БРУТО НАДВОРЕШНИОТ ДОЛГ ПОРАСНА НА 11,4 МИЛИЈАРДИ ЕВРА Само во вториот квартал овој долг е зголемен за 3,1%
Од банката велат дека оваа квартална промена на надворешниот долг е резултат на зголемениот приватен долг и јавен долг.
На крајот на јуни годинава, бруто надворешниот долг изнесува 11,397 милијарди евра (или 80,3% од проектираниот БДП) и бележи квартално зголемување од 3,1%. Во истиот период бруто надворешните побарувања изнесуваат 7,07 милијарди евра, соопшти Народната банка.
Според банката, поголемото квартално зголемување на обврските во однос на побарувањата доведе до зголемување на нето надворешниот долг за 121 милион евра, така што на крајот на јуни 2023 година тој изнесува 4,324 милијарди евра.
Доколку од долгот се исклучи ефектот од специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка , бруто-долгот бележи квартално зглемување од 195 милиони евра.
Од банката велат дека оваа квартална промена на надворешниот долг е резултат на зголемениот приватен и јавен долг.
Во вториот квартал прриватниот долг е зголемен а за 187 милиони евра, а јавен долг за 8 милиони евра. Растот на приватниот долг се должи на зголемениот долг на капитално поврзаните субјекти (за 108 милиони, евра), приватните банки (за 41 милион евра) и на небанкарскиот приватен сектор (за 37 милиони евра).
Кварталното зголемување на јавниот надворешен долг од 8 милиони евра е резултат на зголемувањето на долгот на секторот „држава“ и на јавните банки и јавните претпријатија за по 6 милиони евра, при намалување на долгот кај централната банка за 4 милиони евра.
Кај бруто надворешните побарувања ,кварталната промена, според банката е резултат на зголемените приватни побарувања за 168 милиони евра и зголемените јавни побарувања за 48 милиони евра.
Кварталниот раст на надворешните побарувања кај приватниот сектор е резултат на зголемените побарувања на капитално поврзаните субјекти (за 115 милиони евра), депозитните институции (за 50 милиони евра) и останатите сектори (за 3 милиони евра). Растот на јавните побарувања се должи на зголемените побарувања на централната банка.
Во вториот квартал негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 226 милиони евра и изнесува 8,357 милијарди евра, што претставува 58,9 отсто од проектираниот БДП за 2023 година.