Бугарите посакуваат да ни умре козата, ама „ЕУ-ветеринарите“ ќе ја спасуваат?!

Бугарија е апсолутно одлучна да не попушти и тоа ќе потрае уште некое време, иако и нејзе ѝ одговара да ги започнеме преговорите, но со сегашната тврдоглавост само се обидува да ги зајакне своите позиции, истакна поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски за Плусинфо.

5,588

Крајно време беше некој од Европската Унија да каже дека ова што го прави Бугарија е надвор од умот. Словачка и Чешка заслужуваат признание, ама зачудувачко е тоа што тие две земји останаа сами, а не им се придружија Словенија, Хрватска, скандинавските земји кои секогаш биле правдољубиви, како и сите други членки на ЕУ. Ова за Плусинфо го изјави поранешниот македонски амбасадор, Ристо Никовски, кој посочи дека Бугарија и понатаму е апсолутно одлучна да не попушти и дека тоа ќе потрае уште некое време.

– Во прашање е нецивилизациско барање, нешто што е дијаметрално спротивно на основните вредности на Унијата. Тоа, сепак, не треба многу да изненадува, бидејќи Македонија, како директно заинтересирана, се прави како ништо да не разбира, а бугарската агресија претставува отворена војна кон нашата земја, ама нас тоа како да не нè интересира. Ако ништо друго, Македонија мораше да одговори на безобразниот бугарски меморандум со кој на еден примитивен и средновековен начин тврди дека ние не постоиме како народ, дека немаме свој јазик, историја и слично. Со други зборови, ние покажавме дека се согласуваме со бугарските тврдења и дека немаме приговор, односно аргументи против нив. Бугарија е апсолутно одлучна да не попушти и тоа ќе потрае уште некое време, иако и нејзе ѝ одговара да ги започнеме преговорите, а со сегашната тврдоглавост само се обидува да ги зајакне своите позиции и да си го олесни постепеното уништување на македонскиот народ, кој ќе биде во тек на нашите голготи, при секое отворање на ново поглавје од преговарачката рамка – објаснува Никовски.






Словачка и Чешка заслужуваат признание, ама зачудувачко е тоа што тие две земји останаа сами, а не им се придружија Словенија, Хрватска, скандинавските земји кои секогаш биле правдољубиви, како и сите други членки на ЕУ.

Ристо Никовски Поранешен амбасадор

На прашањето дали потегот на Словачка и на Чешка може да значи и пресвртница во спорот и евентуално повлекување на ветото, тој одгововори дека Бугарите „мува не ги лази“.

– Ако една Германија, која ја повторуваше процедурата и која доживеа директен пораз поради тоа што не успеа да организира конференција која претходно ја вети и ја најави, тогаш зарем мислите дека Прага и Братислава ќе ја заплашат Бугарија? – кратко искоментира Никовски.

Од друга страна, пак, советникот на премиерот за надворешна политика, Едмонд Адеми, тврди дека Чешка, Словачка и Австрија не се единствени земји кои се спротивставиле на заклучоците на Советот за ЕУ, во кои, меѓу другото, по барање на Бугарија се вметнува формулација за погрешно толкување на историјата.

– Не се само овие три земји, Австрија, Чешка и Словачка, има и други земји кои се на вакво стојалиште, но ете само овие три беа гласни во презентирање на ставот. Ставот на овие три држави околу погрешната интерпретација на историјата праќа порака во смисла, сите кои сме учеле историја знаеме дека Европа има испреплетена историја и тешко е да се дефинира што е што, и дека погрешната интерпетација може да создаде проблеми и во самата ЕУ, па покрај проблеми со буџетот, ковид-19, Брегзит, да имаат потреба од отворање на други големи прашања, па пораката е дека толкувањето на историјата да се остави на историчарите, а политичарите да ја интерпретираат сегашноста и да создаваат иднина – истакна Адеми.

Поранешниот амбасадор на Македонија во САД и ексвицепремиер за евроинтеграции, Васко Наумовски, во дебатниот магазин „Клик Плус“ на ТВ21 посочи дека во втората половина од 2021 година би можело да се пронајде решение за спорот со Бугарија.

– Пред изборите јас не би очекувал, секогаш кога се формира нова влада, без разлика дали ќе остане владата на актуелниот премиер Бојко Борисов или, пак, ќе дојде социјалистичката партија на власт, ќе може да се постават основите на разговорите коишто би можеле да донесат некаков напредок во однос на ова прашање. Не велам дека само што ќе завршат изборите веднаш ќе се реши овој спор –  истакна Наумовски.

Тој смета дека за време на словенечкото претседателство во втората половина на наредната година би можеле да очекуваме некаков напредок во однос на ова прашање.

И за Демократскиот сојуз (ДС) искрен и принципиелен е ставот на Чешка и Словачка, кои спречија ЕУ директно да се вмеша во историјата и да ѝ овозможи Бугарија да го редефинира и обликува минатото според нивните потреби, користејќи го ветото и спречувајќи Македонија да продолжи по евроинтеграцискиот пат.

– Македонија многу поодамна ги исполнува критериумите за започнување на пристапните преговори за полноправно членство во ЕУ при што долго чекаше и чека пред вратите на Унијата поради наводно историски прашања, името на државата, јазикот, посебноста на народот и други прашања кои ги отворија соседните држави Грција и Бугарија – велат од партијата на Павле Трајанов.

За потсетување, Чешка и Словачка вчера објавија заеднички став во кој официјално соопштија дека двете земји не може да се согласат со донесените заклучоци, а посебен проблем претставува контроверзната реченица „погрешно толкување на историјата“ која Бугарија ѝ ја наметна на Македонија како услов за влез во ЕУ. Од бугарското Министерство за надворешни работи истакнаа дека Бугарија жали што неочекувано и „без образложение“ биле блокирани заклучоците на Советот на ЕУ.

Поврзани содржини