Бугарска казна за „мерхаба“

Кога е во прашање Бугарија, нема никакво сомневање дека кредибилитетот на ЕУ е прилично нејасен доколку се има предвид дека за зачленување на која била земја во ЕУ е неопходно исполнување на Копенхашките критериуми, во чиј политички дел важно место зазема заштита на малцинствата.

483

Во Бугарија, членка на ЕУ веќе деценија и пол, не е препорачливо да се зборува на својот мајчин јазик во јавниот простор. Освен на официјалниот бугарски, политички кампањи или говори на некој друг јазик се забранети со закон, кој партијата на турското малцинство во Бугарија, ДПС, го смета за неправеден, борејќи се безуспешно да биде укинат. Во некои случаи, како што пред извесно време во серија написи пишуваше „Хувудстадсбладет“ во Хелсинки, весник на шведското малцинство во Финска, било доволно да се добие парична казна само поради зборот „мерхаба“ (здраво).

Во споменатиот фински весник беше констатирано дека ДПС, заедно со Шведската народна партија во Финска (СФП), се единствените партии на малицнства во Европа што не се сметаат пред сè за етнички партии, туку дека најмногу се борат за јазичните права. 80-90 проценти од нивните избирачи се фински Швеѓани, односно бугарски Турци. Но големата разлика е дека, покрај мнозинскиот финск, и шведскиот е национален јазик во Финска, додека турскиот во Бугарија е мајчин јазик без никаков сервис, училишта или универзитети.






Финска, патем речено, е единствената унитарна двојазична земја во Европа, доколку не ја споменеме и Македонија, како унитарна држава, во која од 2019 година и албанскиот, покрај мнозинскиот македонски, доби статус на официјален јазик. Али Ахмети, кому понекогаш дури и му се случува да изговори по некој збор на македонски јазик во јавен настап, тоа го дефинира како два јазика и две култури во „нашата и заедничка држава“.

Кога е во прашање Бугарија, нема никакво сомневање дека кредибилитетот на ЕУ е прилично нејасен доколку се има предвид дека за зачленување на која била земја во ЕУ е неопходно исполнување на Копенхашките критериуми, во чиј политички дел важно место зазема заштита на малцинствата. Како тоа го вреднувала Европската комисија во однос на европскиот реформски пат што го изодила Софија пред да добие полноправно членство, е веројатно енигма, имајќи предвид дека само минатата година Европскиот суд за човекови права во Стразбур донел 27 пресуди за Бугарија, од кои што кај 25 било утврдено прекршување на човековите права.

Повеќепати досега е констатирано дека Бугарија, според подготвеноста и реформските резултати во практикувањето на европските вредности, денес веројатно не би била примена во членството на ЕУ, доколку кон неа би била применета сегашната крајно ригорозна оптика на следење и вреднување на реформите,како и друг вид болни отстапки што се бараат од Македонија и останатите земји аспирантки за ЕУ-членство од Западен Балкан.

Но со упорноста и тврдокорноста во обидте за анулирање на македонското малцинство, па и на самата дискусија околу неговото постоење во Бугарија, проблемот за Софија не се намалува. Не се намалува ниту за Брисел, иако оттаму некако слабо се крева гласот за неопходноста од јакнење на заштитата и правата на малцинствата, без оглед што ЕУ всушност се темели врз суштината на своето мото, искажано како „Обединети во различноста“ (United in diversity).

Во некои други делови на Европа до израз доаѓаат поинакви искуства, во споредба со бугарскиот негативизам. Советот на ЕУ има донесено одлука дека ЕУ-институциите може да користат и јазици кои се признаени со уставот на една земја-членка, иако тие не се и официјални ЕУ-јазици. На пример, ЕУ има договор со Шпанија за користење на баскискиот, каталонскиот и галицискиот јазик во документи. Постои сличен договор и за велшкиот и шкотско-галскиот јазик со Велика Британија. И во двата случаја самите земји ги подмируваат трошоците за толкување и преведување. Јазичната политика на ЕУ се темели врз принципот дека јазикот, без оглед дали е официјален, регионален или малцински, е важен за културниот идентитет и интеграцијата во општетството.

„Хувудстадсбладет“ во своите написи ги пренесе мислењата на турските здруженија и организации во Бугарија, меѓу кои и од тинк-тенкот „Фондација за либерална интеграција“, од каде што се упатуваат апели до Европа, повикувајќи се на потребата од критички гласови однадвор за нешто да се смени во бугарското нетолерантно општество, во кое многумина се борат да добијат статус на рамноправни граѓани, вклучувајќи го и правото да зборуваат на својот јазик.

Реформата за промена на имињата во Бугарија од 1985 година, со која Турците и Ромите во земјата во рок од две недели биле принудени да си ги сменат имињата, има оставено длабоки корени. Едновремено била воведена забрана за други јазици, освен за официјалниот бугарски. Околу 300.000 Турци емигрирале од Бугарија по падот на комунизмот. Колку од оваа атмосфера и од усилбите на политичката елита во Софија да го „исчисти“ својот територијален и државен простор од непожелни јазици и култури сè уште е присутна во бугарското општество, преку ирационалното негирање на постоењето и засебноста македонскиот јазик и на македонската национална самобитност?

Проблемот станува појасен кога се анализира евидентниот неуспех на ЕУ да спроведе активна и динамична политика на зашатита на малцинските права. Тоа што недостасува се санкции кои би принудиле една ЕУ-членка да не прибегнува кон мерки и решенија што се во директна спротивност со критериумите од Копенхаген. Европскиот парламент смета дека „правото да се зборова сопствениот мајчин јазик и правото на образование на истиот е едно од најелементарните човекови права“, а со одредбите од Лисабонскиот договор за првпат е овозможена правно обврзувачка основа за заштита на малцинствата на ниво на ЕУ.

Очигледно е дека Бугарија се однесува како тоа да не важи за неа. Токму затоа, наместо натамошни јалови дискусии околу „заедничка историја“, и кој всушност треба да ја ревидира и контролира историјата, Македонија, – која често се повикува на постигнатите високи стандарди во заштитата на правата на сопствените малцинства, – треба да се сврти кон ЕУ и категорично да го постави прашањето што ЕУ всушност ризикува, затворајаќи ги очите пред вештачки наметнати билатерални спорови, преку кои премолчено им дозволува на свои членки отворено да газат врз духот на обединувачките европски вредности. Ако тие воопшто постојат.

Поврзани содржини
na