БРТ СИСТЕМОТ ТРЕБА ДА ПРОДОЛЖИ ДО САРАЈ И ДО ДРАЧЕВО Мицкоски не се откажува од брзиот систем со автобуси

Треба со европските финансиски институции да ги обновиме разговорите, дали сè уште стои тој заем, дали можеме да го модифицираме заеднички техничкото решение, да не уништуваме зеленило, вели премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

157

Главната причина за проблемите во Скопје, нечистотијата и јавниот превоз, е тврдоглавоста на градоначалничката Данела Арсовска, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски.

Во врска со одговорноста на советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, кои се најмногу на број, Мицкоски вели дека Арсовска не покажала интерес за градење односи и за правење компромиси.






– Изминативе денови на јавната сцена слушам оправдување, демек еве, советниците на ВМРО-ДПМНЕ ги кочеле проектите, што не е апсолутно точно. Зошто тоа не е точно? Затоа што лидерството не подразбира апсолутизам – јас сум најпаметен, јас сум тој што ќе каже нешто и тоа е тоа, без да има обид за компромис или барање заедничко решение. Тоа не е лидерство. Градоначалничката ја испушти шансата да разговара со советничките групи, да разговара со менаџментите во јавните претпријатија, со управните одбори и да наоѓа компромис. Не можете ако тргнете од две сосема спротивставени страни, вие воопшто да не се поместите, за да се обидете да најдете компромис, туку да останете на вашата страна, чекате другите да ви се доближат, тоа не е компромис – вели Мицкоски во интервју за „360 степени“ на МРТ1.

Рече дека кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски е докажан, вреден и амбициозен и докажал дека ги решава проблемите, а не бега од нив.

– За разлика од Арсовска, Орце е човек кој што го познавам од најмладите години, уште како член на УМС, тој израсна во навистина еден човек на кој што можеме да се потпреме, да му веруваме, амбициозен. Човек кој нуди решенија за проблемите и човек кој што ги решава проблемите, не ги заобиколува, не бега, вреден, чесен и тоа го покажа како градоначалник на општина Кисела Вода. И јас сум убеден дека со својот пристап уште во првите минути од моментот кога ќе ја преземе позицијата градоначалник на Град Скопје ќе покаже разлика, а заедно ќе направиме историска разлика споредено со сето она искуство кое што го имаме од минатото – посочи Мицкоски.

Тој смета дека во Скопје нема да има втор круг на изборите за градоначалник и ги повика скопјани да ја дадат довербата за Ѓорѓиевски уште во првиот круг, со цел веднаш да се зафати со работа.

Мицкоски рече дека не се откажуваат од проектот БРТ (бас рапид транзит) за јавен превоз во Скопје.

– Од тој не се откажуваме, но ќе биде модифициран, затоа што таков каков што е предвиден, на таа траса, зборувам за трасата што треба да го поврзе источниот со западниот дел на градот и да заврши до Ѓорче Петров, цениме дека треба да биде продолжена најмалку до Сарај и да се изнајде техничко решение. Истовремено да се развива и другата линија север-југ, којашто треба да ги поврзе Бутел со Кисела Вода и тој дел на градот до Драчево. Така што од тоа, апсолутно не се откажуваме, треба со европските финансиски институции да ги обновиме разговорите, дали сè уште стои тој заем, дали можеме да го модифицираме заеднички техничкото решение, да не уништуваме зеленило. Мислам дека во неколку месеци можеме тоа да го операционализираме доколку постои расположение од другата страна и веднаш да тргнеме со допроектирање, очекувам реално 2026, 2027 да почнат теренските активности – рече Мицкоски.

Поврзани содржини