Брзиот јазик ги посрамоти и Македонија и Фрчкоски, несудениот амбасадор во САД
Додека Заев и Османи чекаат агреман од САД, за да го обелоденат името на македонскиот амбасадор во Вашингтон, наши поранешни дипломати на шега велат дека и Годо ќе го дочекаат, ако министерот и премиерот не ја познаваат дипломатската пракса дека државата домаќин нема писмено да одговори ако не даде агреман.
Досега не се случило дипломат да не добие согласност од земјата домаќин, како што е случајот со професорот Љубомир Фрчкоски, владиниот предлог за амбасадор во САД. Ова е преседан. Вака реагираат поранешни дипломати со кои разговараше Плусинфо, а кои и покрај денешните тврдења на премиерот Зоран Заев и на минисерот Бујар Османи дека информацијата за Фрчкоски е шпекулација, велат дека Заев и Османи сега, откако ги посрамотија државата и професорот, се обидуваат топката да ја префрлат кај медиумите кои наводно објавиле невистинити информации.
За волја на вистината, ни Владата ни МНР не ги демантираа информациите кои подого време се објавуваа за името на предложениот амбасадор во САД, ниту пак беше демантирана информацијата дека тој како кандидат за дипломатската функција во САД бил утврден со одлука на владата, на затворена седница, во почетокот на февруари. И премиерот и министерот за надворешни работи денеска изјавија дека прво ќе чекаат да се добие агреман од САД, да заврши постапката со изборот на новиот амбасадор, па ќе го кажат неговото име.
Контактираме и со професорот Љубомир Фрчкоски, но тој само кратко ни рече:
– Нема да коментирам.
Додека Заев и Османи чекаат агреман од САД, за да го обелоденат името на македонскиот амбасадор во Вашингтон, наши поранешни дипломати на шега велат дека и Годо ќе го дочекаат, ако министерот и премиерот не ја познаваат дипломатската пракса дека државата домаќин нема писмено да одговори ако не даде агреман.
Поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски, кој прв на социјалните мрежи ја објави информацијата дека САД не му дале гостопримство на Фрчкоски како амбасадор, објаснува дека откако предложениот кандидат ќе помине на владина седница, државата бара од домаќинот согласност, но ако таа не се согласува со предлогот, никогаш нема писмено да извести.
– Агреманот, односно одобрението, согласноста за прифаќање на дипломатски претставник од друга држава, кој зависи од земјата домаќин, се дава откако ќе се направат сите проверки преку безбедносните служби, а доколку земјата не се согласува со предложениот кандидат, нема никогаш да ве извеси написмено. Заев, во случајов, сепак ја сфатил пораката за Фрчкоски – вели Милошоски.
На нашето прашање во кој случај еден кандидат не може да добие агреман од домаќинот, поранешниот министер објаснува дека една од причините може да биде ако проверките покажале дека кандидатот имал спорни контакти или ако има контроверзи за одредени дејствија што тој ги презел во текот на својата професионална кариера.
– Во случајот со Фрчкоски, проблематични се санкциите со Србија, можеби и лустрацијата – вели Милошоски.
Поранешен амасадор во САД за Плусинфо објаснува дека државата домаќин, кога дава агреман, всушност дава целосен имунитет за идниот дипломат. Ако во рок од шест недели земјата домаќин не ви одговори, тогаш е јасно дека предложениот кандидат не добил согласност за дипломатската функција.
– Во САД многу се внимава и на интегритетот на личноста која треба да ја извршува дипломатската функција, со посебна чувствителност се однесуваат кон личности кои се инволвирани во насилство – вели поранешниот амасадор во САД.
Професорот Фрчкоски, минатиот месец, како што пишуваа некои медиуми, добил согласност од Владата, по што веднаш почнала процедурата за обезбедување агреман, но дека нема одговор од Вашингтон. Во САД Македонија нема амбасадор, откако му истече мандатот на Васко Наумовски, пред повеќе од три години.
Деловникот за работа на Владата вели дека кога на затворена седница се разгледуваат материјали кои содржат класифицирани информации, генералниот секретар од редот на раководните државни службеници определува лице кое поседува соодветен безбедносен сертификат, за да присуствува на седницата.
„Кога се работи за информации што не може да се објавуваат, бидејќи се класифицирани, како и на лични податоци на граѓаните, согласно со закон со кој се уредува заштитата на податоците на граѓаните, Владата по предлог на ресорните министри или по сопствена оценка го определува начинот на општото запознавање на јавноста за материјалите и за информациите“, се вели во Законот за Влада.
Премиерот Зоран Заев денеска не сакаше да ги коментира пишувањата за Фрчкоски. Тој рече дека ниту Владата ниту било која институција коментира амбасадори додека не завршат постапките.
– Можам да потврдам дека ниту Владата, ниту било која институција коментира амбасадори додека не завршат постапките за било која земја, или на било кое ниво. Дури многу често и именувањето на почесните конзули не го коментираме додека не заврши постапката. Кога ќе завршат сите постапки, односно одлуки на влади, агреман од претседателот, агреман од земјата домаќин каде испраќаме амбасадор, соопштуваме, бидејќи седницата во парламентот е јавна – изјави Заев.
И шефот на дипломатијата Бујар Османи вели дека за имиња на амбасадори ќе се коментира откако ќе се добие агреман.
– Во ниту еден момент Министерството за надворешни работи нема споменато дека има таков кандидат или нема, или се повлекува… Од почетокот, до крајот, тоа се информации што се провејуваат низ медиумите. Во ниту еден момент ниту сме потврдиле, ниту сме демантирале. Додека не добиете официјално информација од МНР, сметајте ги како неофицијални информации – вели Османи.
За честитките што Фрчкоски ги добивал на социјалните мрежи за назначувањето за амбасадор, Османи вели „ние не одговараме за честитките по социјалните мрежи на ниту еден граѓанин на Северна Македонија“.
Во врска, пак, со именувањето на Андреј Жерновски за кандидат за амбасадор во седиштето на ОН во Њујорк, Османи вели дека и тоа е шпекулација.
– Во врска со именувањето на Жерновски, тоа е исто така прашање што произлезе од медиумите и во Министерството за надворешни работи тоа прашање не е отворено и не е разговарано – дециден е Османи.
За амбасадорското место во Софија, шефот на дипломатијата вели дека таа Амбасада треба да се пополни што побрзо и оти веќе се во разговори со претседателот на државата и со премиерот, за да се најде соодветен кандидат за Софија.