БРИТАНЦИТЕ СЕ ПОСТРОГИ КОН ИМИГРАЦИЈАТА ОД АМЕРИКАНЦИТЕ Речиси 80% сметаат дека нелегалните доселеници треба да се вратат дома
Иако Обединетото Кралство е поотворено кога станува збор за семејството, сексуалноста и за религијата, во однос на имиграцијата и разновидноста се забележува спротивен тренд.
Жителите на Обединетото Кралство имаат построги ставови за имиграцијата и помалку веруваат дека општествената различнист ја зајакнува заедницата, во споредба со Американците, покажува ново истражување.
Резултатите укажуваат дека вообичаеното мислење дека Велика Британија е социјално полиберална од САД не важи за сите теми.
Националниот центар за социјални истражувања, кој го спроведе истражувањето, утврди дека поддржувачите на британската партија „Реформа Обединето Кралство“ се построги од приврзаниците на американскиот претседател Доналд Трамп во ставовите дека нелегалните имигранти не треба да останат во земјата. Додека седум од десет приврзаници на Трамп (70%) го делат тој став, кај поддржувачите на британската партија процентот е повисок – 79%.
Истражувачите објасниле дека целта им била да разберат „како се разликуваат ставовите на јавноста во Велика Британија и во САД“ и до кој степен двете општества се поларизирани.
Проучувањето покажало дека 42 отсто од Британците сметаат дека треба да се преземат законски мерки за депортирање на имигрантите без дозвола, наспроти 33 отсто од Американците.
Жителите на САД се покажале како поотворени кон различноста: 64% од испитаниците таму веруваат дека разновидноста го зајакнува општеството, во споредба со 49% во Велика Британија.
Слични се и резултатите за прашањето колку е важно отвореното општество за националниот идентитет – 63% од Американците сметаат дека тоа е суштински дел од националната припадност, додека во Британија само 49% го делат тој став.
Директорот на Националниот центар, Алекс Шоулс, изјави дека „идејата дека Велика Британија е полиберална во социјалните односи од САД не важи за сите теми“.
– Иако Обединетото Кралство е поотворено кога станува збор за семејството, сексуалноста и за религијата, во однос на имиграцијата и разновидноста се забележува спротивен тренд – вели Шоулс.
Тој додаде дека во Велика Британија најостри се поделбите околу имиграцијата и националниот идентитет, додека во САД поларизацијата најмногу се однесува на социјалните прашања и на улогата на државата.
Кога станува збор за теми како абортусот, контрацепцијата и истополовите бракови, Британците се значително полиберални од Американците.
Огромно мнозинство, 92 отсто, од луѓето во Велика Британија сметаат дека лесната достапност на контрацепцијата е добра за општеството, наспроти 78 отсто во САД.
Шест од десет Британци (59 проценти) мислат дека легализирањето на истополовите бракови е позитивно, додека во САД тоа мислење го делат само 34 отсто.
Што се однесува до правото на абортус, 86 проценти од Британците веруваат дека треба да биде законски дозволен во сите или во повеќето случаи, наспроти 63 отсто во САД.
Интересно е што и покрај построгите ставови кон имиграцијата, гласачите на „Реформирај го Обединетото Кралство“ имаат полиберални ставови за абортусот – 82 отсто го поддржуваат, во споредба со само 35 отсто од поддржувачите на Трамп.