Британскиот сој ги преполови лекарите од Заводот за кардиоваскуларни болести во Охрид
Заводот информира дека непречено ќе функционира згрижувањето на сите итни случаи и Салата за интервентна кардиологија ќе биде на располагање 24/7 за третман на сериозни и животозагрозувачки состојби.
Дел од лекарите и медицинскиот персонал од Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ во Охрид се заразени со британскиот сој на коронавирусот, што во значајна мера ја отежнува дејноста на институцијата.
Состојбата во болницата е комплексна, но установата останува отворена за пациентите и за итните случаи.
– Последниве денови сведоци сме на зголемен број на ковид-19 позитивни во целата земја, а Охрид е еден од најпогодените градови. Веќе неколку недели сме помеѓу градовите со највисок број активни случаи по број на жители во земјата. Од неодамна, од Министерството за здравство имаме и официјални податоци дека во Охрид и регионот е изразено висока застапеноста на британската мутација, која се одликува со значајно повисока преносливост. Ваквата состојба, за жал, не нѐ заобиколи и нас како установа која непрекинато ја врши својата дејност во услови на пандемија, но неколку месеци наназад во посебен оддел третира и ковид-пациенти. Сакаме да потенцираме дека во ковид-одделот кај нас се третираа најкомплексни пациенти од целиот регион и многу од нив имаа потреба од неинвазивна и инвазивна респираторна поддршка. Но, и покрај сѐ, ги информираме нашите пациенти дека непречено ќе функционира згрижувањето на сите итни случаи и Салата за интервентна кардиологија ќе биде на располагање 24/7 во функција на третирање на сериозни и животозагрозувачки состојби. И натаму, ќе работи ургентна амбуланта за оние кои имаат потреба од итен преглед – соопшти Заводот.
Истовремено оттаму апелираат до пациентите да бидат внимателни, да избегнуваат ризични контакти и да останат дома до постигнување на колективна имунизација.