БРИТАНИЈА ПРОДАВА 20 „ТАЈФУН“ АВИОНИ НА ТУРЦИЈА Најголем договор за борбени летала во последните 20 години
Историски чекор за британската авио-индустрија – договорот со Турција вреден 8 милијарди фунти го зацврстува НАТО и ја спасува производната линија на „Тајфун“.
Велика Британија и Турција постигнаа историски договор вреден до осум милијарди фунти (10,7 милијарди долари), со кој Турција ќе купи 20 борбени авиони „Еурофајтер Тајфун“ и ќе биде вклучена во програмата за развој на европскиот борбен авион.
Британскиот премиер Кир Стармер го потпиша договорот за време на својата официјална посета на Анкара.
– Победа за британските работници, победа за британската одбранбена индустрија и победа за безбедноста на НАТО – рече премиерот.
Ова е најголемиот договор за продажба на борбени авиони во речиси две децении и прва нова нарачка за британските „Тајфун“ уште од 2017 година.
Стармер истакна дека овој потег е стратешки значаен за Алијансата.
– Да се има тој капацитет зацврстен со Обединетото Кралство е навистина важно за НАТО – изјави премиерот во Турција.
Според британското Министерство за одбрана, договорот обезбедува речиси 6.000 работни места во фабриките на „BAE Systems“ во Вартон и Самлсбери, каде се врши финалното склопување на авионите.
Програмата дополнително поддржува 1.100 работни места во југозападна Англија, меѓу кои и во фабриката на Ролс-Ројс во Бристол, како и 800 работни места во Шкотска.
– Ова е најголемиот договор за извоз на авиони во една генерација и клучен елемент на растечкото индустриско партнерство меѓу нашите две земји – изјави британскиот министер за одбрана Џон Хили, потсетувајќи дека Турција бара купување на „Тајфун“ уште од 2023 година.
„Еурофајтерите“ се заеднички производ на Обединетото Кралство, Германија, Шпанија и Италија, при што околу 37% од производството се одвива во Британија.
Во јули годинава, Хили потпиша меморандум за разбирање со турскиот министер за одбрана, со што беше отворен патот за извозниот договор.
Според најавите, првите испораки на авионите ќе се реализираат до 2030 година, а договорот ја спасува производната линија во Вартон.
Посетата на Стармер на Турција е негово прво патување во земјата откако стана премиер, иако веќе неколку пати се сретнал со претседателот Реџеп Таип Ердоган на меѓународни самити.
Премиерот положи венец во мавзолејот на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на модерна Турција, пред да го финализира договорот во претседателската палата во Анкара.