БУГАРИЈА НА ЗАПАД, АЛБАНИЈА НА ИСТОК, УЧЕБНИКОТ НЕ БИЛ ЛАНСКИ ИЛИ СЕПАК БИЛ?! Се греши и во одбраната на доцнењето на учебниците
Дека и најучените прават грешки се увери и премиерот Ковачевски, кој кажа дека учебникот издаден во 2022 година - не бил од лани.
„Не сакаме да има книги во кои Бугарија е на запад, а Албанија е на исток“, рече премиерот Димитар Ковачевски вечерва на „Канал 5“ на прашање за тоа зошто доцни учебникот по историја за шесто одделение. Премиерот во изјавата всушност даде пример за друга книга, за случајот со историјата за петто одделение која во мај годинава беше повлечена поради таа и други бројни грешки во текстот, аргументирајќи дека поради ваквите грешки контролите сега се построги и дека затоа доцни процесот со ревидирање.
Тој исто така рече дека се работи за учебник кој не бил напишан лани.
Меѓутоа, набрзо беше исправен од инфлуенсерот Богдан Илиевски кој на Фејсбук објави слика од учебникот за петто одделение каде се гледа дека тој бил издаден во 2022 година.
Останува прашањето што се случува со историјата за шесто одделение.
Според премиерот состојбата со учебниците оваа година е значително подобрена, но има и дел од нив кои сè уште не се готови.
– Но, не може министерот да седне и да го напише учебникот, да го одобри. Тоа го прави автор, рецензентска комисија и на крајот учебникот се дава во издавачкиот дел и се печати – вели премиерот и уверува дека во најголем дел учебниците се испечатени и се однесени во училиштата, а во најкраток можен рок најави дека ќе биде довршено сето она што досега не е направено.
Тој рече и дека може да се организира прес-конференција со авторите кои пишуваат книги и со рецензенти кои прават рецензија на книга, кои би го објасниле процесот на пишување и одобрување книги.