Бугарија како Тројански коњ во ЕУ
Нема никакво сомневање дека проширувањето на ЕУ, според сите показатели, нема да се случи преку ноќ.
„Бугарија е во добра позција да стане наш посебен партнер, еден вид Тројански коњ во ЕУ“, изјави рускиот ЕУ-амбасадор Владимир Чижов, непосредно пред Бугарија да биде примена во полноправно членство на Унијата. Бугарското вето со кое беа спречени пристапните преговори на Македонија, а кое по „фарнцускиот компромис“ е ставено во мирување на неодредено време, е израз токму на таквата политика, втемелена врз националистички барања, со која беше запрено натамошното ЕУ-проширување.
Чижов подоцна, во 2017 година, се обиде да се поправи во интервју за „Еурактив“:
„Никогаш не го кажав тоа. Од мене беше побарано да коментирам одредени публикации во кои Бугарија се нарекува Тројански коњ. Реков дека би бил среќен да видам таков Тројански коњ“.
Но ваквиот одговор на Чижов, даден два месеца пред почетокот на бугарското претседавање со Советот на ЕУ, не ја смени многу перспективата на гледање на нештата во геопочитичкиот контекст. Наследството од Студената војна значеше дека Бугарија стана токму тоа, не нужно застапник на Кремљ, туку еден вид тројански коњ кој треба да ги балансира барањата на Москва и Брисел.
Во меѓувреме остануваат барањата за промени во македонскиот устав и за оддржување на нова меѓувладина конференција, за Македонија воопшто да може да ги започне преговорите за членство на посериозен начин. Францускиот компромис, или „францускиот предлог“, беше изгласан во бугарскиот парламент откако партијата на поранешниот премиер Борисов беше изложена на притисок на Европоската народна партија, ЕПП. Но, цената беше распад на владината коалиција.
Премиерот Кирил Петков за таквиот развој директно ги обвини бугарските олигарси и рускиот амбасадор во Софија.
Многупати е речено дека отстапките што ЕУ ги прави кон националистичките сили најмногу одат во прилог на ширењето на влијанието на рускиот претседател Путин. Тоа во добар дел е и причината поради која ЕУ-проширувањето се очекува да биде една од најжешките дебати во Брисел во наредните години. Нападот на Русија врз Украина целосно ја промени безбедносната ситуација во Европа. ЕУ треба да се прошири и да прими повеќе земји во своето членство, бидејќи се повеќе созрева сознанието дека во еден поопасен свет, Унијата мора да ги негува и да ги засили односите со своите соседи.
Нема никакво сомневање дека проширувањето на ЕУ, според сите показатели, нема да се случи преку ноќ. Денешните најмоќни лидери на ЕУ, како Олаф Шолц и Емануел Макрон, веројатно нема да бидат на власт кога ќе се случи следното историско проширување. Но, од нив се очекува храбро да се справат со тешки прашања како што се: како да се реформира ЕУ за да стане поголема? Како ќе се финансира? Македонија, Албанија и Црна Гора како земји кандидадтки имаат далеку помал БДП од голем број членки на ЕУ. Од друга страна се присутни и стравувања дека гигантот Украина ќе ја разнесе буџетската рамка која денес функционира како темел врз кој е изградена ЕУ.
Од друга страна отпорите против проширувањето на ЕУ не доаѓаат само преку стремежите зад кои се кријат националистичките сили во разни делови на Европа. Скепсата е изразено присутна и меѓу богатите ЕУ-членки, кои се мачат со прашањето кој ќе го плати цехот за сето тоа? Шведска, на пример, е една од тие земји кои не се подготвени да го зголемат буџетот на ЕУ. Станува збор за приоритети, како што по самитот во Гранада рече шведскиот пемиер Улф Кристерсон. Појдовната точка е дека кога ЕУ расте мора и да штеди. Инаку, според Кристерсон, ќе биде целосно невозможно да се одржат денешните парични текови, на пример, за земјоделската политика на ЕУ. На едноставен јазик, ова значи укинати или значително намалени субвенции од кои многу европски земјоделци се целосно зависни. Но прашање е дали земјоделците во ЕУ ќе се согласат со тоа. И дали лидерите на ЕУ ќе се осмелат да ја интензивираат таа борба?
Едновремено продолжува да расте и евроскептицизмот меѓу земјите кандидатки кои со години чекаат да се случи нешто позитивно што ќе го зголеми расположението во чекалната пред портите на ЕУ. Скептицизмот во добрите намери на Брисел е веќе мошне многу раширен на Западен Балкан. Истото може да се случи и во Украина и Молдавија, откако ќе заврши војната со Русија. Западноориентираните лидери во овие земји ризикуваат да не добијат поддршка од разочараните гласачи кои со години наназад се надеваа на побрз пристап во ЕУ.
Тоа е клучната дилема на лидерите на земјите кандидатки, како да оддржат една деликатна рамнотежа и да ги убедат своите граѓани да ги прифатат реформите што ги бара ЕУ, но без истовремено да ветуваат премногу за тоа што носи членството. Бидејќи мислењата во врска со тоа се мошне поделени.
Во секој случај, сегашните стравувања околу големиот притисок врз кој би биле изложени енормните земјоделски фондови на ЕУ, сигурно не ги поттикнува можното членство на малите западнобалкански земји, чиј земјоделски сектор е веќе од поодамна девастиран и минимизиран. Тие земји не би се задоволиле само со трошки, но веројатно не би ни можеле да очекуваат дека би добиле многу повеќе.
Но мислењата се поделени и меѓу европските експерити. За да може ЕУ да го задржи својот кредибилитет во однос на проширувањето, Унијата веќе требаше да биде подготвена да ги прими, на пример, Македонија и Црна Гора, смета Тања Берзел, професор при Универзитетот Фреи во Берлин. Тоа би испратило сигнал до другите земји да ги забрзаат своите реформи.
„Северна Македонија и Црна Гора во голема мера ги исполнија основните критериуми за да станат членки“, смета Берзел, нагласувајќи дека сепак има и политички причини кои ја спречуваат ЕУ да оди напред. Тројанскиот коњ во лицето на Бугарија, преку наметнатите уцени и барања кои немаат никаква врска со критериумите за членство, е секако една од причините што силно влијаеше да се закочи тркалото на европските интеграции.