БУГАРИТЕ СЕ СЛИКАА СО ОТСЕЧЕНИТЕ ГЛАВИ НА ВОСТАНИЦИТЕ На денешен ден окупаторот закла 3.000 партизани и го задуши Драмското востание
Бугарскиот колеж и терор се проширил и вон Драмската околија. Најголем масакр бил извршен на планината Пангеон во манастирот Света Богородица (Иконосафиниса), каде што биле исклани неколку стотици жени и деца.
Крвав масакр во кој бугарскиот фашистички окупатор ликвидирал 3.000 востаници, Македонци и Грци во околината на Драма и Кавала се случил на денешен ден во 1941 година. Востанието на партизаните од грчката комунистичката партија и на бројните Македонци било задушено. Бугарските војници потоа се сликале со исечените глави на востаниците, слика која останува забележана во историјата. Стотици жени и деца биле заклани во манастирот Света Богородица на планината Пангеон, Бугарите апселе и од врата до врата, а истовремено со два авиони гаѓале на востаниците.
Македонските партизани соработувале со Комунистичката партија на Грција уште пред војната. Тие се бунеле на одлуките во Егејска Македонија да дојдат бугарски војски. Меѓу македонските организатори се спомнуваат Петар Пастрамџи и Ѓорѓи Бончев, но списокот е прилично подолг. Комитетот на КПГ за Драма, набрзо ќе почне да го издава и дистрибуира илегалниот весник Неос Дромос (Нов Пат), додека повремено биле издавани летоци и на македонски јазик.
Грците веќе извеле два диверзантски напади врз една полициска станица и германски конвој како предвесник на востанието. Најактивно гратче било Просечен, а македонските и грчките партизани се преплетуваат во организацијата. Пред започнување на востанието грчкиот водач и македонскиот водач одржале посебни говори пред населението.
Но, месеци претходно, во април бугарскиот цар Борис III лично ја посетил Драма за да ги увери Македонците и Грците дека ќе им го гарантира животот.
Борис III лично ја посетил Драма
Кон средината на април 1941 година, германските сили кои први навлегле во Источна Македонија и Западна Тракија по пробивот на фронтот, постепено се повлекувале, а ги поставувале бугарските војски на нивните позиции.
Лично Бугарскиот Цар Борис III, ги посетил Драма и Александрополис(на турски Дедеагач) и одржал говори со цел да го успокои месното грчко и македонско население на кое им го гарантирал животот, честа и имотот.
Ќе овозможам Бугарија да ја окупира Македонија, рекол Мусолини
Припремите за окупација на Егејскиот дел на Македонија и Западна Тракија, ја вклучувале Бугарија и во планот на Мусолини и во планираните окупациони активности на Хитлер. На состанокот кој го одржал Мусолини во палатата „Венеција“ на 15 октомври тој истакнал:
– Бугарија може да влезе во нашата игра и јас нема да се поколебам да ги преземам потребните мерки за да ја искористам единствената можност што ми се укажува, нејзе да ѝ се овозможи реализирање на аспирациите кон Македонија и добивање излез на морето.
Хитлер ги гледал Бугарите само како штит против Турција
Додека пак Хитлер улогата на Бугарија ја одредуваше преку воениот план Марита, според кој бугарските дивизии би биле ангажирани да ја обезбедуваат бугарско-турската граница, во случај Турција да застане на сојузот против Германија. Во западна Тракија едно мало пространство во близина на реката Марица, било прогласено за неутрална зона од страна на Германија и истовремено окупирано од германските војски.
Централниот дел на Егејска Македонија (западно од реката Струма, па сѐ до Лерин на запад), потпаднал под Германска окупација, додека западниот дел од Лерин вклучувајќи го и градот Костур па сѐ до албанската граница било под окупација на Италијанските сили.
Бугарите со авиони ги гаѓале востаниците
Во одредениот саат групата од Просечен извршиле напад на општината со 9 борци, полицискиот участок со 20, додека касарната со останатите 18 борци. Утрото на 29ти септември, во гратчето Просечен била прогласена народна власт. На овој митинг на македонски јазик се обратил Ѓорѓи Бончев, додека прокламацијата за востанието на грчки јазик била прочитана од Андониос Николаидис.
Истиот ден тие се сочиле со силен напад од бугарската војска подржан од два авиона, кои фрлиле бомби. Борците успеале да ги одбијат се до ноќта, кога добиле силна поддршка од минофрлачи и артилерија, по што започнал вистински масакр на населението во Просечен.
Апселе од куќа до куќа
Слично како во Просечен и во Доксат бугарските сили навлегле во градот следниот ден и почнале да влегуваат од куќа во куќа апсејќи ги сите мажи над 16 години. Бугарските власти го задушиле востанието при што биле убиени околу 3.000 души.
По неуспехот во Драма и при првите контрадејствија на бугарските сили, партизаните се повлекле во базите во Кушница и Чал даг за да се прегрупираат. Бугарските воени и полициски сили започнале со настапување и на 30 септември востаниците се повлекле од рамните области и борбите се фокусираат во северните области на Кавалско и Правишко.
Масакрираните запишани во Црна книга издадена во Атина
Во текот на овие три дена 29, 30 септември како и 1 октомври се смета дека се масакрирани околу 2.500 до 3.000 души во околината на Драма. Оваа бројка е потврдена и од бугарскиот даночен службеник од Драма, Петар Јанков, во делото Црна книга на бугарските злосторства во Источна и Македонија и Западна Тракија 1941-1945, издадена во Атина 1945 година на страна 22. Како главни наредбодавци и глумци на овие колежи се посочени бугарските и воени лица полковникот Михаилов, мајорот Пецев како и командантот на полицијата Стефан Магелански.
Стотици жени и деца заклани во манастир
Бугарскиот колеж и терор се проширил и вон Драмската околија. Најголем масакр бил извршен на планината Пангеон во манастирот Света Богородица (Иконосафиниса), каде што биле исклани неколку стотици жени и деца. Бугарските власти формираат три жандармериски групи, кои од 1 до 6 октомври започнале со чистење на регионот. Со помош на артилерија и авијација базите на востаниците во Кушница и Чал даг се уништени.
Последните остатоци на отпорот биле уништени на 5 ноември.