БРЗАТА ПРУГА ВО МАКЕДОНИЈА ЌЕ ОБЕЗБЕДИ ЕКОНОМСКИ ПРОЦУТ И ЗА АВСТРИЈА И ЗА УНГАРИЈА Ќе го скратиме времето за снабдување за Европа од 21 до 22 дена

Имаме амбициозна програма за изградба на брза железница, патничките возови ќе возат со 250 километри на час, но она што е важно се товарните возови, кои ќе возат 140 километри на час, со најдолгите можни возови кои возат низ Европа во моментов, 750 метри долги возови, рече вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски на панел дискусија на Економскиот форум во Виена.

189

Во Македонија моментно ги реализираме најкрупните капитални проекти за изградба на патната и железничката инфраструктура на главните транспортни коридори 8 и 10. Имаме визија преку развој на инфраструктурата да придонесеме за регионалниот развој, за економската стабилизација и за брз и сигурен транспорт кон Централна и Југоисточна Европа, истакна вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски на панел дискусија на Економскиот форум во Виена.

– Имаме мошне амбициозна инвестициска агенда усвоена од Владата. Би сакале да ја искористиме можноста, единствената географска локација што ја има државата, иако немаме излез на море, сепак имаме среќа што еден од европските коридори минува источно од нашиот главен град Скопје, Коридор 10, најдолгиот пан-европски коридор кој започнува во Атина, во пристаништето Переа и завршува во Финска, значи, целиот северо-западен европски коридор. Вториот е Коридор 8, кој ги поврзува Јонското и Јадранското Море со Црното Море, тоа е источно-западниот коридор на Југоисточна Европа. Ова е огромна можност за нас која сакаме да ја искористиме и почнавме мошне амбициозно со развивањето на овие коридори – рече Николоски.






Со Коридорот 10 во делот на автопатите состојбата е горе-долу добра, додаде тој.

– Има добра инфраструктура и добар автопат од границата со Србија до границата со Грција. Со Коридорот 8 ситуацијата не е толку добра, но почнавме да го развиваме. Па, или градиме или веќе сме завршиле или ќе изградиме автопати од границата со Албанија до границата со Бугарија. Во моментов ги реконструираме граничните премини и ги надградуваме, бидејќи би сакале да имаме пократко време на чекање на граничните премини. Вкупната инвестиција во автопати и експресни патишта на Коридор 8 ќе биде околу 1,5 милијарда евра, што за нашата економија, е навистина нешто огромно и нешто што е значајно – рече Николоски.

Го развиваме и Коридорот 10д – коридорот кој го крати растојанието меѓу Атина и Скопје, додаде министерот за транспорт и ако во моментов се патува 8 до 8 и пол часа, со ова ќе се скрати на 5 до 5 и пол часа.

– Од наша страна го градиме најголемиот автопат што е некогаш изграден во државата, околу 55 километри, а од другата страна градат и Грците и тоа е делот кој недостига од сложувалката, па се надевам дека кога од Виена ќе патувате кон Атина ќе скратите барем 3 часа со она што го градиме сега – рече тој.

Железницата за нас е огромен предизвик, додаде, но истовремено и огромна шанса.

– Со развивање на железничкиот коридор 10, брзата железница, може да го скратиме времето за снабдување за Европа од 21 до 22 дена. Зашто, ако сега пловилото минува низ Суецкиот канал, минува низ Средоземното Море, Гибралтар, Хамбург, Антверпен, Ротердам или северните пристаништа. Единствената причина поради која северните пристаништа се користат во толкава мера е затоа што имаат добра инфраструктура до централна Европа. Но, ако успееме да создадеме добра инфраструктура на железницата на коридор 10, бидејќи тоа е најевтиниот и најбрз начин за транспортирање на стоки, тогаш тоа време може да се скрати на 21 до 22 дена – рече Николоски.

Имаме амбициозна програма за изградба на брза железница, патничките возови ќе возат со 250 километри на час, но она што е важно се товарните возови, кои ќе возат 140 километри на час, со најдолгите можни возови кои возат низ Европа во моментов, 750 метри долги возови, објасни Николоски.

