Експремиерот Владо Бучковски не верува дека мешовитата македонско-бугарска комисија за историја и образование ќе ги затвори сите прашања. Тој смета дека историчарите си даваат простор за политичарите да ги тргнат пречките. Бучковски ова го кажа во гостување во „Студио 10“ на ТВ24.
– Времето не ни е сојузник. За да одговориме на овој предизвик со Бугарија, треба да се вратиме назад. За јазикот од бугарска страна се инсистира да се користи формулација која ја има во Договорот за пријателство. Се обидуваат да направат дистинкција меѓу заеднички и поделено, за заедничката историја. Околу малцинските прашања се инсистира да нема мешање во внатрешните прашања. Поприлично се комплицирани работите. Историчарите се обидуваат да извлечат максимум. Не верувам дека заедничката Комисија ќе ги затвори сите прашања. Историчарите си даваат простор за политичарите да ги тргнат препреките. Климата е неповолна, јавноста и кај нас и во Бугарија е увствителна. Дали ќе ја најдат формулата двата тима не знам, но просторот за маневар што го има нашата страна не е комотен – вели Бучковски за тоа дали Бугарија ќе ја блокира Македонија на патот кон ЕУ.