Вршителот на должноста министер за здравство на Косово, Арменд Земај објави дека во земјата се потврдени случаи на лица заразени од новата, таканаречена британска, варијанта на коронавирусот.
Земај на прес-конференција попладнево информира дека од 30 примероци кои се испратени за анализа во Германија, со оглед дека Косово се уште нема капацитети за тој вид анализа, британската варијанта на вирусот е откриена во три случаи.
– Изминатите денови Институтот за јавно здравство на Косово испрати 30 примероци во Берлин во Германија, со цел да се испита дали новата варијанта на коронавирусот е присутна во Косово, откако истата се откри во над 70 земји во светот. Резултатите на овие анализи покажаа дека три примероци резултираа позитивни на британската варијанта Б117 – изјави Земај.