БРВЕНИЦА НЕ Е МЕСТО ЗА ПОДЕЛБИ МЕЃУ ГРАЃАНИТЕ Сработени се 90% од предвидената програма, Илиевски оди на втор мандат
Граѓаните да гледаат што се работи и што е сработено, а не да оценуваат врз основа на етничка припадност, политичка припадност или неприпадност, порача Мицкоски.
Владата, во рамки на проектот за финансирање на општините, поддржува проекти коишто ги изработи Општина Брвеница кои се за сите граѓани, во сите населени места, без разлика дали се со мнозинско македонско, мнозинско албанско или со мешано население, изјави премиерот Христијан Мицкоски денеска во Брвеница.
– Мораме да разбереме дека поделбите не носат иднина. Мораме да разбереме дека обединувањето, заедништвото е тоа коешто треба да биде заеднички именител на сите жители овде во Општина Брвеница. Граѓаните да гледаат што се работи и што е сработено, а не да оценуваат врз основа на етничка припадност, политичка припадност или неприпадност. Јас сум убеден дека со својата речиси четиригодишна работа, градоначалникот заслужи доверба на жителите на Општина Брвеница и по втор пат и заедно со Владата ќе направиме уште многу проекти во следниот четиригодишен мандат како градоначалник овде во Општина Брвеница – рече Мицкоски.
Тој му честита на градоначалникот Јовица Илиевски за сето она што го работи, а се заблагодари и на сите пратеници од Полошкиот Регион, коишто се борат за Општина Брвеница и за Полошкиот Регион.
– Неговата работа навистина е инспиративна. Повеќе од 90-тина проценти од програмата којашто беше зацртана е исполнета – додаде премиерот.