Бујна машта лупа свашта

1,300

Никако не потценувајќи го македонскиот јазик, сепак не успеав да најдам соодветен – и добар – приближен превод на оваа српска „изрека“. Зборовите се тука, на пример за „машта“ (мечта, вообразба, фантазија), за „лупа“ (тропа, треска…), за „свашта“ (сешто), но нивниот спој, на пример бујна мечта тропа сешто, ја доловува суштината но сепак не и „звучноста“ на оригиналот. Затоа и го оставив така, со надеж дека не пречи.

Но, се разбира, поважно е сето ова што почнува пропагандно да ни се сервира од сите актери во предизборниот процес, иако ни досега не бевме поштедени од нивните глупости. А ако почетокот е ваков, каков ли ќе биде крајот? Или, пак ќе велиме „само да нема насилство“, како силеџиството на зборот да е помало од физичкото?






Елем, дека пропагандниот циркус со претпоставен монструозен тек може да започне објави никој друг туку оној (веќе) смешен лик кој толку години глумеше претседател на државата (па му се виде малку и посака уште) потпишувајќи го – баш сега, пред избори! – катастрофалниот Закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Не разбирајќи дури ни дека со тоа докрај ни ги открива својот недемократски профил, својата неукост и неспособност за политичко мислење, се дрзнува да ни „објаснува“ дека „во Законот јасно е дефинирано што претставува државна кампања од јавен интерес, на државно или на локално ниво“.

Нивната, и неговата, „кампања“ – што ќе рече плукање по другите, бил – јавен (односно наш) интерес! И понатаму, демек како главен аргумент, човекот вели дека „Законот (…) во Собранието беше донесен без поднесени амандмани од опозицијата, што значи дека опозицијата нема забелешки за неговата содржина.“

И сега, не знаете кој е овде посмешен: „претседателот“, неговиот кабинет или сдсм којашто веројатно му напишала што треба да каже. И сите среќни и весели бидејќи, нели, Законот бил донесен „без поднесени амандмани од опозицијата“! Е па извинете, кој е овде глуп, а кој – поглуп? И зошто опозицијата, којашто е убедена дека веќе утре ќе биде власт, би имала нешто против таков „закон“ сервиран во нејзина полза директно од власта? Денес, за нејзина употреба – утре?! И они, според логикава на „интелигентиве“, би требало да се бунат, да поднесуваат амандмани?

И, замислете, за разлика од порано – сакаат да кажат од времето на ДПМНЕ како репер за сите нивни сегашни глупости – сега било прецизно регулирано како медиумите и колку средства – наши пари, за нивни пропагандни потреби! – ќе добиваат за кампањи на државно или на локално ниво. Тоа треба да е некаков демократски напредок, некаква реформа, што ли? Не разбира ли човеков дека се самоубива, по којзнае кој пат?

Впрочем, глумецов од Водно досега многукратно ни се претстави како човек не само без основна политичка култура и елементарни знаења, туку и како Пинокио со бујна фантазија, особено онаа од којашто растат носот и ушите. И упорно нема некој да му каже дека тие делови од телото многу му пораснале, дека неговата „машта“ навистина „лупа свашта“, особено во контекстот на „Источниот проблем“, на што ќе се наваратам подоцна.

А, се разбира, ниту една македонска манџа не може да помине без капларската мирудија на (сега) техничкиот премиер кој, каков што го дал Севишниот, е контра секоја посебно и сите заедно разумни опции за барем делумно излегување од оваа изборна катастрофа. Но, впрочем, тој е седнат на тоа место токму (и) заради таа негова пауновидна „поза П“ – да се биде непринципиелно тврдоглав, па и контра здравиот разум! „Статистиката“ на некои полуписмени билмези му пресметала на капларот дека секој граѓанин во оваа Недојдија може за месец дена да добие нова лична карта. Ама реалноста кажува друго, нели? Но кога во војската, која и да е и чија и да е, реалноста имала некакво значење?! Па таа, војската, по ѓаволите, знае и зошто во високото образование едни добиваат повисока плата а други – не. И како, впрочем, „командата“ може да биде одговорна за што и да е?

