БУГАРИЈА И ГРЦИЈА КООРДИНИРАНО ГИ АСИМИЛИРААТ МАКЕДОНЦИТЕ Го негираат малцинството за нацијата да им изгледа славно

Како професор по историја, Стојков ја отфрла тезата за заедничка историја на Бугарија и Македонија, додавајќи дека не е мал бројот на бугарски историчари кои во минатото пишувале за посебноста на Македонците.

1,729

Најголемиот дел од Македонците во Бугарија се плашат јавно да говорат за својот идентитет, тврди професорот Стојко Стојков, лидер на ОМО Илинден Пирин.

Во интервјуто за Плусинфо тој ја открива „темната страна“ на политиката на Бугарија, но и координираната соработка со Грција, кога се во прашање Македонија и Македонците.






Како професор по историја, Стојков ја отфрла тезата за заедничка историја на Бугарија и на Македонија, додавајќи дека не е мал бројот на бугарски историчари кои во минатото пишувале за посебноста на Македонците.

Тој е разочаран од односот на македонските политичари во изминативе 30 години, бидејќи постоела шанса во директни преговори да се издејствува признавањето на нашето малцинство од страна на Софија, но претставниците од Скопје едноставно не биле заинтересирани за тоа.

Вие сте универзитетски професот по историја, па веднаш да ве прашам дали тврдењето на бугарските историчари дека не постои македонска историја пред 1945 година е точно?

Не! Поим како „македонска историја“ (а исто и бугарска и други истории) содржи повеќе димензии – историја на конкретната држава, историја на државните традиции или држави во минатото на која таа се повикува, историја на нација, етничка заедница, религиска/културна традиција, историја на одредена територија, историја на одредена популација и сл. Само по една од овие основи – историја на сега постоечката држава може да се тврди дека истата нема нејзина историја пред 1944 г. (иако има своја предисторија). Но по сите останати основи има македонска историја пред 1944 г., а по повеќето, има и средновековна и античка. Нешто повеќе во минатото не малку бугарски историчари го признавале тоа. На пример Димитар Ангелов во 1947 г. напишал статија во која зборува за македонски народ во 13 в. Повеќе бугарски историчари признавале посебна македонска историја меѓу 1878 – 1944 г. Сегашната бугарска позиција е рожба на национал-комунистичката политика на градење на единствена бугарска нација започната од режимот на Тодор Живков после 1963 г. и истата нема научни туку идеолошки цели – да се гарантира дека во Бугарија македонско малцинство нема и не може да има и да се редефинира македонската нација на пробугарска основа. Тезата што сакаат да ни ја наметнат не е ни најмалку научна и доволно јасен доказ за тоа е фактот што Бугарија толку жестоко се спротивставува на вклучување на трета неутрална експертска група во мешовитата комисија – многу добро знаат дека ниту една од идеолошките цели што си ги поставуваат нема да најде поддршка.

Што се однесува, пак, до периодот на бугарската историја за време на Втората светска војна, дали во тоа време тогашната власт е фашистичка?

Овде бугарската страна шпекулира со формални аргументи, имено ако државата или режимот што владеел со Бугарија за време на втората светска војна сам себе си не се дефинирал со терминот „фашистички“, значи и не бил таков. Така ќе излезе дека фашизам имало само во Италија. Но и популарно, а и во науката под фашизам и фашистички често се разбира една поширока група од движења и воспоставени режими кои делат некои основни идеолошки карактеристики и политики и во таа смисла Бугарија била фашистичка. Во неа во она време дејствуваа закони и практики кои се фашистички и во тој ред спаѓаат суспендирањето на партиите, законот за заштита на државата, антисемитските практики, испраќањето на македонските евреи во нацистичките логори на смртта, отворање свои сопствени логори за опозициски настроени луѓе, егзекуции на деца и сл. Бугарија е и составен дел од фашистичката коалиција и окупацијата што ја врши во Македонија, Србија и во Грција е имено во рамките и во услуга на оваа коалиција. Поради тоа термините „бугарска окупација“ и „фашистичка окупација“ (во второто би влегувала и италијанската окупација) се сосема во ред и не се навредливи за бугарска нација и држава сега, тоа  е едноставно факт од минатото, од кои можеме да извлечеме поука. Од друга страна македонските партизани кои се бореа со бугарските окупациски сили беа составен дел од антифашистичката коалиција. Смешно е денес да се тврди дека овие антифашисти не се бореле против фашизмот. Како тогаш треба да ги дефинираме нив – како антибугарски?

