Бугарски геноцидни искуства

Асимилираните Македонци се колосален успех за Софија. Бугарија е секако горда на тоа. И, ако е така – зошто да ја менуваат својата политика, да го прекинуваат процесот којшто бил толку успешен во минатото? Особено сега, во услови кога можат да уценуваат?

1,289

Бугарскиот национален шовинизам кон Македонија, секогаш мора најостро да се осудува. Зошто, тогаш, Брисел, ама и другите – молчат? Причината е во нашето игнорирање на проблемот. Не креваме никаква врева и се правиме како ништо да не се случува. Koгa жртвата не се бори и не бара помош, никој не ѝ помагa. Така функционира светот. Добро рекле – бебето што не плаче, останува гладно.

Безумната бугарска агресија врз Македонија, којашто се случува во 21 век, е најмалку – нецивилизациска. Кога ќе се навлезе во проблемот, станува јасно дека Брисел, Берлин, Париз… се прават отсутни, незаинтересирани дури и – толерантни, бидејќи се работи за интересите на Вашингтон, чија што цел е затворање на „Македонското прашање“, со бришење на Македонците. Европа не реагира, бидејќи е под силен притисок на САД. Впрочем, и македонскиот дефетизам во однос на Бугарија не е случаен. Во огромен дел, и тој е резултат на влијанието на Амбасадата на САД, која често диктира како ќе се однесуваат нашите челници. Потврдено е, на пример, дека Б. Османи срамно му се поклони во Софија на охридскиот нарко дилер (?) – по наредба на Амбасадата.






На Бугарија, меѓутоа, не може сосема да ѝ се негира одредена логика во нивното сегашно крволочно однесување, без оглед на скриената поддршка која ја имаат од страна на САД. Нивните историски синдроми кон Македонија и Македонците се стари најмалку 150 години. Тие губеле војни и речиси секогаш биле на погрешната страна токму заради Македонија. Сепак, мора да им се признае дека имале и многу успеси во однос на Македонците. Еве како.

Доста се веродостојни оценките дека во Бугарија живеат преку два милиони асимилирани Македонци, коишто се распоредени на многу високи позиции. Во Белград, сум го читал записникот од средбата на диктаторот Тодор Живков со Крсте Црвенковски, во Софија, во 1960-тите, кога тој отворено му рекол дека не може да ги признае Македонците како посебен народ, бидејќи такви биле половина од неговото Политбиро во партијата, исто како и половина од Друштвото на писатели… Со други зборови, Македонците се нивната елита. Позната е оценката дека Палестинците се круна на арапската интелигенција а, како изгледа, ние сме истото за Бугарите.

Асимилираните Македонци се колосален успех за Софија. Бугарија е секако горда на тоа. И, ако е така – зошто да ја менуваат својата политика, да го прекинуваат процесот којшто бил толку успешен во минатото? Особено сега, во услови кога можат да уценуваат?

Во сегашната конфронтација со Бугарија, не смее да се заборава и оваа димензија. Асимилиран е не само голем дел од Пиринците, туку уште повеќе масата од доселени Македонци од Грција (дојдени со размена на население), и од секаде, вклучувајќи и од нашата сегашна држава. Од стотици илјади во Пиринскиот дел, денес во Бугарија може да има само десетици илјади Македонци. Главно, се работи за повозрасни луѓе, најмногу пензионери, на коишто бугарската држава, ништо не им може. Помладите, пак, немаат избор. Како Македонци, прво, не можат да добијат работа и, второ, ако ја имаат, веднаш ја губат. Тајните служби, контролираат се’. Така е со години. Долго, Софија води геноцидна политика против Македонците, а нивната матична држава, тоа го набљудува и ништо не презема. Затоа е и оваа агресија.

Софија не ги признава Македонците, пред сè, заради нашите во Бугарија. Тие се нивниот главен проблем. Не ние. Ако нема Македонци овде, не може да ги има ниту таму. Ние сме колатерална штета на недовршената асимилација на Македонците во Бугарија. Своја тежина секако имаат и плановите на САД за Балканот, ама за нив, тие не се клучни.

Софија сигурно ја јаде јанѕа дека, било какво прифаќање на македонски народ, може да води во преиспитување на сопствениот идентитет, макар кај дел од асимилираните.

