БУГАРИЈА ГО ПРИФАТИ КРАТКОТО ИМЕ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, А ПРЕТХОДНО ГО СПОРЕШЕ Падна договор и за авионска линија Скопје-Софија
На денешната средба со бугарскиот премиер Кирил Петков се договоривме Бугарија да го користи краткото име Северна Македонија подеднакво како и долгото име Република Северна Македонија, истакна македонскиот премиер Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со бугарскиот колега.
Со мојот бугарски колега Кирил Петков денеска се договоривме Бугарија да го прифати краткото име на земјава Северна Македонија подеднакво како и долгото име Република Северна Македонија, истакна македонскиот премиер Димитар Ковачевски на денешната заедничка прес-конференција со премиерот на Бугарија во Скопје.
Бугарскиот премиер Кирил Петков, пак, откри дека со македонскиот колега Ковачевски паднал договор за воведување директна авионска линија Скопје-Софија во следните 60 дена.
– На денешната средба со бугарскиот премиер Кирил Петков се договоривме Бугарија да го користи краткото име Северна Македонија подеднакво како и долгото име Република Северна Македонија. Министерството за надворешни работи испрати вербална нота до Обединетите нации со која се потврдува дека краткото и долгото име на државата се подеднакво валидни и дека користењето на краткото име нема никаква импликација врз територијалниот интегритет на Бугарија. Вчера го следев интервјуто на Петков и забележав дека бугарскиот премиер постојано се трудеше да го користи долгото име на државата, но сега ќе може слободно да го користи и краткото име. Отстранувањето на прашањето за краткото име Северна Македонија од масата на разговори преку ваков усогласен и пријателски однос со двете страни за мене претставува прв голем чекор во ова наше ново поглавје – рече Ковачевски.
Ваквите чекори, додаде премиерот, влеваат оптимизам за иднината.
– Ваквите чекори водат кон посилно поврзување и кон поголема соработка помеѓу двете држави и помеѓу двата народи. Освен тоа, со господинот Петков си дадовме збор дека ќе ја искористиме позитивната енергија и дека ќе ги унапредиме односите помеѓу двете земји. И јас и тој имаме иста заедничка цел да создадеме услови за подобра иднина на граѓаните на Република Северна Македонија и Бугарија. Оваа денешна посета на колегата Петков коинцидира со 30-годишнината од признавањето на Република Бугарија на нашата земја под уставното име. Бугарија е прва која нè призна и направи пријателски чин во исклучително сложени политички услови. Триесет години подоцна отвораме еден нов прозорец на соработка кој веруваме дека ќе резултира со нов пријателски и добрососедски чин, поддршка за нашата евроинтеграција – рече Ковачевски.
Тој додаде дека на 25 јануари ќе се одржи заедничка седница на двете влади и ќе се формираат работни групи кои ќе работат на соработката и на градење односи кои ќе значат просперитетна иднина.
– На 25 јануари ќе одржиме задничка седница на двете влади, ќе се формираат работни групи кои ќе работат на соработката и на градење односи кои ќе значат просперитетна иднина. Очекувам наскоро да се реализираат иницијативите што ги најави Петков. Следно е да го дефинираме и отворањето на граничниот премин Клепало, бидејќи на тој начин ќе се зголеми потеницијалот за туризам, а со тоа и врските помеѓу двата народа – рече Ковачевски.
Бугарскиот премиер Кирил Петков рече дека е задоволен од исходот на првата средба со македонскиот премиер.
– Многу сум среќен што можам да кажам дека оттука натаму добрососедството ќе се мери со реални постигнати цели и резултати. Јас многу се радувам за напредокот што беше постигнат денеска и што можам мирно да кажам Северна Македонија. Важно е да се работи и да бидеме во постојана комуникација. Во нашиот Договор за добрососедство има јасна дефиниција во однос на јазикот и тука треба да кажеме дека Бугарија е многу горда поради тоа што е првата земја што ја призна независноста на Северна Македонија. Денеска јасно изјавуваме дека линијата Софија-Скопје ќе биде реалност. За она за што се ангажираме е дека за 30 дена ќе имаме точни специфики, а за 60 дена таа линија ќе биде воведена во функција. Така што, кога ќе почнеме да работиме со точни резултати и кога ќе даваме можност на народите од двете земји да можат слободно да патуваат, слободно да прават бизнис. Врските и Коридорот 8 треба да станат приоритети. И двајцата сме многу решени дека трасата по која се движиме да продолжи. На 25 јануари ќе биде првата средба на владите, по што ќе следуваат редовни средби на работните групи со јасни цели и резултати и ќе покажеме дека добрососедските односи имаат и практични резултати, реални резултати во бизнисот и патување од Скопје до Софија за 20 минути – рече Петков.
Тој нагласи дека со неговиот колега Ковачевски се согласни и натаму да продолжи брзината со која се движат работите со цел постојано унапредување на односите и добрососедството.
На тој начин, вели Петков, ќе им покажеме на двата народа од двете земји дека добрососедството се мери практично, а не само на ниво на политички изјави.
Прашан дали пред македонската страна биле поставени и други услови од бугарската рамковна позиција, меѓу кои рехабилитација на жртвите на комунизмот, кои биле гонети поради бугарската самосмест и оштетувањето на табли и натписи, Петков рече дека било разговарано за сите прашања, но дека тоа што е важно, е дека и двајцата разбираат дека овие специфични прашања треба да бидат решени.
– Да, ќе работиме на нив како дел од заедничката работа, но ќе бидат во сосема различна димензија кога се ставени и во контекст на сите други работни групи. Одгoворот е да, но фокусот од тука натаму треба да биде зошто е толку важно нашите две држави да го имаат тоа добрососедство, а не само да се фокусираме на проблемите што треба да бидат решени, но тоа е сосема друг пристап – истакна Петков.
На крајот на прес-конференцијата, бугарска новинарка му подари „здраво червено јаболко“ на Ковачевски.
– Ви посакуваме успех во вашата работа – му порача новинарката на македонскиот премиер.