Зошто бугарските претставници на власта, во континуитет го негираат постоењето на македонското малцинство во Бугарија?

Затоа што тоа го руши митот за славна и голема Бугарија. Како што забележал Черчил балканските народи се натоварени со повеќе историја отколку што можат да поднесат. А јас би додал – тие и немаат ништо друго преку што да претендираат за некоја големина. Тоа е проблемот што и Грција и Бугарија го имаат со македонските малцинства но и со македонската нација генерално. Нивното постоење само по себе демонстрира дека и грчката и бугарската официјални верзии на историјата се едноставно невистинити. Затоа гледаме дека двете држави координирано работат на асимилација на македонските малцинства и демакедонизација на македонската држава. Опасноста е идеолошка – ниту македонските малцинства имаат сила (да не зборуваме за желба) да ги загрозат некако овие држави, а ниту македонската нација или држава. Зборуваме за патологии на национализмот, а не за проблеми од реалниот живот.

Дали сте разочарани од односот на македонските политичари, кои како да се откажуваат од своето малцинство во Бугарија?

Тотално. И не само јас – туку и сите Македонци во Бугарија. Македонските политичари во последните 30 години покажаа комплетна незаинтересираност за македонското малцинство во Бугарија наспроти уставните обврски што ги имаа. Имаа можност со малку повеќе напор да го решат ова прашање во 1998 година кога Бугарија имаше потреба од договор со Македонија за да започне преговори за влегување во ЕУ, но наместо тоа тие тогаш го предадоа македонското малцинство – се откажаа од него па и го релативизираа македонскиот јазик. Стапицата во која се наоѓа сега македонската држава ќе беше невозможна без оваа комплетна негрижа и немање државничко и национално мислење кај голем дел од македонската политичка елита.

Во една прилика изјавивте дека во Бугарија живеат многу повеќе од 5000 Македонци. Дали поголемиот дел од нив се плашат јавно да го искажат својот идентитет?

Мнозинството Македонци во Бугарија се плашат да ја изразуваат својата македонска самосвест. Само најхрабрите и оние што нема што да губат излегуваат напред. Постоењето на тоа тивко мноштво е добро познато на бугарските власти и тоа е причината како за политиката на дискриминација на македонските организации и партии во Бугарија, така и една од главните причини за бугарската блокада на Македонија. Тука имаме интересна паралела – Бугарија на ист начин и со исти мотиви блокира регистрацијата на организации кои на било кој начин би прифаќале или би се залагале за македонски идентитет и малцинство во Бугарија и влегувањето ан една македонска  Македонија во Европа, која би поддржувала постоењето на македонско малцинство. Или како се изразуваа во последните десетина години највисоки бугарски државници: „Македонија во Европа – да, македонизмот – не.“ Бугарија е исплашена дека влегувањето на Македонија во Европа ќе ги охрабри Македонците во Бугарија и може да даде можност истите да бидат подржани од една европска членка, што може да доведе до тоа десетици илјади Македонци во Бугарија да излезат на светло и да ги побараат своите права. Затоа Бугарија на своја територија поддржува атмосфера на страв и нетрпеливост против македонскиот идентитет а пак од Македонија бара не само да се откаже од малцинството, но и да го прогласи за непостоечко, за да се убие духот на Македонците во Бугарија и белки тие најпосле да капитулираат и да ја прифатат бугаризацијата.

ОМО Илинден Пирин е организација која долги години води правна битка во Бугарија, а засега не помогнаа ниту пресудите од Судот во Стразбур. Дали и натаму ќе продолжите да се борите за своите права на ист начин или можеби ќе го промените начинот на делување?

Веќе сме мислам близу до тоа да се разбие блокадата пред регистрацијата на македонски организации во Бугарија. Така што верувам дека досегашната борба иако бавно, сепак дава резултат. Но се разбира работиме и на тоа да го прошириме и фронтот и методите на работа.

Поврзани содржини