни дојдоа со право да нѐ потценуваат, како многуте до сега, и да нѐ миросуваат: „…Ајдеее, рајо мењај Устав – нема време за губење… Ова е последно барање, од последната шанса! Инакууу, изолацијаа…!“
Качакот ги повика да му помогнат да го заврши започнато копање на гроб за Македонците и Македонија. Виновни сме ние што како алипни дозволивме и трпиме Албанец, кој е политички наклонет на Бугарите и деклариран летач на црноглавиот орел, да одлучува за нашиот национален идентитет, за кој нема појма. Тој, со напињање го реализира ветеното и потпишаното во Протоколите, кое се однесува на самооткажување и подарување на македонската средновековна историја на Бугарите (античката им ја даривме на Грците), признавање на наш бугарски идентитет, со јазик, писмо,…
Заканувачката беседа на душегрижниците затрчани од надвор ни потврди дека налудничавите игри околу судбината на Македонија не само што траат, туку се комплицираат со засилена внатрешна и надворешна антимакедонска политичка пресија посебно врз правно – политичкиот систем, кој одамна, а сега засилено се движи во спротивна насока од стандардните вредности кои се неопходни за постоењето и нормално функционирање на секоја држава. Зацапани во недоодниот честок на безориентираноста, го зацврстивме статусот на внатрешно – политичка нестабилна и надворешно – политички полуколонијална држава, управувана од лицемерни неоколонијалисти декларирани како наши стратешки партнери, преку нивни намесници, наши камшикари од криминалното подземје.
Се работи на засилена политичка насока за национална фрагментација на Македонија со доброволна национална самонегација на Македонците во последниот сопствен национален простор, што значи и конечно постигнување на она што до сега низ историјата со насилни средства не било постигнато, а тоа е разградба на Македонија и дефинитивно исчезнување на Македонците од картата на народите.
Последиците од владеењето на партиите во власта кои се катастрофални на планот национални интереси на Македонскиот народ, нѐ доведоа до намерна безнадежност. Од друга страна, трагедијата да е уште по неизбежна, опозицијата, во овие можеби најкризни моменти, настапува без заедничка платформа за национална обнова. Тотално разединета, се однесува како опозиција на опозицијата, а не на власта. Се добива дојам, дека помалите сакаат да ја рушат најголемата опозициона партија, посебно лидерот, со истите методи како и власта.
Го потиснавме и неопходниот страв за сопствениот индивидуален и национален опстој кој не е без причина, и токму сега, кога треба да нѐ мотивира на борба за себе-опстанок. Не реагираме ни на новиот бугарски премиер кој однадвор ни се закани дека мораме низ отворената уставна врата да го пуштиме бугарскиот Слон да шета по стаклената градина Македонија и да прави ‘ршум, ако сакаме ЕУ… Од друга страна, домашниот криминал – маестро на ДУИ, подбран… наместо да ја свитка опашката, и тој се закани: Алооо! Без Дуии во власта, Македонија ќе ја снема! Има и трета и четврта страна со бунтовни и револуционерни повици, но ние, рестото инсан кои живееме во стаклената градина како разуздани и распеани бекрии, опиени со рамнодушноста, само гледаме и чекаме… Од никого не се плашиме! Свесни сме дека ниту имало, нити ќе имаме поголем душман од самите себе.
А животот си тече покрај нас. Како несекнато извориште на понуди, самиот се обновува и опстојува. Поради себе, за сѐ има адут – алтернатива, како потврда дека без секого се може. Затоа е богат со предизвици. Божјите патишта се честок од правци испреплетени со коридори кои човекот ги открива патувајќи низ времето и осмислено ги прилагодува на себе. Но, не секој! Само одважните и слободоумните кои знаат кои се и што бараат од сопствениот пат по битисувањето, смело чекорат по себеизбрана насока и успеваат да го задолжат животот и обогатат со сопствениот придонес за вечна обнова. Другите, кои живеат за да опстанат прилагодувајќи се и служејќи на туѓите соништа и цели, се погубниот и срамен баласт на сопствениот род. Ние, со ваквите изобилуваме…
Живееме во време кога токму таквите сатанизирани манипуланти како рафиниран расад од домашни криминални банди, по приграбувањето на власта, со помал или поголем успех посегнаа со уцени и заплашувања да ни го уништат живиот човечки дух, преправајќи го во фиброзирана, отворена јама за сечиј отпад. И само се погануваат… Се намерачиле изгнасени во душата, да нѐ носат во Европа, иако сиротата, која самата не знае што се случува со неа, севезден ни повторува дека, вакви какви што сме – неиздиференциран политички субјект кој живее како во 19-ти век под закрилата на сојузи од племиња, шарена маса на етаблирани етнички колективитети со кои се манипулира од надвор како со вазален полу-колонијален експериментален полигон, не прима!
