БУГАРИЈА СЕ ЖАЛИ ВО БРИСЕЛ ДЕКА МАКЕДОНИЈА НЕ ГИ ИСПОЛНУВА ОБВРСКИТЕ Клучните договори насочено се оспорени пред Уставниот суд, пишува Георгиев
За жал, наместо конструктивен дијалог и добрососедски односи, забележуваме политика на конфронтација, провокации и повлекување од преземените обврски, пишува бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев во писмо до Брисел.
Бугарија изразува растечка загриженост за континуираниот неуспех на Република Северна Македонија да ги исполни своите обврски кон Европската Унија, напиша бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев во писмо до Брисел.
„Пакет-договорот одобрен во јули 2022 година на европско ниво останува единствениот можен пат напред за оваа земја-кандидат за ЕУ. За жал, наместо конструктивен дијалог и добрососедски односи, забележуваме политика на конфронтација, провокации и повлекување од преземените обврски, вклучително и насочено оспорување на клучните договори пред Уставниот суд во Скопје“, пишува Георгиев, објави БГНЕС.
Не е можно да се промени договорениот европски консензус или која било од неговите компоненти, додава тој.
„Бугарија очекува соседната земја да ги исполни своите обврски со добра намера, на што самиот Европски Совет постојано инсистира. Остануваме на ставот дека најдоброто решение за иднината на Западен Балкан е учеството на сите држави во овој најуспешен проект наречен Европска Унија. Подготвени сме да му помогнеме на Скопје да го следи својот европски пат во процесот на реформи, во случај ако членството во Обединета Европа е вистински избор на неговата влада“, пишува бугарскиот министер за надворешни работи.