А во целиот предизборен циркус се вклучува и оној подзаборавен „стручњак“ од времето на „шарената“ улична пропаганда и мавта со прстето: „Изборите ќе го дадат одговорот дали ќе забрзаме во користењето на европските фондови и придобивки“. Ма није ваљда! Што ќе рече дека европските пари се резервирани само за „прогресивциве“, па ако тие пропаднат на избориве користењето на тие фондови и придобивки – ќе запре? До кога ли слепциве ќе плаќаат вакви тупави ликови?

Се разбира, врвот на сегашниот популистички миг повторно доаѓа од оној Пинокио на Водно и неговите „објаснувања“ за Македонците во Бугарија и за нивните историски голготи, но и со оној драматичен акцент дека ние, сепак, мораме да ги прифатиме Бугарите во Уставот. Ама затоа Бугарија не мора да ги вметне Македонците во нејзиниот Устав бидејќи светските сили не можат „да го сменат бугарскиот Устав како што мисли опозициската партија, која смета дека е фактор број еден во светот“!

Ама нашиов „фактор“ бр. 1 заборава дека постои Совет на Европа којшто го бара од Бугарија – токму тоа? Или Советот на Европа не е таква „светска сила“ по негов ќеф? А на „факторов“ бр. 1 веднаш се надоврзува „факторот“ бр. 2 во надворешната политика, со еднакво бујна фантазија, и ги брани Бугарите дека, ете, она ВМРО некогаш потпишало некаков документ дека нема да се меша во малцинските права во Бугарија. Ама зошто тоа не им го каже на оние во Советот во Европа, да не им се мешаат на луѓето во нивните „интерни“ работи?! Како што молчи како сом и за она барање од истата „светска сила“ за амнестијата на „Хашките случаи“? Како фантазијата еднаш не им проработи во вистинската насока?

Како и да е, човек не може да не се запраша како е можно македонските највисоки политичари да не се свесни за глупостите што ги трескаат секојдневно, дека дури ни најзагрижените хроничари не би можеле доследно да ги забележат сите будалаштини на нивната фантазија, сите „тресоци“ на нивните летаргични сиви ќелии. Но, системот ни е така скроен токму од нив, не можете да ги поместите ниту за милиметар од нивните позиции без оглед колку се глупави и неспособни. Впрочем, ене ви ја онаа Данела во Скопје, „најдобрата“ европска менаџерка, сега и „лидерка“ на партија!

Но, всушност, тие и немаат којзнае каков проблем. Проблемот е – наш. Сите тие, на еден или на друг начин, ќе бидат згрижени: со апанажи, со фантастични пензии, повторно со возила и возачи…, некои од нив со дипломатски функции итн. Се згрижуваат меѓусебно, да не некому нешто му фали од стекнатите привилегии. Мачнината и тегобноста уште долго време ќе ја влече на свој грб само македонскиот граѓанин (од сите етнички провениенции), во потрага по некое цунами што ќе ги збрише криминалциве во власта.

Но, цунамито не доаѓа само од себе, потребен му е ефективен потрес – или да речам земјотрес, но оној народен, слободарски, масовен, некалкулантски – којшто би ја сменил политичката конфигурација на Македонија во секој поглед. Што, се разбира, воопшто не е лесно, уште помалку едноставно. Меѓутоа, и по којзнае кој пат, ако навистина ни требаат историски примери: зарем Крушево и 1903 биле детска игра со предвидлив завршеток, или можеби 11 Октомври? И што ќе се случело тогашните Македонци да размислувале како денешниве, онака комотно распиштолени во пиџамите и домашните влечки?

Или некој сака да ја спомне „Шарената револуција“ и негативниот резултат од истата? Па зарем пред 1903 немало други, неуспешни но сепак агилни обиди? Зарем пред Прилеп и Кумамново немало комунистички акции против окупаторот (бугарски, германски и италијански)? И тие, извинете, не биле производ на она „бујна машта лупа свашта“ од насловот туку биле реални акции за ослободување од опресијата на агресорот! Или овие денес некој не ги доживува како – агресори?

Е па, како што вели еден портал, ако е така, ако ви е добро – тогаш ништо. Останете со здравје!

Извор: Теодосиевски уметност 

 

Поврзани содржини