БРУТАЛНА ТЕПАЧКА ВО СТРУГА Тројца напаѓачи претепале млад маж, жртвата барала спас кај минувачи
Струшкото обвинителство поведе итна постапка против две полнолетни лица, како и еден малолетник за насилството што го извршиле во Старата чаршија.
Основното јавно обвинителство Струга поведе итна постапка и поднесе обвинителен предлог против две полнолетни лица од селото Радолишта, кои се товарат за кривично дело – Насилство по член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Истовремено, ќе биде поведена постапка и против еден малолетник, исто така од Радолишта, како соизвршител во случајот.
Инцидентот се случил на 21 јуни во Старата чаршија во Струга. Сѐ започнало како вербална расправија меѓу оштетениот и тројцата обвинети, но ситуацијата брзо ескалирала.
– Оштетениот се обидел да побегне стравувајќи од физички напад. Во тој момент му паднал мобилниот телефон, па се вратил да го земе, но токму тогаш бил нападнат, бил турнат на земја и брутално претепан со тупаници и клоци по целото тело – соопштија од Обвинителството.
Жртвата повикувала помош од случајни минувачи, но застанал само еден возач кој излегол од автомобилот и побарал од напаѓачите да престанат со насилството. Оштетениот, со видливи повреди, гребаници и набиеници по главата и телото, се засолнил во блиско кафуле, каде ја дочекал полицијата. Подоцна бил префрлен во струшката, а потоа и во охридската болница за понатамошно лекување.
– Со бруталното однесување, обвинетите не само што го повредиле оштетениот, туку предизвикале и чувство на загрозување и страв кај присутните граѓани – велат од ОЈО Струга, додавајќи дека предложиле продолжување на веќе изречената мерка притвор за полнолетните сторители.
Малолетникот ќе биде третиран согласно Законот за правда на децата.