БУЏЕТОТ НА ОПШТИНА КАРПОШ НЕ Е ИЗГЛАСАН Вработените обвинуваат дека ќе страдаат граѓаните и нивните плати
Според нив, блокирањето на општинскиот Буџет од страна на советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коaлицијата, повлекува низа на сериозни проблеми со кои ќе се соочат сите граѓани на Карпош и тоа во најтешкиот и најдолгиот месец во годината.
Вработените во општинската администрација на Карпош, денеска протестираа бидејќи Советот на општината не успеа да го донесе Буџетот за годинава поради голем број амандмани кои ги поднесоа советниците на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и независни советници. Тие, како што наведоа во соопштението од протестот, се незадоволни и уплашени од последиците поради недонесувањето на Буџетот.
– Оваа нивна непромислена одлука, која е спротивна на уставниот поредок на Републиката, спротивна на законските одредби и спротивна на Деловникот за работа на Советот на Општина Карпош, го доведува под знак прашалник целокупното функционирање на локалната самоуправа. Со овој нивен чин, тие докажаа и покажаа дека работат спротивно на интересите на граѓаните од кои ги добија мандатите – велат вработените
Според нив, блокирањето на општинскиот Буџет од страна на советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коaлицијата, повлекува низа на сериозни проблеми со кои ќе се соочат сите граѓани на Карпош и тоа во најтешкиот и најдолгиот месец во годината.
-Помеѓу другото, редовното функционирање на Општината подразбира и одржување на хигиената на јавните површини, на урбаната опрема и и на детските игралишта. Доведени се во прашање и одржувањето на уличното осветлување, тековното одржување на сервисните општински улици и инфраструктура, односно водоводот, атмосферската и фекалната канализација, како и одржување на коловозот во зимски услови, односно чистење на снегот, (на само неколку дена пред најавата за обилни врнежи од снег) – велат вработените.
Тое сметаат дека членовите на Советот кои ја доведоа во ваква состојба општината го одзеле правото на граѓаните, дефинирано во Уставот на РМ како неприкосновено право на локална самоуправа, но ја довеле во прашање и исплатата на платите на вработените во општината, градинките и училиштата и реализирањето на договорите на привремено вработените во општината, училиштата и градинките.
-Тие го загрозија и правото на децата на предучилишно згрижување и воспитување, како и правото на децата жители на општината на основно образование. Со нивното несовесно и противзаконско работење, тие го доведоа во прашање функционирањето на Општина Карпош во секоја смисла на зборот. Што значи тоа? Тоа значи дека општината од 1 јануари 2024 година нема основ ниту пак средства да ги плати редовните режиски трошоци (телефон, струја, вода, греење) во општинските објекти, како и во училиштата и градинките. На тој начин на општинската администрација ќе и биде оневозможено правото на работа и извршување на работните обврски, бидејќи ќе бидеме лишени од основните услови за работа – велат вработените.
Тие сметаат дека во иднина тие нема да можат да бидат сервис на 70.000 жители на општината и затоа бараат Обвинителството да преземе мерки против незаконското и злонамерно работење на претседателот на Советот на општината.