Брнабиќ: Владата одлучи да не го протера црногорскиот амбасадор
Вучиќ побара од владините претставници да ја преиспитаат оваа нивна одлука во желба Србија уште еднаш да подаде рака на соработка и пријателство, бидејќи во регионот имаше многу конфликти.
Србија вечерва еднострано ќе ја повлече одлуката за протерување на црногорскиот амбасадор од земјата, изјави премиерката Ана Брнабиќ по состанокот со претседателот Александар Вучиќ и министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ.
– Претседателот Вучиќ ја разбира и поддржува оваа одлука, бидејќи е во согласност со Виенската конвенција и протоколите. Но, ни кажа дека конвенциите се важни, но дека животот и нашето пријателство со Црна Гора се поважни – рече Брнабиќ.
Србија синоќа го прекина гостопримството на амбасадорот на Црна Гора, откако Црна Гора го прогласи српскиот амбасадор во Подгорица за персона нон грата.
Брнабиќ потсети дека тоа е сторено во согласност со член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи.
Вучиќ побара од владините претставници да ја преиспитаат оваа нивна одлука во желба Србија уште еднаш да подаде рака на соработка и пријателство, бидејќи во регионот имаше многу конфликти.
Брнабиќ додаде дека тие, исто така, се консултирале и со претставниците на српскиот народ во Црна Гора, кои ја поддржале ваквата сменета одлука.