БРЗАТА ПРУГА ЌЕ СЕ ИЗГРАДИ ЗА 5 ГОДИНИ, ПРВИТЕ ЕФЕКТИ ЌЕ СЕ ВИДАТ НА ДЕЛНИЦАТА СКОПЈЕ-ВЕЛЕС Николоски очекува мега победа на локалните избори

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски очекува убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ, „ултра мега“, која се темели на анкетите, но и од расположението од средбите со граѓаните и нивната перцепција за работата на Владата.

2,219

Најголем дел од парите од Договорот со Британија ќе бидат наменети за пругата, железницата и за коридорите. Брзата пруга од Табановце до Гевгелија откако ќе почне да се гради треба да биде готова за 5 години, вели вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

– Првите ефекти од пругата ќе се видат побрзо, на пример делот од пругата Велес-Скопје ќе се изгради побрзо, но во целата должина пругата ќе биде готова за пет години – вели Николоски во гостување во емисијата на ТВ Сонце.






Во врска со туризмот и зголемениот број авио линии, Николоски рече дека резултатите од тоа се веќе видливи.

– Откако сме избрани, 11 нови дестинации има од скопскиот и охридскиот аеродром. Само во мај има 101.000 туристи повеќе од мај лани. Туризмот расте со најголемо темпо во државава, 20 проценти раст имаме во споредба со лани и раст број еден за туризмот во Скопје, а Охрид е број 2. За мене тоа е логично, затоа што начинот на туризмот се менува, повеќето луѓе патуваат да ги видат големите центри, а ние сега го имаме Скопје на мапата – вели Николоски.

Прашан за очекувањата од локалните избори тој рече дека очекува убедлива победа, „ултра мега“, која се темели на анкетите, но и од расположението од средбите со граѓаните и нивната перцепција за работата на Владата.

– Утре заминуваме во Гевгелија, се пушта т.н. западен булевар. Тоа е обиколница на Гевгелија, ветувана од време на комунизмот. Правиме реконструкција на сè што е улица во Гевгелија и првпат се гради мост кога излегуваш на автопатот и кога влегуваш во Гевгелија. Луѓето го гледаат ова и нормално дека нам поддршката во Гевгелија ни е огромна. И за секој град има вакви проекти – вели Николоски.

Тој го посочи како пример и Кавадарци каде, вели, инвестира и општината на чело со градоначалникот Митко Јанчев и Министерството за транспорт.

– Во моментов се градат водоводни и канализациски системи во вредност од 3 милиони евра, улици се градат во вредност од 7 милиони евра, проектирана е обиколница на Кавадарци која што ќе ја гради ЈПДП, со проценета вредност од околу 30 милиони евра. Проектираме пат до Грција, да се отвори трет граничен премин кој што би одел под Кавадарци, а од другата страна да излегува кај Лутраки, правиме спојка Кавадарци – Неготино обиколница и директен излез на автопат – рече Николоски.

Поврзани содржини