БРИСЕЛ ВРШИ ОГРОМЕН ПРИТИСОК, АМА УНГАРИЈА НЕ СЕ ОТКАЖУВА ОД ПРАВАТА НА УНГАРЦИТЕ ВО УКРАИНА Нема да попуштиме за ова, вели Сијарто

и покрај овој притисок, цврсто инсистираме дека Украина мора да ги врати сите национални права што ѝ беа одземени на унгарската етничка заедница во Закарпатието во 2015 година - рече Сијарто.

425

Унгарската влада нема да попушти пред притисокот од Брисел во врска со прашањето на етничките Унгарци во Закарпатието, на западот од Украина, и цврсто ќе инсистира Украина да ги врати етничките права што им ги одзеде од 2015 година, изјави денеска шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто.

На состанокот на парламентарниот комитет за национална кохезија Сијарто рече дека преговорите на различни нивоа со украинското раководство за прашањето на етничките Унгарци во Закарпатието сè уште се во тек.






– Ние не сакаме и нема да попуштиме по ова прашање на никаков начин. Под огромен притисок сме од Брисел. На секој состанок на Советот за надворешни работи и на секој состанок на Европскиот совет, Брисел, институциите, Европската комисија и владите на неколку земји-членки се обидуваат да нè натераат да се откажеме од инсистирањето на враќање на правата на унгарската етничка заедница во Закарпатието – рече тој.

Според него, „Брисел и огромното мнозинство земји-членки на ЕУ во моментов веруваат дека е погрешно што Унгарија се залага за враќање на правата на етничките Унгарци во Карпатскиот басен, вклучително и оние во Закарпатието“.

– Меѓутоа, и покрај овој притисок, цврсто инсистираме дека Украина мора да ги врати сите национални права што ѝ беа одземени на унгарската етничка заедница во Закарпатието во 2015 година – рече Сијарто.

Тој изјави дека е лага дека унгарската Влада не е подготвена да преговара.

– Украинците шират пропаганда во Брисел и во европските земји, лажејќи дека ги вратиле правата на унгарската етничка заедница во Закарпатието. Тоа воопшто не е случај. Постојано има ветувања и убави зборови, но до денес не се направени никакви законски измени што би укажале на враќање на правата – рече тој.

Сијарто додаде дека суверената унгарска надворешна политика е сè уште во сржта на националната политика и дека владата се залага за правата на сите унгарски заедници низ целиот свет.

– Посветени сме и во иднина да им пружиме секаква можна поддршка на етничките Унгарци што живеат надвор од границата. Постојано сме во консултации со организациите што ги претставуваат унгарските национални заедници надвор од границата и пружаме помош во согласност со барањата на етничките Унгарци – рече Сијарто.

Поврзани содржини