Британскиот сој ни ја замрси ситуацијата со короната
Во однос на анализата на Институтот за имунологија според која секој трет граѓанин има антитела за вирусот, Филипче рече дека треба да се направи добра анализа во однос на репрезентативноста на податоците поради присуството на нов сој на вирусот во земјава што, како што рече, малку ја менува ситуацијата.
Останува полицискиот час од 22 до 5 часот. Викендов или во почетокот на следната недела ако има потреба ќе се воведат нови рестриктивни мерки. До тогаш ќе се менаџираат сите капацитети во болниците во земјава со цел да се сместат сите пациенти заразени со коронавирусот кои ќе имаат потреба од тоа.
Според последните податоци на Комисијата за заразни болести, констатирано е дека во оние градови каде што имаше значајно зголемување на заболените сега има намалување, таков е примерот со Валандово, Крушево, Кавадарци и со Прилеп. Зголемување на заболените има во Скопје, Гостивар и во Велес.
– Комисијата за заразни болести и јас лично сме секојдневно активни и ја следиме состојбата во земјата, регионот и во Европа. Гледаме дека некои држави имат многу повеќе рестриктивни мерки од нас Франција, Шпанија, Германија, Србија има мерки за 5 дена. Апсолутно ја владееме состојбата, на 14 дена Комисијата му дава на министерот препорака и анализа што ни се случувало во минатите 14 дена и претпоставка што би се случило во следните. Ако има спектакуларно зголемување на бројки ќе го известиме министерот порано. Навлегуваме во динамиката на движење на вирусот. Имам предвид нови мерки меѓутоа не е време за тие мерки – рече Караџовски.
Сите ковид центри во земјава се во функција. Во Гевгелија и во Велес се користат тие центри, а модуларните одделенија во Прилеп и во Битола се спремни и можат да бидат пуштени.
Петта недела во земјава има постојан раст и зголемување на активните случаи со коронавирусот.
Според министерот Венко Филипче, во болниците има 1.100 пополнети болнички места.
– Притисокот посебно во Скопје беше навистина голем и правевме систем на координација со сите директори. Во функцијата е и едно одделение на хируршките клиники. Има сосема доволен број болнички кревети – рече тој.
Досега против коронавирусот се вакцинирани 5.300 здравствени работници.
Во однос на анализата на Институтот за имунологија според која секој трет граѓанин има антитела за вирусот, Филипче рече дека треба да се направи добра анализа во однос на репрезентативноста на податоците поради присуството на нов сој на вирусот во земјава што, како што рече, малку ја менува ситуацијата.
– Може да се направи анализа за имунитет на еден сој во цела држава, но кога имаме други соеви тоа ја менува епидемиолошката слика – појасни Филипче.