Како заклучок се наметнуваат неколку работи:

1.Бугарија нема никогаш, и под никакви услови, да се согласи/прифати/признае дека Македонците се посебен народ, со свој јазик, историја… а не „одродени Бугари“;

2. Нашето зачленување во ЕУ е нивна последна шанса да ги остварат своите 150 годишни историски синдроми во однос на Македонија и Македонците. Никогаш повеќе Софија нема да може да не блокира, уценува и да ни поставува ултиматуми, како сега;

3. Токму за таа цел, со стравотна пропаганда, кај народот во Бугарија е постигнат речиси целосен консензус против Македонците. Според анкети, преку 80 проценти ја поддржуваат национално шовинистичка политика кон Македонија и сметаат дека истата треба да продолжи;

4. И кај сите политички сили во Бугарија, има апсолутно единство дека негаторската политика кон Македонците е оправдана и соодветна на нивните фундаментални интереси;

5. Сегашната блокада има единствена цел да ја подобри нивната позиција во нашите преговори со ЕУ, а не да ги спречи истите. Факт е дека тоа го прават на извонреден начин. Со направените интервенции во преговарачката рамка, тие постигнаа историски успех и целосно ја понижија Македонија. Заслугата е, сепак, на нашиот премиер којшто, со премиерот Петков, го договори тн. „француски предлог“. Значи, Бугарите успеваат благодарејќи на нашиот дефетизам и предавничко прифаќање на сè што ќе ни се наметне.

6. Клучното прашање, на коешто итно мораме да одговориме, е – зошто Софија инсистира на, и уценува со, внесување на Бугарите во нашиот Устав? Тоа не е, и не може да биде туку, така. Одговорот е сложен. Прво, за да можат да ни прават што сакаат во текот на преговорите, преку човековите права. Второ, пасошите, коишто ги дадоа на наши граѓани, коишто не се Бугари, станаа нивна планирана алатка, којашто масовно ќе ја користат. Ќе мавтаат, барем, со стотина илјади Бугари. Трето, кога, на пример, ќе се преговара за нашето образование, ќе бараат соодветен број на бугарски учители, учебници, училишта… и користење на нивниот јазик… Четврто, во правосудството, ќе бараат обвинители и судии… Пробно, веќе побараа обвинител во Охрид! Петто, ќе инсистираат на правична застапеност во државната администрација, ако не и повеќе; Шесто, ќе бараат гарантирани пратенички места… И, што ти не друго. Седмо, и нагласено важно, како конститутивен народ, а државата е формирана во 1944 година, тие со право ќе тврдат дека, како основачи, не можат да бидат фашисти и окупатори туку ослободители или, во најмала рака – администратори… Осмо, ќе не колат, до бесвест: ако не се прифаќаат нивните ултиматуми – нема да се затвораат поглавјата, кластерите…

Изборот ќе ни биде – или доброволно бугаризирање, или нема членство во Унијата. До таму сме дотерани.

7. Врз истите премиси се и „залагањата“ на САД, за брз почеток на нашите преговори. И тие, ама и Грција, сакаат да преговараме, за да нѐ докусурат. Дека е така, веќе неколку пати добивме потврди од Атина – од највисоко ниво. Доказ имаме и за САД. На 30 март 2011 година, „Нова Македонија“ (“Викиликс: САД се за едно меѓународно име со географска одредница“), пишува за шифрирана телеграма, испратена во Вашингтон од нивниот амбасадор од Атина Даниел Спекхард. Според Викиликс, тој го информирал грчкиот МНР Димитрис Друцас дека „САД сметаат дека главните елементи за решението за името е име со географска одредница за севкупна употреба во меѓународни рамки, без да се чепка идентитетот (а прашањето за идентитетот да не се спомнува до одредена фаза на интегративниот процес)“!

Значи, според САД, нема ерга омнес (ново име и за по дома) додека прашањето за идентитетот планирале да го отворат во преговорите за членство во Унијата. Амбасадорот доволно кажал, објаснил, та дури и најавил дека бугаризацијата на македонскиот народ била планирана уште пред најмалку 12 години. Меѓутоа, благодарејќи на генијалноста на нашите властодршци, и катастрофалниот договор од Нивици, бришењето на македонскиот национален идентитет е речиси – завршено. Или е, барем, при крај.

8. Сето ова покажува дека Македонија е пред најтежок предизвик. Или ќе продолжи со досегашните капитулантски политики коишто, како народ, веќе нѐ фрлаат на ѓубриштето на историјата, или ќе ја сврти страницата и ќе започне да се бори за своите државни и национални права. Време за таков пресврт има уште многу малку. Ако го смениме уставот, колата незадржливо ќе ни тргне прудолу и враќање веќе нема да има. Промената на уставот е клучот за нашата катастрофа.

9. Бугарија нема по никоја цена да не пушти во ЕУ како Македонци, со македонски јазик… Тоа наметнува дека под итно мора да се бара долгорочно решение. И најповршна анализа покажува дека единствен излез е откажување на договорот за (не)пријателство, којшто е неспорна основа за сите досегашни бугарски монструозни фантазмагории и бесрамни обиди против Македонија. Истото важи и за двата протоколи, коишто се неформални анекси на срамниот договор, ама и далеку полоши од него.

10. Ако не се преземат радикални чекори, Македонија нема никогаш да влезе во Унијата а процесот на бугаризација на македонскиот народ ќе биде, речиси – неповратен. Изборот е наш.

 

 

Поврзани содржини