Браво МВР!
МВР ги спречи најавените бугарски дивеења, а министерот, Оливер Спасовски, е единствен којшто го осуди и вандалскиот напад врз Културниот центар на Македонците во Благоевград. Никој друг не се огласи. Не реагираше ниту МНР, Бујар Османи, а тоа беше негова основна службена должност. Веројатно молчеше бидејќи во тоа нема ќар за албанската кауза.
Кај нас, власта секогаш се критикува. И кога не е во право, ама и кога е. Така се девалвира сопствената објективност, за што никој не се грижи. Кога власта ќе направи нешто добро, а кај нас тоа е доста ретко, коректно е да ѝ се одаде и признание. Масовни погрешни критики имавме и деновиве, токму за мерките на МВР во однос на бугарската агресија од провокатори, најавени за чествувањето на роденденот на Гоце Делчев, на 4 февруари 2023 година.
Одговорно може да се тврди дека МВР, на најсоодветен начин, спречи сериозен инцидент, за којшто ќе јавуваа сите светски медиуми. Воопшто не треба да биде спорно дека Бугарија сакаше, очекуваше, ама и подготвуваше чествувањето на Делчев да биде одбележaно со што поголемо насилство. Се разбира, од наша страна. На максимален начин, планираа настанат да го (зло)употребат против Македонија, и за домашниот пазар, ама и за светот. Тоа, тие и не го криеја. Отворено најавија дека масовно ќе дојдат во Скопје, и целта беше, со што повеќе народ, да ги игнорираат и предизвикаат Македонците, и да покажат дека Гоце е нивни. Имаше и повик во таа смисла. Нивната фондација „Македонија“, не е приватна иницијатива. Зад неа, секако стои – државата. Не е важно, на кој начин.
По повод годишнините на Гоце, Бугарите никогаш до сега не доаѓале организирано и масовно на неговиот гроб. Тоа јасно сигнализира значајни промени во нивните приоди против Македонија. Политиката им е 150 годишна, и немаат никаква намера да ја менуваат, додека тактички се прилагодуваат. Цел на нивните подготовки беше, исто како и настаните на границата, што повеќе да не изрезилат, и да му докажат на светот дека ние сме дивјаци, коишто не заслужуваат да влезат во Унијата. Софија е свесна дека членките на Унијата се се’ позаситени со нивните фантазмагории, коишто и ги прават на Македонија, и затоа се обидуваат да им докажат дека вината е кај нас. Настаните сврзани со Мара Бунева, ја имаа истата задача и добро е што МВР не реагираше соодветно, иако тоа може да се смета и како наша неорганизираност и некадарност. Ако се случеше инцидент, Софија ќе ликуваше.
Практично, со отворањето на фашистичките клубови, Софија започна нова, максимално агресивна политика во односите со Македонија. Се занесуваат дека, со организирање на провокации во земјава, ќе им се зголемува бројот на тие што во себе ќе откријат „бугарско чувство“, и така ќе го забрзаат процесот на наше бугаризирање. По пат, се разбира, за тоа и добро ќе плаќаат. Дека е така, директна потврда е случајот со нарко обвинетиот од Охрид, сега национален херој на Бугарија, и примен од бугарскиот национален шовинист, и сегашен претседател, Румен Радев. Целта беше да се покаже дека се’ исплатува да се освестиш како „Бугарин“ во Македонија. Радев го претвори тоа во – професија!
Арно ама, народот убаво дефинирал – со сила аир не бидува. Поаѓајќи од таквите нивни намери, замислете што се’ можеше да се случи во и околу црквата „Свети Спас“, ако на денот на роденденот на Делчев, во Скопје дојдеа и само 150-те најавени и редуцирани провокатори? Првичните нивни намери беа таа бројка да биде многу поголема, ама се намали по посетата на нивниот МВР на Скопје. Станаа свесни дека, и за интересите на Бугарија, настанот може да биде ризичен.
Врз таа основа, нашето МВР мораше да ги планира мерките. Македонија е веќе подолго време соочена со необјавена војна од страна на Бугарија, и сите контакти со нив мора да се прифаќаат со голема резерва. Во секоја прилика, мора детално да се анализираат нивните вистински намери. Токму затоа, слободно може да се оцени дека нашето МВР, сите потребни мерки за овој настан, ги спроведе на високо ниво. Се’ беше на начин којшто соодветствува на сериозна држава. Македонија немаше избор и мораше така да реагира. Бевме ставени пред свршен чин. Бугарската масовна офанзива против Македонија е во полн ек и ние мора(в)ме да се браниме. На достоинствен начин, МВР ги спречи можните бугарски провокации, и некој одлично констатира – покажавме дека, сепак, не сме село без кучиња.