Македонскиот парламент наместо граѓанско собрание претворен е во племенско собиралиште, во кое разни главатари се натпреваруваат кој одвнатре поуспешно ќе ја забрзува националната фрагментација, со смислена тенденција за устоличување на мултиетничка рашомонијада, па, наместо да се развива граѓанска држава и граѓанска демократија, го растеме етничкиот редукционизам и наместо граѓанин – држава, стимулираме поданик – етничка група. Се гордееме со оформената гетоизација и верски фундаментализам. Дефинитивно, тоа е нашето „општество за сите“ со кое трчаме кон Европа. Да не ни фали ништо, закитени сме со граѓанска непослушност со цепење на социјалното ткиво поплочено со беззаконие и самоволно дивеење, и криминал како начин на живот. Тоа е нашата феудална мултиетничка колонија со „мултиетничка демократија“, која за здравиот разум на логиката е мајтапење, во кое се крие замислата за национална фрагментација на Македонија, што значи доброволна самонегација на Македонците, со губење на државата.
Оној, Слонот бугарски, ја користи нашата срамна самонегација и неспремност за отпор, па, од надвор ни чука со сурлата да го пуштиме во стаклената градина преку уставната врата за да се разврти по неа, додека ние како склопена слика од исечоци на разграденото македонско општество трапаво газиме врз себе, размавтани кој од кого посилен и поглупав, пуштајќи ги нашите сурли, до кај што се може.
Има една народна која вели: непријателот, насилникот, будалата, во случајов и Слонот, држи го пред врата. Ако го пуштиш, тешко ќе го истераш од дома.
Да речеме, дека ќе успееме Слонот да го задржиме пред врата, ама што ќе прајме самите со себе во опшеството кое намерно го растураме, претворени во силно, незауздано животно? Која ни е идејата и целта?
Негрижата за себе, не ни е од денес или вчера. Таа продолжува како послан патоказ по недогледот. Немаме намера да се смениме…, затоа, ајдеее народеее, да не должам повеќе… Ништо ново ни паметно не кажувам: мењај Устав и спремај се! – Бугарскиот Слон нека се забавува во нашата стаклена градина, а ние, со електричните возила (тетовски беа?) и „Европскиот фронт“ на Дуистичката промовирана мафијашка зелена агенда која се активира, најбрзо, со ничкум гаранција од две – три години, ќе се најдеме во ЕУ и европските довлет фондови!
Гледајте народе, сѐ е на виделина. Како во небрано се најде државава. Од онде, гласачите на ДУИ напикани преку трупа, како секаде и во Комуналец, со решенија за вработување – седи дома (или во странство) земај плата… Од друга страна, слушаме повик за поклонение на Македонците пред споменикот на УЧК-мачениците во Слупчане…, а жителите организирани во струјна револуција, забарикадирани со огнени топки со повик бараа правдина за неплатената а потрошена струја, или во спротивно – да се уништи државата, да се запали… па да види таа.…
Несериозно звучат овие нафрлани зборови кои ни приближно не ја доловуваат страотната и трагична пред сѐ ментална опсада која ѝ се случува на државата и народот приклештен во неа од глодарската мафијашка група на раководниот тандем и од нив подмирените, вработените таму – ваму, намножени гласачи, со кои се надеваат дека на наредните избори ќе победат и продолжат да владеат до конечно скинатиот конец.
Срамот да биде поголем и народот до коска збунет, не се знае кој по кого вика и обвинува. Дал народот по власта поради насилството и пљачката кои продолжува да ги практикува, или власта по народот што не сака да биде послушен и да смекне за да полесно му се напика уставниот кол, од кој, власта, по промена на Уставот, очекува долго, долго владеење, како што самите велат, по ова долго, долго и топло божје лето.