БУЏЕТОТ ЗА 2026 Е РЕАЛЕН Ќе има мерки за самовработување и за сузбивање на сивата економија
Пратеникот Малиша Станковиќ уверува дека приходите се остварливи и дека државата веќе гледа резултати од новите мерки.
Пратеникот од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Малиша Станковиќ, на денешната седница на Собранието изјави дека Буџетот за 2026 година е изграден врз реални економски показатели, а проектираните приходи се „целосно остварливи“.
Според него, очекуваното зголемување на приходите се должи на подобрената наплата на царини и концесии, како и на засилените активни мерки за вработување, кои бележат рекорден интерес кај граѓаните.
– Буџетот е поставен на 374,9 милијарди денари, што е за 6% повеќе од 2025 година. Овие средства се реални за собирање. Го земаме предвид зголемувањето на наплатата на царини и концесии и огромниот интерес за мерките за самовработување, дури 6.045 апликанти. Тоа значи дека во 2026 година ќе имаме повисоки приливи по основ на ново вработување – изјави Станковиќ.
Станковиќ посочи дека Владата веќе спроведува активности за намалување на сивата економија, која, како што рече, државата ја чини од 600 до 700 милиони евра годишно.
– Сивата економија мора да се сузбие. Воведувањето на е-фактурата е меѓу клучните мерки што овозможуваат подобра контрола и следење на нереализирани или скриени трансакции. Институциите започнаа да даваат резултати – истакна тој.
Пратеникот додаде дека заедно со другите реформи, овие мерки ќе обезбедат подобра финансиска дисциплина и повисоки буџетски приходи во наредната година.