– Веќе има брза железница меѓу Атина и Солун, меѓу Белград и Будимпешта, ќе биде во функција од пролет, Будимпешта-Виена е горе-долу добра инфраструктура и она што ни недостига е Белград-Ниш-Скопје-Солун. Веќе имаме договор со нашите грчки пријатели, се сретнав со вицепремиерот на Грција пред еден месец, тие ќе го изградат делот кај нив што недостига, од Солун до нашата граница, а ние почнуваме на пролет следната година со изградба на нашиот проект. Тоа ќе биде најголемиот проект во Југоисточна Европа, иако ние сме една од најмалите држави во тој регион – рече Николоски.

Инвестицијата ќе биде околу 2 милијарди евра, додаде.

– Бидејќи не сме членки на ЕУ, имавме две алтернативи: да потпишеме со Кинезите, не е тајна дека тие дојдоа уште на првиот ден кога започнавме како Влада, понудија заем без камата, ако градиме со нив. Но, ние мислевме дека од витално значење за Европа, бидејќи коридорите, особено железничките, користат мошне иновативна сигнализација што може да се искористи и за други работи, покрај железницата, решивме да потпишеме договор за стратешко партнерство со Велика Британија. Имаме 5 милијарди фунти, 6 милијарди евра на располагање, од кои 2 ќе ги искористиме за овој проект, со добри услови. За жал, не можам да ги споделам условите сега, бидејќи сè уште се доверливи, но кога ќе се откријат, мислам сите ќе се согласат дека се поволни. Очекуваме да почнеме следната година и да завршиме во 2031 година, бидејќи се работи за двојна пруга, а првата, товарната ќе заврши во 2028 година – рече Николоски.

Очекуваме, додаде тој, само од Коридор 10 во правата година откако ќе биде завршена железницата, да имаме приход од користењето на железницата од околу 120 милиони евра, само за транзит.

– Тековниот приход е 12 милиони, само за споредба, а потоа и ќе се зголемува, па може да замислите каков процут ќе биде тоа за економијата за Австрија, за Унгарија, бидејќи тоа се копнените пристаништа од каде што се движат стоките кон остатокот на Европа – објасни Николоски.

Втор е Коридор 8, тој е мошне важен за безбедноста, за политиката.

– Од страната на автопати, веќе инвестираме многу, а развиваме и железнички коридор. Минатата недела имавме церемонија со бугарскиот вицепремиер, потпишавме договор за заедничко спојување, ќе се споиме со тунел, познатиот тунел кој беше дел од политички кампањи и спорови меѓу двете земји. Сега тоа прашање е решено. Очекувам добар напредок. Имаме три делници за спојување на главниот град со границата со Бугарија. Првата е веќе во функција, од јануари годинава, втората ќе биде готова во октомври следната година, а третата, соработуваме со ЕИБ и ЕБРД и се надевам дека со промените нема да ни треба многу време, бидејќи дадов политичко ветување дека ќе го објавам тендерот во декември, па зависи колку ќе трае истражувањето на пазарот. Се надевам нема да трае три месеци и дека ќе може да го објавиме повикот во декември, па ќе можам да ве поканам напролет за церемонијата на поставување камен темелник на третата делница од автопатот што треба да нè поврзе со Бугарија. И од другата страна вложуваат големи инвестиции, морам да ги поздравам. Од наша страна ние веќе инвестираме околу 800 милиони евра, Бугарите инвестираат 1,2 милијарда евра, па вкупно ќе потрошиме околу 2 милијарди евра заедно да ги поврземе Скопје и Софија – нешто што е сон на многу генерации, нешто за што сме учеле во основно, во средно училиште – рече Николоски.

Ние, со бугарскиот вицепремиер, имавме среќа да го потпишеме овој договор, се надевам и нашите албански пријатели ќе се приклучат, бидејќи ова ќе има смисла ако сите се поврземе, потенцира министерот.

– Следниот предизвик е да го развиеме западното крило од железницата и истото да го направи и Албанија, па се надеваме дека до 2031 година прво ќе имаме редовна линија од Скопје преку Софија до Бургас, а потоа зависно од брзината на нашите албански пријатели, да го поврземе и Јонското Море – објасни вицепремиерот Александар Николоски.

Поврзани содржини