БУГАРИЈА ПОНУДИ ПОМОШ ВО МАЗУТ Македонија одби, затоа што има доволно
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски му рекол на бугарскиот колега Георг Георгиев дека Македонија е подготвена да ѝ помогне на Бугарија, доколку таму има потреба од ваква или слична помош.
Министерството за надорешни работи ја потврди веста од Софија дека министрите за надворешни работи, Тимчо Муцунски и Георг Георгиев разговарале околу проблемите со мазутот што ги има Македонија, како и дека нашата земја ја одбила понудената помош од соседната земја, затоа што нема потреба, а мазут има доволно.
„Утрово беше остварен телефонски разговор меѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за надворешни работи на Република Бугарија, Георг Георгиев. Министерот Муцунски изрази благодарност за понудената помош, при што нагласи дека во моментов нема потреба од дополнителна поддршка, бидејќи состојбата е стабилна“, велат од МНР.
Муцунски му рекол на Георгиев дека Македонија е подготвена да ѝ помогне на Бугарија, доколку таму има потреба од ваква или слична помош.
Помошта што Бугарија ја понуди следува еден ден откако македонската влада донесе одлука за кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија во траење од 7 дена, а електраните ќе користат мазут од државните резерви.