БРЗ РЕФЕРЕНДУМ И НОВ ГРАЃАНСКИ УСТАВ Е СПАСОТ Македонската нација треба да биде граѓанска нација, вели Петар Богојески

„Македонските избугарени и московизирани политичари немаа визија за иднината, па ни донесоа ваков Устав кој е главен катализатор на постојани кризи и национални катастрофи. Ако влезат Бугарите во Уставот на овој начин на кој замислиле живковистите во Софија и нивните измеќари тука во Скопје, тогаш слободно можеме да констатираме враќање на Македонија во 19 век, збогување од ЕУ засекогаш, бидејќи после тоа, или ќе станеме сите Бугари или само ќе ја сонуваме Европа. Ќе се вратиме во времето на пропагандите, ќе се активираат и Србите и македонското живо ткиво ќе биде повторно расчеречувано“, вели Богојески од Македонски концепт, во интервју за Плусинфо.

1,791

Ставовите на Петар Богојески од Македонски концепт за македонско-бугарските односи и особено за предлогот за измените на Уставот во последните два месеца предизвикаа бурни реакции во јавноста. Тоа беше повод за ова интервју со него.

  • Господине Богојески, барањето на Софија Бугарите да влезат во македонскиот Устав стана клучно за продолжување, или, да бидеме попрецизни, за почеток на преговорите на Македонија со Европската унија. Интересно е дека во Договорот за добрососедство ова барање воопшто не се спомнува. Како тоа наеднаш стана услов без кој не се може?





– Ме радува тоа што во самото прашање прецизиравте дека преговорите со ЕУ сѐ уште не се започнати. Бугарија во целост го напушти Договорот за пријателство со Македонија и се врати целосно на нивната живковистичка доктрина за непријателство. Внесувањето на Бугарите во македонски Устав, како услов за почеток на преговори со ЕУ, настана поради неспособните и неписмени македонски „купи ден помини“ политичари, а тоа беше направено со македонска согласност на т.н. „бугарски предлог во француски бои“. Но, тоа е, што е! Денес бугарските живковистички соништа се дел од преговарачката рамка на Македонија со ЕУ. Како понатаму?

Два клучни потега на Македонија ќе нѐ извадат од оваа каша. Прво, брз референдум најдоцна до мај 2023, а до август прогласување на нов граѓански Устав. Така пропаѓа во вода бугарскиот сон, а исто и протоколот со ЕУ. Од тој момент понатаму, индивидуалните граѓански права на македонската етничка заедница во Бугарија и доколку постои нивна во Македонија ќе се развиваат и негуваат по највисоки ЕУ стандарди во двете земји, без меѓусебно мешање во внатрешни работи на соседот. Нашиот народ бара реципроцитет, а ова е единствено можен со Бугарија. Сѐ друго е лага и голема глупост, особено таа за Македонци во бугарски устав, па Бугари во македонски.

Втор чекор е потпишување нов договор со Бугарија за оставинска постапка, налик на Преспанскиот. Од нас и нив зависи дали сакаме да се разграничиме на темите на „бугаризмот“ или да продолжиме да го негуваме заедничкото историско и културно наследство, двете држави. Можеме слободно да избереме. Со Преспа се направи сукцесија врз „македонизмот“ со Грција, што беше погрешно, за што во иднина нашата партија планира нов договор Преспа 2.0, со кој ќе станеме блиски партнери со Грција, токму на база на заедничкото македонско и територијално, историско и културно наследство. Што ќе избереме со Бугарија, тоа ќе имаме. Но, најважно, со тој нов „бугарски договор“ ние треба засекогаш да ги затвориме сите мрсни соништа на живковистите во Софија, за во иднина да не можат да пречат на нашата интеграција во ЕУ.

Со тоа, Бугарија ја отстрануваме како пречка, а новата преговарачка рамка со ЕУ, растоварена од бугарски желби, а натоварена со реални европски критериуми за подобрување на квалитетот на животот на реалниот човек во земјава, сите ќе нѐ обедини и ние длабоко ќе зачекориме во таа интеграција.

  • Луѓе од владејачката гарнитура во Скопје постојано и упорно велат – нема ништо лошо во тоа Бугарите да влезат во Уставот. Оваа теза се брани со фактот дека во уставната Преамбула веќе има еден подолг список на делови од други народи што живеат во Македонија, па нема зошто кон списокот да не бидат придодадени Бугарите, Црногорците и Хрватите. Зошто допишувањето токму на Бугарите би претставувало проблем?

