БРУТАЛНО УБИСТВО ВО ПОДГОРИЦА Црногорски мафијаш изрешетан во кафуле, војната меѓу клановите се разгорува
Убиениот Иван Милачиќ претходно беше осуден на тригодишна затворска казна за продолжено кривично дело поврзано со недозволено поседување оружје и експлозив. Иако беше осомничен за убиството на гангстерот Саша Кликовац во јули 2020 година, судот го ослободи од одговорност во февруари годинава.
Подгоричанецот Иван Милачиќ (28), кој според безбедносните служби бил означен како член на Шкаљарскиот клан, бил убиен синоќа во подгоричкото кафуле „Таормина“ на улицата Светозар Марковиќ, објави српски Блиц.
Милачиќ беше осуден на 3 години затвор поради продолжено кривично дело – недозволено држење оружје и експлозивни материјали. Тој беше осомничен за убиството на гангстерот Саша Кликовац во јули 2020 година, но беше ослободен од обвинението во февруари оваа година.
Од Управата на полицијата соопштија дека синоќа, 5 минути пред полноќ, дошло до употреба на огнено оружје на улицата Светозар Марковиќ во Подгорица, при што едно лице загинало, а едно било повредено.
Службениците на полицијата, како што додаваат, преземаат итни и сеопфатни мерки и активности во соработка со јавниот обвинител од Вишото државно обвинителство во Подгорица, со цел утврдување на сите факти и околности околу настанот, идентификација, лоцирање и приведување на извршителот, како и расветлување на целиот случај.
– За понатамошниот тек на активностите, јавноста ќе биде известувана по фази – додаваат од Управата на полицијата.
Неодамна убиени двајца припадници на „Кавчаните“
Во Подгорица, во Стара Варош, на 16 јули беше убиен Игор Недовиќ, врз кого пред 2 месеца, според полицијата, пукал Аријан Реќковиќ.
Осомничениот за обидот за убиство на Недовиќ е во бегство и официјално е осомничен за убиството.
Според истражителски извори за весникот Побједа, Недовиќ бил близок со Шкаљарскиот клан, но подоцна се приклучил на „Кавчаните“.
Истата вечер, во Барселона, беше убиен и Филип Кнежевиќ, за кого истражителите собрале докази дека ги убил двајцата „шкаљарци“ на Крф.