Брнз: Не може да има изговор за ваков акт на политичко насилство
Знам дека од ова ќе излеземе посилни и оти доаѓаат подобри денови - напиша американската амбасадорка на Твитер.
Американската амбасадорка во Северна Македонија, Кејт Мери Брнз во објава на Твитер ги осуди насилствата во американскиот Конгрес во Вашингтон.
– Благодарна сум за изразите на грижа и поддршка од пријателите и партнерите во Северна Македонија кои ја пренесоа својата верба во силата и отпорноста на американската демократија. Знам дека од ова ќе излеземе посилни и оти доаѓаат подобри денови – напиша американската амбасадорка на Твитер.
Таа посочува дека не може да има изговор за ваков акт на политичко насилство, како што беше нападот врз Капитол хил во средата.
– Претставува утеха што овие акти на насилство беа осудени ширум САД и во светот и само по неколку часа, нашиот Конгрес го потврди изборот на Бајден како иден претседател на САД, а претседателот Трамп вети уредна и беспрекорна транзиција на власта на 20 јануари – напиша Брнз на својот официјален Твитер профил.
Пред два дена толпа поддржувачи на претседателот во заминување Доналд Трамп упаднаа во американскиот Конгрес, при што животот го загубија пет лица.