Убеден сум дека ќе најдеме решение, но не за седум дена. Можеби ќе биде потребно дополнително време, но сме на вистинскиот пат, рече експремиерот, а сега специјален претставник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски на прес конференција со министерот за надворешни работи Бујар Османи.
– Јас, поради моето искуство, нема да прифатам со нашите бугарски пријатели да ги испраќаме пораките преку медиумите. Нашата комисија работи интензивно, имаме инструменти што ги дава Договорот. Ако тие инструменти и досега се користеа, немаше да дојде до оваа криза бидејќи, според мене, затоа што ги слушам често и сугестиите и критиките кон нас, ние имаме сериозни аргументи кои ѝ се испорачани на другата страна. Се чекаат реакциите од другата страна. Го почитувам и она што го знам врз основа на слични кризи, молкот од наша страна. Подобро е кога се молчи за да дојдеме до посакуваното решение – рече Бучковски.
Министерот Османи посочи дека се создаваат низа механизми преку кои се прават обиди да се зајакне довербата во политичкиот дијалог меѓу двете земји, особено, како што посочи, да ја вратиме довербата во Договорот за пријателство од 2017 година.
– Работиме и на дополнителни форми на акциски планови преку кои не само декларативно, туку и суштински покажуваме сериозни намери да ја засилиме улогата на Договорот за пријателство, особено неговата ефикасност и имплементација. Во таа насока дополнително на овие политички механизми нашата интенција е да се посветиме на имплементацијата на Договорот и преку назначување на специјален претставник чија мандатна цел ќе биде токму реализацијата на прашањата од интерес на двете земји опфатени со Договорот за пријателство и јас би рекол, враќање на довербата во овој најзначаен механизам за надминување на отворените прашања меѓу Северна Македонија и Република Бугарија – истакна Османи.
Тој оцени оти е важно што во овој процес не е назначено, како што рече, техничко лице, туку поранешен премиер на земјата, кој во својот мандат има остварено значаен придонес во унапредување на односите меѓу двете земји кој во исто време е и добар познавач на билатералните односи меѓу двете земји.
– Со оваа одлука ја пополнуваме и дипломатската празнина што немаме назначен амбасадор во Софија каде во моментот имаме само вршител на должност и тоа со далеку посилен политички претставник отколку редовен дипломат. Ние како МНР со целиот свој дипломатски капацитет остануваме и натаму посветени на билатералните односи со Бугарија за што во иднина очекувам да имаме блиска и тесна соработка со Бучковски што беше и тема на денешните разговори – додаде Османи.