Воопшто не треба да има дилеми дека новиот, нагласен бугарски интерес за чествувањето на Гоце, е резултат на многубројните наши досегашни капитулантски постапки кон Софија, коишто се случија во последните неколку години. Со голема сигурност може да се тврди дека и во овој случај, како и до сега, Софија очекуваше, и веројатно беше сигурна, дека пак ќе го свиткаме ‘рбетот, и ќе ги проголтаме кнедлите и понижувањата коишто веќе подолго време ни ги сервираат. Веројатно затоа беше и нагласената бугарска арогантност. Добро е што тоа не се повтори.
Тоа е нашата реалност, нашиот сегашен ќор – сокак, којшто може да се менува само на долгорочна основа. Деновиве, имавме конкретен тежок предизвик, најавена непријателска агресија, и се’ мораше да биде концентрирано во барањето на оптимални решенија. Резултатот е повеќе од позитивен.
МВР ги спречи најавените бугарски дивеења, а министерот, Оливер Спасовски, е единствен којшто го осуди и вандалскиот напад врз Културниот центар на Македонците во Благоевград. Никој друг не се огласи. Не реагираше ниту МНР, Бујар Османи, а тоа беше негова основна службена должност. Веројатно молчеше бидејќи во тоа нема ќар за албанската кауза.
Добра беше и најавата на ВМРО ДПМНЕ, дека членовите на нивниот Патриотски институт ќе кампуваат крај гробот на Гоце и нема да дозволат негово сквернавење од бугарските инквизитори. Тоа беше сериозно предупредување за Софија, ама сигурно имаше влијание и за добрата реакција на МВР.
Блокадите коишто МВР ги направи околу црквата „Свети Спас“ беа секако оправдани и неизбежни. Можеби беа премногу рестриктивни во однос на новинарската фела и тоа може да се земе како грешка, ама сѐ друго беше потребно. Не заборавајте – во војна сме! Една од неизбежните последици на такви ситуации е и ограничување на движењето, колку и да е тоа непријатно. Од таа гледна точка неколкуте контролни пунктови пред црквата беа добро решение. Замислете, да дојдеа 150 и повеќе провокатори пред црквата? Тие ќе провоцираа и ќе бараа конфронтација, којашто ќе беше крајно тешко да се избегне. Потоа, Македонија ќе беше на тапет и во Брисел и секаде. Софија ќе славеше.
Нашите граѓани оправдано се жалеа што не им беше овозможено нормално да му се поклонат на великанот, ама причините за тоа беа во Софија, не во Скопје. Впрочем, тие можат тоа да направат кога сакаат.
Најпаметно, пак, беше што бугарските провокатори беа спречени да влезат во земјата. Техниката со која беше тоа спроведено беше врвна, светска. Системите секаде паѓаат, нели? Радува што полицајците на граничните премини беа и пофалени, и наградени. Го заслужија тоа.
Пофалба заслужува и фактот што МВР донел одлука за забрана на влез во Македонија на лицата коишто не провоцираа среде Скопје, во настанот сврзан со Мара Бунева. Очигледно е дека на таа листа беа и џамбазот, којшто го срами Европскиот Парламент, и бугарскиот пратеник. За да се намали бугарскиот резил сврзан со оваа мерка, по посетата на Скопје, нивниот МВР изјави дека лично ги молел нив двајца да не доаѓаат за Гоце. Тој не прецизира, ама речиси е сигурно дека им пренел дека нема да ги пуштат да влезат во Македонија. Тоа можел да му го каже само министерот Спасовски. Браво, ако е така. Ако доаѓаа, тие ќе направеа нов зулум на границата, ама и ќе се посрамотија. Заслугата е повторно на нашето МВР.
За крај, и едно потсетување. Благодарејќи на бугарската инвазија, и ние се свестивме дека должно внимание треба и мора да му посветуваме на Гоце. Да не одиме подалеку, минатата година, иако беше јубилејна – 150-та годишнина од раѓањето, одбележувањето беше скромно и срамно. Наградите „Гоце Делчев“, не се доделени веќе неколку години… Како „космополити“, не сака(в)ме да ги вознемируваме емоциите на нашите „браќа“, Бугарите. Годинава, пак, тие како да нѐ разбудија?
Дај Боже да останеме будени и во периодот којшто следува и да ставиме крај на бугарските малтретирања. Тоа е можно само со откажување на договорот за (не) пријателство и двата протоколи.