БРУТАЛНА ПРЕСМЕТКА СО НАВРЕДИ И КЛЕВЕТИ Џабир Дерала и Иван Мирчевски партал се сторија
Директорот на Канал 5 најави тужба против уредникот на Цивилмедиа, но и посета на „една голема амбасада“ којашто наводно го поддржува порталот на Дерала.
Инцидентот на телевизијата Канал 5, кога Исмет Рамадани го нападна водителот на емисијата „Само вистина“ Александар Видиновски за национализам, а директорот Иван Мирчевски се јави за да го отстрани гостинот од студиото, најверојатно ќе заврши на суд.
Но, ќе се судат Мирчевски и Џабир Дерала, уредникот на Цивилмедиа.
„Џабир Дерала, спремај се за судски рочишта, заедно со твојот ментор, ликот со иницијали М.З.“, му порача Мирчевски на Дерала.
Претходно, во колумна на Цивилмедиа, Дерала остро го нападна Мирчевски.
„Незнаење, простотилак, грубијанство и насилништво се главните карактеристики на актот на директорот на ТВ Канал 5 кој изврши дрзок и непримерен упад во емисијата ‘Само вистина’ и буквално (!) го избрка гостинот од студиото – угледниот интелектуалец и експерт, Исмет Рамадани. Неговиот дивјачки и навредлив настап беше преполн со омраза и презир, а со флоскулите за меѓуетничките односи успеа само да ги открие своите длабоко националистички позиции“, напиша Дерала.
Мирчевски возврати со колумна на електронската публикација Канал 5.
„Џабир Дерала, дали си свесен дека поддржуваш замолчување на професионалното новинарство кое според Устав е загарантирано?“, напиша тој, оценувајќи го настапот на Рамадани како „најбрутален обид за наше новинарско и професионално замолкнување, односно се обиде да ни посочи дека не треба поставуваме прашања кои ја интересираат јавноста, а лично нему не му се допаѓаат“.
„Периодот на закани, режими, центри за манипулации и ширење на лаги изгледа сѐ уште постои но на друга адреса, но за среќа Канал 5 ТВ веќе подолг период е на патот кон ЕУ и професионализмот во нашата медиумска фела.
Истовремено, поздрави го твојот ментор кој ни праќаше промотивни пораки за тебе, човекот кој мислам дека беше вработен во оваа Влада и еве, кој ќе го именувам ‘Месна Заедница“, затоа што ќе мора да се соочите – не со мене, туку со домашната и меѓународната интелектуална јавност, поради вашите безочни спинувања. Уште еднаш, и ти и твојот другар М.З. сте тие кои директно работите против слободата на говорот.
Можеби вие сакате да ја уредувате најгледаната емисија ‘Само вистина’? Аххх… да. Ќе потсетиме една голема амбасада која е твој донатор и ќе ги прашаме – дали ќе поддржуваат и понатаму ликови каков што си ти?“, му одговори Мирчевски на Дерала.