БРОДОВИ, ХЕМИКАЛИИ, КОМПАНИИ Европа ги усогласи новите санкции за Русија

Во случај на унгарско вето, Европската комисија разгледува алтернативни правни механизми, како што се воведување на капитални контроли и тарифи, кои би можеле да се усвојат со квалификувано мнозинство.

241

Амбасадорите на земјите-членки на Европската унија го усогласија 17-тиот пакет санкции против Русија. Министерскиот совет треба официјално да го потврди наредната недела.

Иако Унгарија не го блокираше овој пакет, постои загриженост дека Будимпешта повторно ќе се спротивстави на продолжувањето на економските санкции во јули, кога ќе биде потребна едногласна согласност на сите 27 земји-членки за нивно продолжување.






Во случај на унгарско вето, Европската комисија разгледува алтернативни правни механизми, како што се воведување на капитални контроли и тарифи, кои би можеле да се усвојат со квалификувано мнозинство.

Во фокусот на новиот удар на ЕУ кон Москва се речиси 200 дополнителни танкери, дел од таканаречената „флота во сенка“, што Москва ја користи за да ги избегне постојните ограничувања. Станува збор за дотраени, неосигурени бродови, кои го прикриваат потеклото на нафтата со лажни податоци и исклучени транспондери. Постојат и сомнежи дека некои од нив се вмешани во саботажи врз подводна инфраструктура.

Со овие мерки, вкупниот број санкционирани бродови се искачи на околу 350. Сите имаат забрана за влез во пристаништата на ЕУ.

Дополнително, санкционирани се 30 компании кои учествувале во заобиколување на рестрикциите, особено преку трговија со производи со двојна намена. Новите ограничувања ги погодуваат и фирми од земји како Србија, Турција и Виетнам, осомничени дека посредуваат во снабдување на руската војска.

На листата се додадени и 75 поединци и правни лица поврзани со рускиот воено-индустриски сектор. ЕУ воведува и целосна забрана за извоз на одредени хемикалии што може да се користат за изработка на ракети.

Заедно со новите мерки, Унијата испрати и јасна порака – ако Русија не го прифати предложеното тридневно примирје, поддржано од САД, ќе следат „масовни санкции“.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц ја предупреди Москва дека неделава очекува вистински напредок кон мирот. Тој го повика рускиот претседател Владимир Путин да се сретне со украинскиот лидер Володимир Зеленски во четврток, 15 мај, во Истанбул, за да разговараат за можен прекин на огнот и политичко решение.

Поврзани содржини