БУЏЕТОТ ЗА 2026 ЌЕ БИДЕ СТАБИЛЕН И РЕАЛЕН Министерката уверува дека пензиите и платите се безбедни
Министерката за финансии вели дека сите обврски се покриени, капиталните проекти напредуваат, а пензиите и платите остануваат сигурни и стабилни.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска порача дека Буџетот за 2026 година е „развоен, реален и одговорен“, нагласувајќи дека граѓаните можат да бидат спокојни бидејќи државата е финансиски стабилна, сите обврски се покриени и пензиите и платите остануваат безбедни.
Во гостувањето во емисијата Тема на денот на Сител, таа објасни дека проектирањето на буџетот претставувало сериозен предизвик поради обврската за фискална консолидација.
– Предизвикувачки беше да се направи Буџетот за 2026 година, имајќи предвид дека ние се обврзавме на фискална консолидација, нешто што очекувавме дека ќе го спроведе претходната Влада, но тоа не се случи. За разлика од соседните земји што успеаја да се консолидираат, нам ни остана тој предизвик – изјави министерката.
Дополнителен товар, според неа, е обврската следната година да се вратат две милијарди евра, што, како што посочи, е резултат на „душманско и неконтролирано трошење“ на претходната власт. Сепак, увери дека станува збор за веќе преземен долг, а не ново задолжување.
– Граѓаните можат да бидат спокојни, не станува збор за нов долг. Напротив, целта е стабилизација и консолидирање на јавниот долг, што веруваме дека ќе го постигнеме порано од проектираните рокови – истакна таа.
Димитриеска-Кочоска објасни дека проекциите за приходите се внимателни и реални, а економскиот раст отвора можност тие да бидат и надминати. Расходите, рече, се планирани прецизно, со јасна аргументација за секое оптимизирање.
Се осврна и на критиките за наводно кратење на социјалната помош. Според неа, трошокот за гарантираната минимална помош се намалува бидејќи дел од граѓаните веќе се вработуваат, благодарение на подобрено управување и на состојбите на пазарот на труд.
– Голем дел од тие луѓе се здрави, работоспособни, и во услови на недостиг на работна сила тие веќе добиваат работа – рече министерката.
Таа подвлече дека лицата со попреченост продолжуваат да бидат приоритет.
– Во овој буџет лицата со попреченост се комплетно покриени. Фокус ни е секогаш да има средства за нив – додаде Димитриеска-Кочоска.
Министерката посочи дека бројките за капиталните инвестиции укажуваат на реални зафати: заклучно со 13 ноември реализацијата изнесува 22,1 милијарди денари, а по стара методологија 28 милијарди – 47,4% повеќе од минатата година. За 2026 година, буџетот предвидува 40 милијарди денари капитални инвестиции.
Таа потсети дека Буџетот ги опфаќа сите законски обврски: пензиите ќе бидат усогласени со законските методологии, вклучувајќи го априлското покачување од околу 1.000 денари, како и редовното септемвриско усогласување. Минималната плата и сите надоместоци исто така ќе се пресметуваат согласно постојните регулативи.
– Буџетот за 2026 е развоен, реален и одговорен. Сите обврски се покриени, капиталните проекти навистина се реализираат – заклучи министерката.