– Владејачката гарнитура нема поим што говори. Дел од неа, од условно албанскиот блок, мисли дека има интерес од распарчување на единството на македонското етничко ткиво, а останатиот дел од власта има интерес од останувањето во фотелја, па макар продале и родена мајка за тоа. Не е исто Хрват, Црногорец или Бугарин, зашто првите двајца немат проблем со постоењето на нас, Македонците, додека пак третиот има патолошка потреба да не постоиме, за тој да биде Бугарин. Во спротивно, ако постоиме Македонците, тогаш и тој мора да биде или Македонец или нешто како аспарухов Бугарин. Проблемот е исклучително голем. Во Бугарија има преку 3 милиони етнички Македонци, а постоењето на истите таа држава го гледа како опасност за својата државност. Ние треба да им помогнеме да се растоварат од тој страв и да знаат дека ние немаме интерес да ја уништуваме бугарската државност. Единствено што сакаме е добрососедство, пријателство, соработка и партнерство во рамки на ЕУ и на Обединета Европа.

Ние сме против влез на Бугарите во Уставот, не зашто ги мразиме нив, Црногорците или Хрватите, туку зашто тоа е спротивно на нашата партиска доктрина и вредности. И тука нема простор за друга дискусија или убедувања. Ако влезат Бугарите во Уставот на овој начин на кој замислиле живковистите во Софија и нивните измеќари тука во Скопје, тогаш слободно можеме да констатираме враќање на Македонија во 19 век, збогување од ЕУ засекогаш, бидејќи после тоа, или ќе станеме сите Бугари или само ќе ја сонуваме Европа. Ќе се вратиме во времето на пропагандите, ќе се активираат и Србите и македонското живо ткиво ќе биде повторно расчеречувано.

  • Преамбулата има свој наратив, своја „приказна“ за создавањето на македонската држава. Се спомнуваат Крушевската република, АСНОМ и Охридскиот договор. Како се вклопуваат Бугарите во тој наратив?

– Преамбулата на актуелниов Устав е десеткувана од Заев и од Димитров, со промената на Уставот во 2018 година. Таму се избришани клучните документи за македонската државност, во кои јасно беше наведена бугарската окупација за време на Ввтората светска војна. Тоа тие го направија под „натиск“ од бугарските шовинисти, кои беа секој втор ден во нивните кабинети и домови. АСНОМ во основа е десеткуван.

Во новиот граѓански Устав, ќе си бидат сите државотворни акти на македонската државност, вклучително и тие од пред Илинден – што беше наш предлог од Македонски концепт и во 2018 година, но немавме пратеници за тоа – потоа од времето на Илинден и секако АСНОМ, а Македонија ќе прославува државност од 1944 година до денес, а не од 1991 година. Времето на Југославија не може да се карактеризира како окупација, зашто после влегување во ЕУ, исто ќе си постои Македонија како за време на Титова Југославија и тоа не може да значи трета државност, туку наш државен континуитет.

Сите овие акти од македонската историја во себе ги содржат најголемите слободарски дострели, кои биле ненадминати и своевремено, но и денес. Тие Гоцеви идеали за културен натпревар помеѓу народите, тие републикански – граѓански идеали од Крушевскиот манифест за Македонија на сите кои се родени и живеат во неа, без разлика на вера, народност и убедувања, тие се ненадминати до ден денес и се дел од светските демократски вредности и стандарди. Затоа се прифатливи да бидат темел на современата македонска држава на сите македонски граѓани.

  • Вие подолго време се залагате за т.н. граѓански Устав. Тоа би било концепт според кој Преамбулата ви утврдила дека Македонија е држава на нејзините граѓани и тука некаде би се ставила точка. Не би се набројувале Македонци, Албанци, Турци и сите други. Со тоа се враќаме во почетокот на 1990-тите, кога се водеше расправа за оваа работа и кога провладееа потребата во Уставот да се каже дека Република Македонија е држава пред се на македонскиот народ, а потоа и на другите национални малцинства. Мислите дека е реално да се напушти тој концепт?

– Нашиот предлог е Македонија да биде национална држава на сите македонски граѓани, без разлика на нивната етничка определба. Македонската нација ќе биде граѓанска нација со обединувачки национален идентитет на демократска политичка заедница на суверени граѓани на одредена територија, создадена како резултат на економски, политички и културни потреби и случувања низ времето и просторот на Македонија. Таа не се базира на етнички или биолошки маркери. Нашата граѓанска нација дозволува самоопределување и себерепрезентација на етничките идентитети, доколку истите не се манифестираат како етнички или верски шовинизам, омраза и нетрпеливост.

Граѓанската нација се идентификува со носителите на македонското државјанство и со придобивките од истото. Не бара искоренување на етничките заедници, но поттикнува нивна индивидуализација и индивидуална припадност кон истите, без елементи на асимилација, преку акултурација во хегемонично мнозинската етничка култура.

Доколку сакаме напредна, просперитетна и прогресивна држава на еднакви можности за сите, интегрирана во богатитот свет, која ќе создаде продуктивно општество во кое ќе биде гордост да си Македонец, тогаш ќе го напуштиме советскиот модел на уставност и ќе преминеме во современиот свет, не само од 21 век, туку однапред подготвени за 22 век. Ние го имаме билетот за тоа, тој е детално опишан во Доктрината на Македонски концепт, која ве повикувам да ја прочитате. Визија за следните 50 години, визија за раст и развој, за слобода и спокој, визија за солидарност и домаќинско поведение.

