БУГАРСКИ ЕВРОПРАТЕНИК ПРОБУВА ДА ВМЕТНЕ ЗАГРИЖУВАЧКИ АМАНДМАН Мицкоски вели дека живковизмот е уште присутен во Софија

Но, она што мене повеќе ме загрижува е обидот на европратеник од владејачката ГЕРБ во Бугарија да вметне амандман во извештајот со кој македонскиот идентитет ќе го дефинира како „презент“, односно сегашен, со што јасно ја вади на површина политиката на Живковизмот, која е за жал сè уште жива кај политичарите во Софија, вели премиерот Христијан Мицкоски во врска со годинешниот извештај на Европската комисија кој треба да биде изгласан во Европарламентот.

3,110

„Македонскиот парламент носеше многу резолуции во минатото. Изминатите месеци работевме на извештајот на известувачот на Европскиот парламент(Томас Вајц) за текстот јасно да ги изразува посебниот вековен македонски идентитет и јазик. И тоа се постигна. Знаете, минатиот период бевме обвинувани што правиме, како правиме. Работите во животот мора да ги правите со мали, но сигурни чекори. Квантните чекори на минатата влада нè вратија квантни чекори назад“.

Вака изјави премиерот Христијан Мицкоски на прашањето дали македонскиот парламент ќе носи нова резолуција во врска со прашањето со Бугарија. Премиерот даваше изјава при посета на реконструираното одделение за систематски прегледи при Институтот за јавно здравје.






На прашањето тој одговори:

– Жалам што пратениците кај нашиот источен сосед се обидуваат на ваков начин да предизвикаат остра реторика во Македонија, ние тоа нема да го направиме, само ќе изразиме жалење и ќе повикаме на добрососедски односи и на поддршка на добриот сосед Македонија. Но, она што мене повеќе ме загрижува е обидот на европратеник од владејачката ГЕРБ во Бугарија да вметне амандман во извештајот со кој македонскиот идентитет ќе го дефинира како „презент“, односно сегашен, со што јасно ја вади на површина политиката на Живковизмот, која е за жал сè уште жива кај политичарите во Софија. И со ова се потврдува нашата теза дека не се проблем нашите 200.000 Македонци кои живеат таму да влезат во преамбулата, туку се работи за целосна асимилација и потврда на тезата на Живковизмот дека македонскиот идентитет бил направен во соработка на Тито и Коминтерната. Јас ги повикувам политичарите во Брисел внимателно да слушнат какви пораки ќе доаѓаат од нивните колеги европратеници и какви пораки ќе доаѓаат од Софија во 21 век? И дали тоа има воопшто нешто заедничко со европските вредности? Суштината на таа теза е асимилација. Исто како што во пописот во 1956 година во Бугарија постојат речиси 200.000 Македонци, а во пописот 1965 година едвај 9.000. Прашањето е каде исчезнаа 200.000 Македонци за 9 години?

 

Поврзани содржини