На нас, етничките Македонци, никој не може да ни ја одземе нашата етничка или државна определба. За граѓански Устав загинаа нашите бранители, а не за ваков бинационален. Да останеме заветени на нашите илинденски и слободарски идеали. Да ја почитуваме жртвата на сите борци за независна Македонија низ вековите, нив не смееме да ги изневериме.

Концептот од 1990-тите е одамна напуштен со новиот антиконцепт од почетокот на овој век, од 2001 година. Тој нѐ носи до друга катастрофа, до бинационалност и нови воени конфликти. До распад по теркот на советскиот блок и југословенската трагедија. Тоа не ни треба. Тоа треба итно да биде напуштено, а не надградено со Бугари во истиот, со амбиција за тро или четиринационалност. Катаклизма за македонската кауза.

  • Впечаток е дека приказната „Бугари во Уставот“ се турка под доминантен притисок на политичките претставници на Албанците во Македонија. Веројатно чувствителноста кај нив е помала, бидејќи не е засегнато албанското прашање. Како би реагирале Албанците на една можна промена на концептот во Преамбулата во насока на она што вие го нарекувате „граѓански устав“?

– Албанците треба да знаат дека тие се најбезбедни и во нивни интерес е македонскиот сепаратизам и постоење на македонската посебност. Тие сега тргнаа по лош пат и нѐ предадоа на бугарските интереси. Доколку ние сме дел од големата Бугарија или големата Србија, тогаш Албанците во Македонија, слободно нека си потпишат „смртна пресуда“. Добро нека размисли Ахмети и Османов, што прават со инсистирањето и спроведувањето на бугарските доктрини! Не за нас, за себе нека размислат! Ова, на пример, го разбраа Грците и со нив веќе се отвараат нови перспективи. Исто така, одамна го имаат разбрано и Турците и Србите. Време е и Албанците да им откажат љубов на Бугарите за нивните мрсни московски соништа. Во спротивно, Албанците дирекно ќе станат спроведувачи на стратегиите на Путин за Балканот виа Софија и za уништување на идејата за европеизација и обединување на цела Европа.

Јас знам дека руското влијание кај Албанците е традиционално и огромно. Но тие мора да се ослободат од истото, а ние Македонците сме тука да им помогнеме. И ние имаме наши репрезенти во таа насока. Тоа заедно ќе го надминеме. Имаме и пријатели во таа борба.

Албанската УЧК беше воено поразена во 2001 година, а нејзините припадници капитулираа, прифатија амнестија, а со тоа признаа терористичка вина, по што беа интегрирани во македонскиот систем. Македонските бранители се бореа за унитарна, слободна и европска Македонија на сите граѓани и етнички заедници и победија во таа битка. УЧК се поклони на идеалите на македонските Бранители за унитарна Македонија, се откажаа од нивната желба за поделба и освојување на територии, па така поразени влегоа во политиката. Денес Ахмети постојано повторува дека ја прифатиле унитарната агенда на македонските победници. Албанските политички претставници во 1991 година, но и во 2001 година, предлагаа токму таков граѓански Устав. Македонските избугарени и московизирани политичари немаа визија за иднината, па ни донесоа ваков Устав кој е главен катализатор на постојани кризи и национални катастрофи.

  • Една ваша прогноза за периодот пред нас. Ќе успее ли владејачката коалиција да обезбеди двотретинско мнозинство за промена на Уставот до терминот на редовните парламентарни избори во 2024 година?

– Потребна е македонска офанзива, македонски прогресивен патриотизам. Тој ќе нѐ избави од меѓусебните кавги, поделби и клевети, а ќе донесе решенија за иднината. Едно од тие решенија на тој прогресивен патриотизам е токму ова со граѓанскиот Устав.

Нема потреба од двотретински мнозинства, насилство и нахилие. Ако се повтори сценариото од преспанското гласање во парламентот, ќе има дестабилизација во земјава со можност да прерасне во крваво сценарио. Доколку некој од странство тоа го поттикнува, ќе направи дестабилизација на јужното крило на НАТО. Тоа не е во наш заеднички интерес. Нашиот предлог е јасен, референдум и сите 120 пратеници заедно ќе донесат граѓански Устав. Крај на кризата, решена е Бугарија, одиме во Европа. Сите заедно, како македонски граѓани од новиот век.

На нас, етничките Македонци, никој не може да ни ја одземе нашата етничка или државна определба. За граѓански Устав загинаа нашите бранители, а не за ваков бинационален. Да останеме заветени на нашите илинденски и слободарски идеали. Да ја почитуваме жртвата на сите борци за независна Македонија низ вековите, нив не смееме да ги изневериме.

Токму во ваква граѓанска, независна, суверена, демократска и европски интегрирана Македонија, ние ќе ја постигнеме нашата полнота како Македонци и ќе го живееме идеалот – Македонија за Македонците.

Поврзани содржини